Орбан: Го примивме Груевски, но не се мешаме во внатрешните работи на Македонија | Северна Македонија | DW | 14.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Орбан: Го примивме Груевски, но не се мешаме во внатрешните работи на Македонија

Унгарскиот премиер Орбан официјално призна дека поранешниот македонски премиер Груевски е во Будимпешта и дека тамошните власти го обработуваат неговото барање за азил во согласност со домашните и меѓународните закони.

„Никола Груевски поднесе барање за азил до надлежните унгарски власти. Поранешниот македонски  премиер ја соопшти својата намера да поднесе барање за бегалски статус во Унгарија“, се наведува во изјавата од премиерскиот кабинет на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Повеќе од 24 часа откако Груевски преку својот Фејсбук профил соопшти дека е во Унгарија и оти бара политички азил, и унгарската влада официјално призна дека поранешниот премиер е на нејзина територија.
Причината за тоа што Груевски не завршил во транзитен центар, согласно унгарскиот закон, туку во Будимпешта е безбедносна, тврдат од кабинетот на Орбан.

„Со оглед дека тој беше повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможија на Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“.

Од кабинетот на Орбан велат дека „Македонија е стратешки партнер и важен сојузник на Унгарија“.

„Добрата соработка меѓу двете земји е важен камен-темелник за развојот на балканскиот регион и на безбедноста во Европа. Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија во меѓудржавните односи, и оттука на ниту еден начин не сакаме да интервенираме во внатрешните работи на суверена земја, и сметаме дека проценката за барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто правно прашање“.

Во соопштението на крајот уште се потенцира дека до крајот на целата процедура околу Груевски унгарските власти веќе нема да даваат информации на оваа тема. 

Во соопштението нема никаква информација околу дилемите кои од вчера се поставуваат во јавноста: 
Како Груевски стигнал до Унгарија? Како бил идентификуван на граничниот премин со оглед на тоа што не поседува пасош и дали можеби границата ја минал на илегален премин? 

Според македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, но нема официјални податоци за тоа каде точно се упатил и од каде и на кој начин влегол во Унгарија. 

DW.COM

Реклама