Опструирање на правдата: Системот е трул, мора да се смени | Северна Македонија | DW | 24.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Опструирање на правдата: Системот е трул, мора да се смени

Сите одложувања на правдата се овозможени со закон, велат соговорници од обвинителската, судската и адвокатската фела. Предупредуваат дека системот се распаѓа

На поротници им истекува мандатот, адвокати се откажуваат од застапување, некој бара да му се преведат материјалите на албански јазик, се разболуват сведоци или обвинети, дел отсуствуваат заради службени патувања, адвокати се повикуваат на друго судење во истиот термин... Ова се само дел од причините кои ги развлекуваат  судските процеси.  Поради вакви состојби во судските коридори егзистираат процеси кои се водат од пред повеќе од една деценија, а не се мрднати од место. Тешки се и процесите со многу обвинети, каде терминот за рочиште некогаш, на пример, треба да се усогласи со над 70 адвокати.

Влечкање покриено со закон

„Сите одложувања се овозможени со закон“, се согласуваат соговорници од обвинителската, судската и адвокатската фела, со кои разговараше Дојче веле. Свесни се за сите пропусти и тврдат дека итно мора нешто да се смени.  

„Системот е трул, се распаѓа,  и не смее и да опстојува и натаму во ваква состојба ако сакаме да има правда“, вели познат скопски обвинител.

Не постои систем на одговорности ниту за адвокатите, ниту за обвинителите, ниту за судот. Довербата во системот треба да ја вратат сите, и адвокатурата како професија од јавен интерес има должност за тоа. Колку адвокати кои гостуваат на телевизии кажуваат дека  правдата е бавна и корумпирана,  а не кажуваат колку пати одложувале рочишта со банални изговори - друго судење, таму ќе одложат заради ова првото, се одложува за наводни болести кои се лечaт ‘на нога‘, за некакви патувања... Суштината е дека  правдата која на сите ни е потребна, сите ја опструираат.  Адвокатската комора, судскиот и обвинителскиот совет треба да седнат и заеднички да го решат ова, или во спротивно сите да се распуштат, бидејќи не си ја заработуваат платата “, вели нашиот соговорник.

Смета дека Адвокатската комора итно треба да ги предупреди адвокатите на последиците од злоупотреба на права во постапката, и да почне со дисциплински мерки ако сака да има било каков кредибилитет.

Symbolbild Frankreich Justiz (Getty Images/AFP/L. Venace)

Правдата која на сите ни е потребна, сите ја опструираат

Концентрирано судење

Во адвокатски кругови не негираат дека имаат удел во овие состојби, но потенцираат дека ги користат сите законски можности во интерес на одбраната на нивните клиенти. Според нивни сугестии за да се надминат проблемите, потребни се неколку промени.

„Термините за главната расправа и завршен збор да се дадат одеднаш; да не сe прават мега-предмети со многу обвинети; да се суди веднаш во отсуство ако некој од обвинетите не доаѓа; да се редуцираат случаите кога процесот треба да почне одново; ако судија е избран да замине на друга позиција тоа да може да го стори откако ќе ги заврши предметите; да се зголемат санкциите за опструирање на правдата - адвокатот мора да продолжи да работи додека странката не ангажира друг; по барање за изземање претседателот или заменикот да одлучуваат веднаш“, потенцираат нашите соговорници.

Тие не негираат дека се случуваат и злоупотреби.  

„За дел од постапките што се случуваат кај нас, на пример, во американскиот систем на некои адвокати веднаш би им се одземала лиценцата за работа“, вели адвокат од Скопје. 

И тој, и други странки во постапката, сметаат дека многу поефикасни биле т.н. концентрирани судења какви што имало во поранешниот Окружен суд - Скопје, со однапред даден роковник за главната расправа и завршен збор. Но, обвинители сметаат дека тоа и сега треба да биде така, имајќи ја предвид одредбата 359 од Законот за кривична постапка.

„Главната расправа се одржува непрекинато и тече според редот што е определен во овој закон. Во случаите кога не е можно главната расправа да се заврши на едно рочиште, претседателот одлучува главната расправа да продлжи наредниот работен ден“, се вели во став 1 од овој член.

Според став 2, претседателот на советот може да направи отстапка од редовниот тек на расправата поради посебни околности, бројот на обвинетите, бројот на кривичните дела и заради обемот на доказниот материјал.

Mazedonien Justiz Amtsgericht (DW/P. Stojanovski)

Долги и неефикасни постапки во судовите

Стотици сведоци за иста фактичка состојба

Токму претходно наведените причини во практика најмногу ги одложуваат рочиштата. Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење" граѓанска организација која ги следи судските процеси, во разговор за ДВ пред два месеца како една од причините за долгите и неефикасни судски процеси во однос на предметите на СЈО, го посочи токму обемот на доказниот материјал.

„Во дел од предметите се предлагаа стотици сведоци (кои утврдуваа иста фактичка состојба) и илјадници докази (некогаш и идентичен материјален доказ прибавен од различни институции), па при неможност судот да го лимитира бројот на докази, истиот има обврска да овозможи нивно изведување, а со тоа автоматски и да се пролонгира завршувањето на постапките. Во неколку наврати во постапките сослушуван беше по еден сведок на расправа, што само дополнително креира пречка во оптималното финализирање на постапките“, укажа Петровска.

Според неа, должината на траење на постапките често се должи и на одложувањето на расправите поради отсуство на обвинети и бранители во постапките.

„Исти обвинети или бранители, имаа по неколку предмети на дневниот распоред во исто време, па физички беше невозможно да присуствуваат или пружат одбрана. Ова последново би го дефинирале како отсуство на оптимален судски менаџмент на постапките, бидејќи обврска на судот е да го координира процесот на закажување и одржување на рочишта и истиот да го синхронизира кога станува збор за идентични обвинети, а не да овозможи платформа за чести отсуства, кои подоцна парично ќе ги санкционира“, оцени Петровска.

 

Реклама