1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Земјата на медот“ – земјата на Атиџе

27 јануари 2020

Филмот не говори за Македонија. Атиџе не ги претставува Македонците во овој конкретен историски миг. Атиџе е многу повеќе од сите нив. Таа говори за сето човештво. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3WrCa
Film Honeyland | Land des Honigs
Атиџе МуратоваФотографија: picture-alliance/Everet Collection/Neon

„Уметноста не отсликува, таа ги прави нештата видливи“, веруваше еден од најголемите сликари на модерната уметност, Паул Кле.Окото на уметникот го открива дотогаш од никого невиденото во темата, во објектот на уметничкото дело. Тоа значи, модерноста не е целосно одредена од темата. Модерноста е, пред се‘,  нов поглед врз темата. Ова кредо на Паул Кле  е  темелот не само на творечкиот процес и особината на секое големо уметничко дело. Таа е и наједноставната дефиниција на модерноста воопшто. Темите, објектите на уметноста, остануваат речиси секогаш исти. Модерноста е во новиот поглед врз нив, преку кој уметникот ни го открива предметот на таков начин, што ни се присторува дека тој за првпат се создава пред нашите очи. 

Уште првиот кадар во документарниот филм „Земјата на медот“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов прави видлив еден особен, несекојдневен свет. Од визуелната силина на панорамската глетка на гледачот му запира здивот. Пред нас се отвора возвишената убавина на природата. Како негибната, како исконска природа. Природата, погледната не од перспективата на човекот, туку од онаа од височините, од кои човекот станува невидлив. Во првиот кадар во филмот „Земјата на медот“ камерата ја зазема персепктивата на окото на орелот. Тоа е погледот врз земјата од небото. Се‘ е само природна конфигурација на карпите, планините и земјата, која, од највисоката точка на погледот, станува апстрактна слика. Сликата е преполна со спокој и хармонија. Долго не забележувате во кафеаво-земјениот, сув, карпест, жилав пејсаж човечка фигура. Веќе оваа слика е совршена визуелна шифра за слеаноста на човекот со природата. Тој кадар е естетската форма во која конкретното е редуцирано до ликовен пуризам, за да може, на почетокот, само да го наговести филозофскиот поттекст на  филмот. Неколку секунди подоцна, во најдлабоката линија на земјината кора се забележува точка што се движи. Таа полека станува се‘ појасна како човечка фигура. Жена, товарена на грбот со чудна бовча.

„Земјата на медот“, не „Медена земја“

Главниот женски лик на филмот, Атиџе Муратова, се појавува во првата сцена во нејзината целосна слеаност со природниот  пејсаж. Визуелната метафора во првиот кадар ја црпи силината од сликата на жената која е во целосна хармонија со лицето на  природата околу неа. Неа, за окото на гледачот, како да не ни ја  открива камерата. Ни се чини дека Атиџе ни ја открива самата природа  - како нераскинлив дел од себеси. Природата ни ја покажува како своја. Нема естетски почист, а филозофски подлабок симбол за идеалот на животот во склад со законите на природата од сликата на Атиџе Муратова во карпестиот предел, каде што таа се грижи за дивите улишта на пчелите. Таа ја има еластичноста на срните и антилопите, кога минува по тесните патеки на врвовите од планините. Таа е во длабока емпатија со сиот природен предел. Затоа пчелите зујат и летаат околу неа како и таа самата да е пчела. Сиве овие асоцијации ги сугерира само филмската слика. Филозофската длабочина на филмската порака на „Земјата на медот“ не е илустриран филозофски поим, како што често се случува не само во македонските играни или документарни филмови. Слеаноста со природата во одгледувањето на пчелите на Атиџе Муратова станува јасна од првиот кадар на филмот.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Затоа англискиот наслов на филмот „Honeyland" јас намерно го преведувам на македонски како во германскиот јазик – „Земјата на медот“. За да стане јасна суштинската порака на филмот. Затоа што во филмот, како што јас го „читам“, не се работи за некоја „медена земја“ – земја блага како медот. Се работи за земјата во која дивите пчели уште создаваат мед. Исконски, како што чинеле со векови. Скриени во нејзините клисури и карпи. Филмот, во таа смисла, не ја отсликува Македонија. Таа не е „медената земја“, затоа што таа воопшто не е свесна што крие во себе. Филмот не говори за Македонија. Атиџе не ги претставува Македонците во овој конкретен историски миг. Атиџе е многу повеќе од сите нив. Таа говори за сето човештво. Таа е симбол и сведоштво дека е можен и поинаков однос кон природата од оној што во мигов владее на целата планета. Филмот  навистина е снимен во Македонија. Меѓутоа, тој нема намера да прави социолошка анализа на македонското општество. Тој не ја користи Македонија како егзотична кулиса. Тој не се служи со стереотипи. Филмот „Земјата на медот“ само прави во  македонската внатрешност, која за градските луѓе останува целосно невидлива, неоткриена, да стане видлива една друга земја. Земјата во која живеат пчелите на Атиџе. Земјата во која, зад карпите и камењата, уште се раѓа медот. За да продолжи тој исконски ритам на животот, врз дивите пчели бдее пчеларката Атиџе. Тој свет е земјата на Атиџе. Таа за другите невидлива земја е „Земјата на медот“.

Мерка во сѐ

И токму тоа го навестува на возвишен начин уште првиот кадар во филмот. Мене тој прв кадар ме погоди со силината на најчистото документарно сведоштво. Затоа што главниот женски лик во филмот „Земјата на медот“ сведочи со својот живот за филозофската порака која филмската слика ја крие во себе како писмо. Таа не се грижи само за дивите улишта во карпите, клисурите и во длабините во паднатите стебла. Таа буквално му помага на животот да се врати во урнатините на напуштеното село. Во нишите, во празнините од празните окна на урнатините од некогашните домови, таа помага да се востанови нов биотоп. Таа тоа го чини населувајќи го замреното и мртвото со живот. Населувајќи ги камените урнатини со фамилиите на пчелите! Така настанал тој толку чуден, толку неповторлив биотоп околу трошната куќарка на Атиџе. Конусните живеалишта за пчелите очигледно таа самата ги изградила од камењата на разурнатите куќи. Тие стојат како стражари на животот во некогашните дворови на напуштените селски куќи. По формата тие наликуваат на скурилни, апстрактни скулптури. Се‘ дури Атиџе не ја открие тајната на својот биотоп! Се‘ дури таа не ги тргне камените плочи од отворите на старите  окна. И во нив не се појави медовото злато на пчелите. Жолтото саќе од кое истекува медот. Мед тече среде грамадите од камења од напуштени домови!  Тоа е неверојатна метафора за парадоксот на животот, за силината на природата. Интуицијата на филмскиот тим го почувствувала  тоа. Силно е истакнат тој момент во неколку широки кадри на урнатините од некогашното село, кои, од височината од која се снимени, навистина наликуваат на празно саќе, на темелите за некој голем пчеларник.

Други колумни од авторката:

Критичко соочување со југословенското наследство

Волшепството на читањето

Атиџе го сознала интуитивно длабокиот филозофски принцип на слеаноста и симбиозата на човекот со природата и го претворила во кредо на своето пчеларство, затоа што таа самата има длабока емпатија со природата. Таа живее според ритамот на природата. Затоа што успеала да ја сочува мерката во се‘ – во ползувањето на природните ресурси и во односот кон се‘ живо! Затоа што ја љуби природата и умее да и‘ благодари. Затоа што знае дека таа е силна само кога е во склад со природата. Можеби тоа е еден вид женска интуиција и емпатија со природата. За тој „женски принцип“ во емпатијата со природата пишував во романот „Жените Гаврилови“. Мерката во сите нешта Атиџе ја постигнала затоа што морала да прифати многу загуби. И неостварени соништа за среќа. Тоа сето филмот го раскажува само патем, во кусите дијалози со болната и стара мајка. Често посилно од дијалозите, говорат токму сликите. Силината на Атиџе не е телесната сила на мајката со многуте деца. Таа мајка има сила да ја крене со голи раце приколката од каминот на мажа си. Силината на телесно кревката Атиџе е во нејзината длабока интуиција за природата и за сите живи суштества. Таа тагува за умрените пчели, кои другите ги газат. Емпатијата и мерката во односот со природата, кои ги симболизира Атиџе, модерната цивилизација одамна ги има изгубено. Но, онаму каде што човекот се повлекува од природата, биосферата почнува да се зацелува самата себесе. Таа ја воспоставува првобитната рамнотежа на се‘ живо – од билките до животните. Така на природата и‘ помага да зацели пчеларката Атиџе. Таков биотоп е нејзиниот свет. Тој е патоказ и симбол. Тој е сведоштво за тоа дека во секој миг е можно да се промени односот кон природата. Човекот може да и‘ помага на природата да ги залечи раните кои и‘ ги нанесува неконтролираното трошење на нејзините ресурси. Дури и во урнатините на нашата цивилизација може да настанат нови форми на симбиотичко живеење на човекот со природата. Атиџе сведочи со својот живот дека тоа е можно. Доколку нејзината животната филозофија „половина за пчелите, половина за луѓето“ успее да поттикне повеќе луѓе во светот. Човештвото мора повторно да ја најде мерата во се‘, доколку сака да преживее.

Спокој и безвременост

Приказната во овој филм е раскажана со такво чувство за естетска мера. Во неа вешто е избегната секоја патетика, досега толку честа во македонскиот филм. Приказната може веднаш да се разбере само на визуелно ниво. Авторите на филмот го потврдуваат тој аспект, затоа што тие навистина филмот го создавале како визуелна приказна. Затоа што не го разбирале турскиот говор на главните ликови. Транскриптот го добиле дури подоцна. Дијалозите се природни, но полни со значење. Ритамот по кој се одвива приказната сугерира спокој, безвременост. На почетокот се чини дека Атиџе е последниот жител на планетава, откако се случил крајот на светот. Дури и кога пристигнува многудетната фамилија, филмскиот тим избрал кадри во кои се чини дека времето стои. Тој спокој  во најголемиот дел од филмот е вистинската кулиса за земјата во која зрее медот, во која слободно живеат пчелите. Чудесно убави се кадрите во кои Атиџе ги повикува пчелите, облеана во жолтилото на сончевиот блесок, небаре целата природа да е потоната во лесен, благ мед.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.