Операторот ја подотвора вратата за СЈО? | Северна Македонија | DW | 25.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Операторот ја подотвора вратата за СЈО?

Телекомуникациски оператор испратил податоци кои му се неопходни на СЈО за да добие судски налог за претрес врз компјутерски системи. Со судска наредба иследници на СЈО одземаат и дополнителна документација од УБК.

Телекомуникацискиот оператор со кој СЈО досега имал формална, но не и суштинска соработка околу истрагата за предметот „Таргет“, како што неофицијално дознаваме, вчера попладне писмено одговорил и ги испратил техничките податоци кои му се неопходни на ова Обвинителство за да добие судски налог за претрес врз дел од компјутерските системи и податоци со кои располага операторот.

Недостигот од прецизна спецификација на она што ќе биде предмет на претрес, бил причина Основниот суд Скопје 1 да го одбие првичното барање на СЈО за добивање судски налог. Од СЈО за тоа ја информираа јавноста преку следново соопштение.

„Со Решение на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, уважена е несогласноста која судијата на претходна постапка ја дал во врска со нашето барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски системи и компјутерски податоци. Во образложението, Кривичниот совет наведува дека наредбата е нејасна, непрецизна и општа, и дека не е наведено прецизно одреденото место или опис каде ќе се изврши претресот, без да биде наведена адресата, конкретниот сектор или оддел во компанијата, ниту е наведен конкретен опис на видот и карактерот на уредите - компјутери“, соопшти СЈО.

Од СЈО појаснуваат дека во барањето за наредба за претрес го навеле називот на системите, односно носителите на податоци, навеле конкретно кои податоци се бараат, и од кој телекомуникациски оператор. Но, според Судот тоа не било доволно.

По добиените забелешки, СЈО упатило барање до телекомуникацискиот оператор итно да ги обезбеди податоците кои според Судот се неопходни за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем и компјутерски податоци. Вчера попладне таквите податоци стигнале од операторот. Сега кога се лоцирани секторите и предметите од интерес на истрагата, СЈО ќе упати ново барање до Судот за судски налог за претрес. 

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje (DW/P. Stojanovski
DW/P. Stojanovski)

Со судска наредба истражители на СЈО деновиве обезбедуват и дополнителна документација од УБК

  

Извештајот од внатрешната истрага - тајна!

Ова не беше единствената пречка со која СЈО се соочува во истрагата за незаконското прислушување во Македонија. Обвинителите сѐ уште чекаат Дојче Телеком да им го достави извештајот од внатрешната истрага која минатата година беше спроведена во „Македонски телеком“. Повод за таа истрага беа сомнежите околу улогата на „Македонски телеком“ во аферата со незаконското прислушување што ја обелодени лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, односно, укажувањата дека масовно прислушување на повеќе од 20.000 граѓани не можело да се одвива без дозвола и знаење од мобилните оператори во Македонија. Елпида Тризи од одделот за корпоративни комукации на „Дојче телеком“ уште во март годинава за Дојче веле потврди дека е завршена внатрешната истрага со поддршка на надворешни експерти, но дека добиените сознанија нема да се коментираат во јавност. Прашањето е зошто тие не се достапни за органите на истрагата?

Од „Македонски телеком“ кусо одговараат дека „извештајот на надворешните експерти за интерната истрага во 'Македонски Телеком' е завршен и неговото обелоденување на надлежните државни органи се врши во согласност со закон.“ Но, не се прецизира за кој закон станува збор.

Судски извори за ДВ тврдат дека „не постојат никакви законски пречки тој извештај да се достави до истражни органи, особено што и внатрешната истрага била насочена кон испитување на истите индиции кои ги истражува и СЈО“.

Извештајот од внатрешната контрола во „Македонски телеком“ не го доби ни собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање, која според закон, меѓу другото е задолжена и за надзор врз спроведеното следење на комуникациите. Претседателот на Комисијата, Хари Локвенец, врз основа на надлежностите што ги има Комисијата, пред неколку месеци испратил барање до „Македонски Телеком“ да им го достават интегрираниот ревизорски извештај од истрагата.

„Од 'Македонски Телеком' бев прашан врз која основа е испратено барањето. Ја објаснив надлежноста на Комисијата за надзор врз двете институции, но и на оние што се поврзани со нивното работење. Потоа добив второ писмо од 'Македонски Телеком', со одговор дека не сметаат оти е потребно да ѝ го достават извештајот на Комисијата, и покрај безбедносните сертификати со кои располагаме сите членови“, реагираше Локвенец пред еден месец.

Ungarn Magyar Telekom Logo (Reuters/B. Szabo)

Од „Македонски телеком“ велат дека „извештајот на надворешните експерти за интерната истрага во 'Македонски Телеком' е завршен и неговото обелоденување на надлежните државни органи се врши во согласност со закон.“

Дополнителни документи од УБК

Сета оваа пинг-понг партија значително го троши времето на СЈО. Повторувањето на истите барањата, чекањето одговори и „празен од“ поради деновите од викенд, го кочат темпото на работа на Обвинителството, а неизвесноста дали ќе бидат најдени бараните податоци е голема, поради можноста во меѓувреме да се избришани. Но, споредбата со документацијата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) треба да ги даде одговорите дали и каде недостигаат податоци. Со судска наредба истражители на СЈО деновиве обезбедуваат и дополнителна документација од УБК, која не била одземена минатиот месец при првиот влез на обвинители и истражители во тајната полиција.

Од СЈО ги истражуваат претходно обезбедените податоци од УБК во однос на незаконски следените телефонски броеви, односно на лицата кои биле таргет на тајната служба. Дел од нив веќе се утврдени, но со оглед на големиот број незаконски следени комуникации, сѐ уште не е завршена идентификацијата на сите корисници на прислушуваните телефонски броеви.   

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама