Отрезнувачките кошмари на бугарските политичари | Информации и анализи за Балкан | DW | 05.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Отрезнувачките кошмари на бугарските политичари

Додека чекаме Заев да потпише анекс, Турците бараат да ја признаеме турската историја, Иранците- нашето персиско потекло, Грците ни забиваат нож в грб, а во Варна пристигнуваат Русите. Козерија на Даниел Смилов

Еден бугарски политичар си прилегна откако го стигна дремка по обилниот ручек. Но, наместо мирен сон го зафати опасен кошмар: 

...

На почетокот, премиерот на Северна Македонија Заев лесно потпиша анекс на Договорот за добрососедство, признавајќи дека неговата земја систематски ја крадела бугарската историја и генерално имала вештачки национален идентитет. Секако, имаше посебна клаузула во анексот „Гоце е Бугарин“ (не стануваше збор само за поранешниот претседател на Бугарија Георги Парванов).

Но, по оваа триумфална дипломатска победа, сонот набрзо доби кризен карактер. Високиот бугарски политичар некако се најде на аеродромот „Враждебна", каде што слета мешана делегација од Турција, Азербејџан и Туркменистан. Уште не симнати од скалите, дипломатите на трите земји се размавтаа со некаква нацрт-спогодба.
Во неа пишувало дека во периодот 681-860 година Бугарите имале заедничка турска историја. И дека бугарската нација тогаш е вештачки создадена од христијанската интернационала во Византија во соучесништво со Словените. Турците се заканија дека ќе не преплават со бегалци ако не потпишеме историско признание за ова прашање, а Азербејџанците ги вклучија споменатите историски клаузули во договорите за гас. Туркменистан, од друга страна, едноставно повика на почитување на историската вистина. 

-слични теми: Маринов: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија

Речиси истовремено, на аеродромот пристигна и иранска делегација, којашто пак, ги оспоруваше тврдењата на Турците и ни предлагаше да потпишеме договор за иранското потекло на Бугарите. Под услов, да го поддржиме Иран во судирот со САД и да го прогласиме Хезболах за хуманитарна организација.
И додека политичарот се расправаше со Турците и Иранците во „Враждебна", Грците ја удрија Бугарија од зад грб. Му беше соопштено дека нивната историска делегација подмолно се провлече низ Кресненската клисура и се најде директно во незаштитената зграда на Владата.
(Така е, кога немаме жичена ограда на грчката граница, помисли политичарот).

Без многу предговор, Грците веќе го поставија ултиматумот: да се потенцира во нашите учебници цивилизациската улога на Византија во бугарските земји и да не се става толку голем акцент на нашето воено спротивставување на империјата. Нацрт-договорот, предложен од нивната делегација, содржел и посебна клаузула за императорот Василиј Втори, Бугароубиецот!

Тој требало понијансирано да биде разгледуван во бугарските учебници и да не се заборави неговата улога на цивилизатор и прв лидер на христијанскиот свет во многу тешки времиња. Доколку не ги исполниме овие барања, Грците се заканиле дека ќе го блокираат усвојувањето на европскиот буџет и особено 12 милијарди евра за Бугарија од фондот за реконструкција.

Разгневениот политичар опсул во сон, ги избегнал Турците и Иранците и побрзал да ја одбие дрската византиска историска агресија. Во тој момент алармантно заѕвонува неговиот телефон.

Тој беше информиран дека руската Црноморска флота е закотвена во Варна, а Санстефанскиот мировен договор се вееше на знаме приковано на копје. Русите исто така дошле со долг список на барања за историско признавање, почнувајќи од военото пријателство меѓу средновековна Бугарија и Киевска Русија, минувајќи низ потребата да се изградат нови споменици на Советската ослободителна армија и завршувајќи со тезата дека рускиот гас е како воздухот и сонцето за бугарскиот народ.  Дипломатите на големата земја, исто така, инсистирале учебниците по бугарска историја да бидат препишани од Костадин Костадинов и Волен Сидеров, заедно со тим научници од Московскиот државен универзитет. Капак на се, Царево требало одново да се прекрсти во Мичурин.

Додека се мислеше дали да го фати авионот за Варна или директно да се јави во НАТО, политичарот доби друга порака, која помалку го насмеа.  Романска делегација со кожни мевови го преминала Дунав кај Никопол и побарало од нашата влада да го признае Второто бугарско царство како заедничко со Романците (поради куманското потекло на многу наши цареви). Политичарот мудро решил да ги испрати Романците да се расправаат на таа тема со турската делегација, бидејќи Куманите му се чинеле и како турско племе. Тој сакаше да добие на време за да ја разгледа целокупната одбранбена стратегија на земјата. 

-слични теми: Ќосев: Бугарите талкаат низ историјата

Одеднаш разврската дојде од најнеочекуваното место. Додека политичарот очајно собираше контрааргументи и правеше списоци со историчари за различните заеднички комисии, тој го вклучи Си-Ен-Ен во надеж дека светот сè уште не дознал за конфузната ситуација во која се наоѓа Бугарија.  Но она што го виде во вестите, всушност го порази.
Никој не беше заинтересиран за Бугарија, бидејќи програмата грмеше со уште побомбастични вести за историски прашања. Шведска, Данска и Норвешка сакаа Велика Британија да запре со кражбата на историјата на Норманите и да признае дека англиската нација потекнува од Викинзите. Шведска се закануваше дека ќе ги повлече популарните ќофтиња со џем од боровинки од продавниците на Икеа на островот.

Италијанците, пак, сакаа да бидат прогласени за наследници на Рим и цивилизатори на цела Европа (заради што ЕУ треба да покрие барем половина од нивниот јавен долг). Велика Британија инсистираше на тоа две третини од светот да ја признае кралицата Викторија како нивна  заедничка политичка вредност и лидер при преминот од средниот век во современиот глобализиран свет. Во спротивно, Борис Џонсон се закани дека ќе го врати Обединетото Кралство во ЕУ.
А, Индијанците во Соединетите држави веќе се договорија со претседателот Џо Бајден американските официјални претставници да носат пердуви и да пушат луле на мирот на меѓународните состаноци ...

Во тој момент бугарскиот политичар се разбуди пливајќи во пот, ги протри  очите и налутено ги симна од закачалката своите пантолони, палтото и капата.

Потоа влезе секретарката и му соопшти дека премиерот Заев сè уште не го потпишал анексот со кој се признава кражбата на историјата од страна на Северна Македонија. Испотен и зацрвенет од тешкиот сон, човекот зема здив и помисли како незабележително да се ослободи од заедничката бугарско-македонска историска комисија. И како да се направи нешто значајно во односите со соседите. На пример, добар пат, железница или можност за граѓаните од двете страни на границата барем да гледаат телевизија без никакви проблеми. 

DW.COM