Омилениот градоначалник на Орбан купува што ќе стигне | Свет | DW | 26.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Омилениот градоначалник на Орбан купува што ќе стигне

Лоринц Месарош не е обичен градоначалник. Тој раководи со село во Унгарија, а поседува и издавачка куќа, хотел, фирма за нуклеарен инженеринг и банка. Неговото богатство се должи на пријателството со Виктор Орбан.

Ungarn Wahlplakat der Jobbik Partei zeigt Viktor Orban und Lorinc Meszaros (picture alliance/dpa/AP Photo/P. Gorondi)

Лоринц Месарош и Виктор Орбан на предизборен плакат на партијата Јобик

Цените на акциите на „Оптимус глобал“, сопственикот на најголемата медиумска империја во Унгарија постепено и драстично растат. Акциите купени за 40 унгарски форинти (0,13 евроценти) минатиот декември, сега вредат 328 форинти, осумкратно зголемување. Компанијата му припаѓа на Лоринц Месарош, најважниот посредник на Фидеш, партијата на премиерот Виктор Орбан, која владее во земјата од 2010 година.
Вредноста на акциите почна да расте откако се раширија вестите дека Месарош станал официјален сопственик. Денес, неговото име е гаранција за успешен бизнис потфат во Унгарија. Постои широк консензус меѓу унгарските новинари и креатори на јавното мислење дека делови или сите негови инвестиции се насочени за премиерот и неговото семејство, на долг рок. Тоа објаснува зошто државата му помага во богатењето со кредити, тендери и поволна регулатива, а притоа и да не го споменуваме случајот со размената на имоти меѓу Месарош и семејството Орбан.
Бизнисите на Месарош станаа успешни по судирот меѓу премиерот и Лајош Симичка, поранешниот благајник на Фидеш, кој беше близок пријател на Орбан уште од нивната младост. Откако Симичка- порано најуспешен бизнисмен во државата, барем во поглед на добивањето јавни тендери меѓу 2010 и 2015 година- падна во немилост, компаниите на Месарош станаа најуспешни во Унгарија.
Кога беше прашан за тајната на неговото економско чудо, Месарош наведе три фактори кои довеле до зголемување на богатството: „Господ, среќа и Виктор Орбан“. Од трите, премиерот веројатно играл најважна улога во необичната приказна за успех.

Ungarn Felcsut, Ort, wo Ministerpräsident Viktor Orban ein Haus besitzt (DW/T. Rasz)

Новиот стадион кој го гради Месарош во родното село на Орбан, се наоѓа веднаш до куќата на премиерот

Меѓу најбогатите Унгарци

Месарош е градоначалник на Фелшут, селото каде пораснал и Виктор Орбан. Долги години, Месарош работел како монтажер на гас. Во 2006 година, неговата компанија вредела помалку од 33 илјади евра. На почетокот на годинава, едно списание објави дека неговото богатство се проценува на најмалку 390 милиони евра, со што тој е петтиот најбогат Унгарец- и сето тоа пред да започне растот на акциите на неговите компании.
Со оглед на досегашните трендови, неговото богатење нема да сопре наскоро: за само една година неговото богатство драматично се зголеми; минатата година тоа се проценувало на 7,8 милиони евра.
Главниот извор на приходите на Месарош е унгарскиот национален буџет. Тој е најголем корисник на јавните тендери, без оглед дали се работи за имплементација на проекти во градежниот сектор или набавка на минерална вода за државните компании.
Минатата година, компаниите на Месарош добија тендери во вредност од 740 милиони евра, во некои случаи и како дел од конзорциуми.
Неговата најстара компанија, „Месарош ес Месарош“- која некогаш се занимаваше со монтажа на гасни инсталации- во меѓувреме стана постојан изведувач на проекти финансирани од ЕУ: во моментов гради мост преку Дунав меѓу Унгарија и Словачка за 92 милиони евра, а во истовреме и фудбалски стадион во родното село на Орбан.

Ungarn Felcsut, Ort, wo Ministerpräsident Viktor Orban ein Haus besitzt (DW/T. Rasz)

Нов хотел кој го гради фирма на Месарош

Медиумски могул, сопственик на хотел и ...

Освен во градежниот бизнис, Месарош влезе и во медиумите: неговата компанија „Оптимус“ ја купи „Медијаворкс“, фирмата која го менаџираше затворањето на најпознатиот опозициски весник „Непсабадсаг“. Сега тој ги контролира и унгарските регионални весници. Исто така ја купи и телевизијата „Ехо“ од друг сојузник на Орбан, Габор Шелеш.
Дополнително, минатата година го купи и Хунгуест, најголемиот унгарски ланец хотели, повеќето кампови околу езерото Балатон; два скијачки резорти во австрискиот град Мурау; и хрватскиот фудбалски клуб Осијек. Понатаму, неговите фирми презедоа мнозинска контрола врз унгарскиот огранок на чешката компанија за нуклеарен инженеринг „КраловоПолска Риа“ (КП Риа). Оваа компанија е еден од меѓународните партнери на Росатом, руската државна енергетска компанија која треба да ја гради унгарската нуклеарна централа Пакс 2. Со тоа, Месарош стана најголем доверител во најголемиот инвестициски проект во Унгарија досега, за кој руската држава одобри заем од 10 милијарди евра.

Блискост со банките

Растот на империјата на Месарош не се должи само на јавните тендери. Повеќе делумно или целосно државни банки со задоволство му даваат поволни кредити. Ексимбанк, Гранит Банк, МКБ, НБХ и Б3 Такарек му даваат такви заеми. Овие кредити му овозможија на Месарош да инвестира во цела лепеза компании без преголем ризик: а овие компании, за возврат, успеваат да остварат вртоглави профити благодарение на набавки од државата. Неговата компанија за минерална вода Вивиенвиц, на пример, во првата година од работењето доби порачка од државната железничка компанија вредна еден милион евра, или истата сума која Месарош ја плати за купување на компанијата.
Ако тоа не беше доволно, Месарош ја купи и МКБ, четвртата најголема банка во Унгарија. МКБ се врати во државна сопственост во 2014 година, откако претходниот сопственик „Бајрен ЛБ“ влезе во долгови поради економската криза и беше принуден да ја продаде. Унгарската држава ја стабилизираше банката, ја исчисти од долгови и му ја продаде на таен инвестициски фонд. Овој фонд подоцна ги продаде своите акции, па 45 отсто од акциите му припаѓаат на Месарош, а 30 проценти на Тамаш Шемереј и на поранешниот потпретседател на Централната банка.
МКБ е најголем кредитор на инвестициите на Месарош. Унгарската регулатива не ги спречува корисниците на кредити да преземаат делови од кредитни институции.

 

Реклама