Османи во Бундестагот: поддршка за европскиот пат на Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 25.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Османи во Бундестагот: поддршка за европскиот пат на Северна Македонија

Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и на целиот регион.

Со отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе ја демонстрира својата зацртана улога на геостратешки играч и ќе го потврди проширувањето како корисна алатка на нејзината надворешна и безбедносна политика. Ваква порака испрати шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој денеска во Берлин имаше серија средби околу македонското европско досие.

Тој попладнево имаше средба со Ана Лирман, државна министерка за Европа во германското МНР. „Интеграција на државите од Западен Балкан стана безбедносно прашање и неговото заокружување е придонес во опстојувањето на европската безбедносна архитектура“, објави на Фејсбук Османи, пренесувајќи ја пораката дека Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и на целиот регион.

Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија е високо на агендата на германското МНР и Владата. Вакво уверување Османи добил на денешните средби во Бундестагот. Тој претходно разговараше со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг за неопходноста за одлучни чекори од страна на ЕУ во однос на интеграција на државите од Западен Балкан во светло на новите геополитички ризици кои го демнат и регионот. „Германија продолжува да биде гласен и цврст поддржувач на нашиот европски пат“, вели Османи. 

Во рамките на работната посета на Сојузна Република Германија, Османи се сретна со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања во Бундестагот.

Претходно, тој размени мислење и со Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц за надворешна политика. 

Во изјава од Берлин, Османи оценува дека ова е важна работна посета на Германија каде што разговарале за предизвиците наметнати од руската агресија во Украина и блокираната европска перспектива на регионот, како извор на системска ранливост.  

„Ги информирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Северна Македонија за да постигне стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на ЕУ, но и НАТО-членка во регионот“, вели Османи. Во однос на разговорите со Бугарија, тој констатирал дека е време Софија да покаже стратешко лидерство „со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици меѓу граѓаните од двете страни на границата“. „ЕУ треба да преземе стратешко лидерство кон регионот, заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа“, вели Османи.  
 

Поврзана содржина