Оскарот е минлив, уметноста е вечна! | Северна Македонија | DW | 10.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Оскарот е минлив, уметноста е вечна!

Младите автори на „Медена земја” го отсликуваат македонското општество во сета негова етничка и културна разновидност. Само така се создаваат големи дела на уметноста. Тоа сознание е поскапоцено од секој Оскар.

Мерилото на генијалноста на уметничкото дело не се наградите. Најславните награди во овој свет – Нобеловата и Оскарот –  ретко ги добиваат навистина врвните уметнички дела и генијалните автори. Затоа што мерката за вредноста на уметничкото дело е вечноста. А наградите се мигновени и минливи, често повлијаени од дневнополитички контексти. За наградите  се одлучувачки  многу констелации кои не припаѓаат на законите на творештвото, туку некогаш и  на политиката, на моќта на парите, на желбата за престиж на културните центри кои поседуваат монопол во една уметничка дејност. Холивуд и американската филмска индуструја навистина се „фабрика за соништа”. Меѓутоа митолошката „маскота” на таа индустрија – наградата Оскар – ретко се поклопува со „магијата” што ја поседуваат генијалните дела. Логиката на Оскарот ретко ја следи парадоксалната логика на сонот. Не оној  сон на лесната разонода. Оној типично холивудскиот.  Туку оној вистинскиот - сонот на творците, кои ја менуваат историјата на уметноста. Таа „американска фабрика” на митови и соништа  и овојпат го потврди опортунизмот на наградите. Познавачите на „оскаровската кујна”, уште пред неколку дена пишуваа дека иако „Honeyland” заслужува Оскар за најдобар документарен филм во 2020, сепак, наградата ќе ја добие „Американска фабрика”. Затоа што тоа е првиот филм на новата продуцентска куќа на бившиот американски претседател Барак Обама и на неговата сопруга. Зад  проектот на Обама бездруго стои незамисливо влијателно лоби. Америка, секако, не може најнапред да не се слави себеси. Во таа смисла, Оскарот навистина е минлив, а  само вистинската уметност е вечна. Дали ќе биде така и со филмовите кои беа номинирани и наградени, ќе покаже дури иднината.

Една од особините на врвните уметнички дела е тоа што тие со својата појава ја менуваат свеста. Тие стануваат патоказ. Тие поставуваат нови мерила на вредност. Тие се феномен. Затоа што нивната оригиналност како да го пресоздава светот пред нас. Филмот „Honeyland"  стана феномен според сите погоре споменати белези на врвно уметничко дело уште пред неговата двојна  ниминација за Оскар. Всушност, Оскарот не можеше да го одмине. И покрај сите „игри и интриги“ кои стојат зад тоа ниту малку магично златно човечуле. Филмот „Медена земја“ поставуваше од првиот миг нови критериуми  не само за документраниот,  но и за играниот филм. Токму затоа беше кандидиран во две категории. Најважното, притоа, кое  многумина во овој миг на разочараност би можеле да го изгубат од вид, е тоа што „Honeyland“ светот го препозна како врвно дело уште пред  свеченото доделување на Оскарите! Пораката на тој филм е  од суштинско значење за човештвото во овој историски миг. Таа порака, за жал,  ја нема силата на  политичките центри и личности, кои влијаат врз одлуките за наградите. Еколошката и антрополошката порака на „Медена земја” е премногу кревка пред моќта на профитот и на индустријата. Меѓутоа во сета историја само сонувачите го менувале светот. А мудроста на која  овој чудесен филм го потсети светот  е насушно потребна за човештвото.

Други колумни од Кица Колбе:

-„Земјата на медот“ – земјата на Атиџе

-Македонската состојба на духот

-Граматика и политика: Nord-Mazedonien или Nordmazedonien?

Македонските гледачи и љубители на филмот треба да бидат свесни за тоа крај кого стоеја рамо-до-рамо  во  минатата ноќ  творците на „Медена земја”. Заедно со протагонистката Атиџе Муратова! Крај највлијателните  творци, крај најпознатите артисти во филмската уметност. Крај претставниците на многу поголеми национални кинематографии од македонската. Крај најмоќните продуценти во филмската индустрија. Констелацијата  беше онаа  на Давид против Голијат! Затоа што токму неколку неверојатно даровити  млади творци од  Северна Македонија, државата која досега како ПЈРМ  беше за сиот свет симболот  за  кризно подрачје, овојпат застанаа храбро пред рефлекторите на холивудскиот блесок со  визија важна за сиот свет. Не со филм направен според  стереотипите за Балканот, како што некои македонски интелектуалци неосновано им припишуваа на авторите. Не со филм  во кој маниристички се игра со  егзотиката   и архаичноста, како што чинат и ден-денес дури и познати македонски режисери. „Медена земја” го надминува нивото на илустрација на филмските приказни со архаичност и лажна исконскост, толку позната од македонскиот филм во минатото. Филмот ја предава македонската природа во сета нејзина строгост.  Таа природа сугерира тежина,  скржавост и суровост, но и трајност и вечност. Затоа што зад карпите зрее медот. Затоа што во таа природа преживуваат пчелите, загрозени насекаде низ светот. А Македонија во тој филм е обвиена од медовина и сончевина, низ која се ројат пчелите. „Медена земја” има повеќе сличност со музичка симфонија, со поетска метафора, со врвна литература. Архаичноста на животната мудрост на Атиџе и на нејзината мајка  е визуелен двојник на стаменоста, на вечноста  на планините. Притоа длабоко визуелниот јазик на „Медена земја”  не е игра и самоцел.  Филмот нуди  визуелен јазик, во кој зборот, репликата, дијалогот остануваат едноставни и скромни.  Мигновени. Како да се случајно чуени. Творците на „Медена земја” со тоа конечно го ослободија македонскиот филм од патетичноста на дијалозите. Таа досега беше толку својствена за многу македонски сценаристи. Во исто време „Медена земја” создаде слики  кои се неверојатно богати со симболика и алегорија.

Гледај видео 00:39

За „Медена земја“ знаат и во селата во Пацификот

Има уште една димензија која за мене лично е многу значајна во  „Медена земја”. Тој пројавува неверојатна сензибилност и благост на едно особено „женско” гледање на светот и животот, по кое јас трагав во мојот роман „Жените Гаврилови”. Односот на Атиџе кон пчелите и кон сета природа јас го доживувам како уметност. Таа не ги чува пчелите заради дејност и добивка. Таа  се грижи за нив според старата, архаична вештина и уметност, која се предава од генерација на генерација. Таа е предадена со сета душа и срце на уметноста на пчелите, на создавањето на медот, како што големите македонски ткајачки во минатото биле предадени на  уметноста на ткаежот. Тоа е страст и безгранична љубов. Мудрост и слеаност со природата. Благоста на Атиџе кон нејзината мајка го отсликува нејзиниот благ однос кон се‘ што постои. Тие, во исто време,  и двете се силни жени, иако се чини дека се жртви на животната судбина.  Тие, пак, следат една друга логика на животот, различна од онаа на модерната цивилизација. Нивното однесување се темели врз верата во Бога, врз љубовта, врз саможртвата, врз сочувството. Тие се симболи за една  традиција која  е одмана изгубена во големите градови. Таа, пред се‘, е изгубена  во единствениот голем македонски град, Скопје. Меѓутоа сите ние ја паметиме од нашите фамилијарни истории. Тоа од Атиџе и од нејзината мајка прави  симболи на еден „женски принцип”, кој за  модерната  родова теорија е парадокс и архаичност. „Женскоста” на  визијата која ја сугерира филмот „Медена земја”  е онаа на мајчинството ( дури и кога тоа не е остварено!), на љубовта што зацелува, на заштитата на сиот живот, на себедарувањето во љубовта кон сите. Тој парадокс на  особениот „женски принцип” во овој филм  најсилно доаѓа до израз не само во  односот на Атиџе кон мајка си, туку и кон  пчелите, кон сета природа.

Повеќе за „Медена земја“:

-„Паразит“ го порази Холивуд, „Медена земја“ остана без Оскар

-Предвидувања: „Медена земја“ треба, но тешко ќе стигне до Оскар

-Атиџе, македонската пчеларка го шармира Холивуд

Во Македонија, во која одамна  владее само омраза и горчило, културен кич и политички криминал, неколку млади филмски творци три години сонувале за „земја на медот”. Сите веројатно се родени во времето на транзицијата. Тие се навистина новите луѓе, твирци на новото време. И токму тие ни‘ ги отворија очите за најтемелното, а одамна заборавеното. За тоа што Македонија ја одржувало низ векови. Не потсетија низ приказната на Атиџе на човечноста и на љубовта,  на сочувството и на солидарноста, на жртвата и на делењето од  љубов. Ова сознание  не му треба толку на Холивуд. Можеби не им треба и на многу други земји  во светот. Меѓутоа, тоа сознание насушно им треба на македонските граѓани! Од тоа дали тие ќе станат свесни дека мора да ги надминат расцепите. Дека мора да се обединат. Дека мора да најдат начин да живеат во мир.  Дека за некои најважни нешта во заедничкото живеење мора да бидат единствени, независно од партиската определба. Дека омразата веќе се заканува да ги уништи темелите на зедницата. Од тоа ќе зависи дали тие воопшто ќе ја сфатат пораката на филмот „Медена земја” и по ноќта на Оскарите. Но и искуството во овие неколку денови пред Оскаровската ноќ, кога небаре сите македонски граѓани, независно од етничката и политичка различност, беа сплотени во едно име – „Honeyland"! Тоа чувство за заедништво, за припадност беше изгубено кај македонските граѓани. Тие одамна се затворени во два политички и  етнички блока. Тие одамна  се поделени  и замразени едни со други – по етничка, политичка и партиска линија. А младите автори на „Медена земја” го отсликуваат македонското општество во сета негова етничка и културна разновидност. Само така се создаваат големи дела на уметноста. Етничката и културната разновидност на Македонија е нејзиното богатство. Тоа  сознание е поскапоцено од секој Оскар.

 

Реклама