1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Bekanntgabe der Inlfationsrate für Juli
Фотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Ограничена маржа или пониски даноци-кој е вистински одговор?

Костадин Делимитов
5 март 2022

Новите правила на пазарот треба да ја одржат ценовната стабилност. Експертите очекуваат одредени зголемувања и сугерираат да се внимава околу јавните финансии.

https://p.dw.com/p/47lZ3

Цените се одмрзнаа, но ограничената трговска маржа на основните прехранбени производи треба да го држи под контрола пазарот. Новата владина мерка утврдува пет, односно максимум десет проценти  маржа на продажните цени  и се однесува на широка палета производи. Ако до вчера цените беа замрзнати, од денеска тие имаат простор да варираат, но не премногу.

Промената веќе предизвика шок уште во средата, кога редица граѓани побрзаа да пазарат во страв дека од следниот ден ќе има нови поскапувања. Метежот пред маркетите беше голем, а граѓаните купуваа повеќе од редовните потреби:

„Пазарам повеќе оти и сега кога цениве се замрзнати, тие се поскапи. А од утре ќе има нови цени и сигурно дека ќе бидат повисоки. Ова со маржите не знам како ќе функционира и дали ќе може да се контролира. Затоа, што е сигурно е сигурно. Колку можевме испазаривме, па сега ќе видиме како ќе биде. Но тешко е, се е поскапено“, коментира скопјанецот Тодор пред еден од маркетите во скопски Карпош.

Производителите и трговците воздржани

Контролата на цените  ќе биде клучна задача за надлежните кои советуваат до граѓаните и самите да пријавуваат на бесплатниот телефонски број 191 во Државниот пазарен инспекторат. Надлежните очекуваат од производителите и трговците да се придржуваат до правилата. Тие пак засега не сакаат да коментираат ништо поконкретно како ќе постапуваат. Клучно е велат, што ќе се случува со суровините и со цените од увоз:

„Не би коментирал ништо поконкретно. Да почекаме да видиме како ќе се движат цените на суровините, на репроматеријалите. Но сигурно дека ќе има одредени зголемувања но не би зборувал за драстично. Дали сега или наредните денови, ќе видиме. Сѐ зависи од преметките на трговците“, изјави за Дојче веле Горан Малишиќ од Групацијата на мелничко пекарската индустрија.

За експертската јавност, потегот на Владата е очекуван и оправдан, посебно во услови кога производителите беа под притисок да работат рентабилно во услови на замрзнати цени:

„Мерката за 5 односно 10 проценти маржа за прехранбените производи е за поздравување, во споредба со онаа што важеше досега за замрзнување на цените која што реално беше во корист на граѓаните,  но од друга страна беше на штета на компаниите. Фирмите кои што увезуваа суровини беа директно на удар и некои од нив беа приморани да го држат пазарот и да работат поевтино. Новата мерка да се ограничи маржата е за поздравување и е во интерес на граѓаните, а и на компаниите кои сега нема да бидат премногу флексибилни со цените и нема да можат да ставаат големи маржи. Ќе се овозможи одредена контрола на основните производи, но од друга страна ги штити и компаниите да не работат со загуба како што беше со претходната мерка“, изјави за Дојче веле економистот Арбен Халили.

За дел од експертите е очекувано да има зголемувања на одредени цени:

„Ова е ублажување на мерката во однос на она што претходно го имавме. Сега ќе има намалување на профитот и на некој начин граѓаните и фирмите ќе го делат товарот. Се ограничува маржата, но се овозможува и одредена заработка. Се разбира дека може да се очекува поместување на  цените,  генерално поради две причини. Прво, поради што се одмрзнуваат маржите и дел од производителите ќе сакаат и да надоместат дел од загубите, најголем дел би оделе до најголемата маржа, иако дел од цените на производите се ограничени. Дополнително и поради неизвесноста која е подолг период присутна, во контекст на инфлацијата, но и сега со војната во Украина. Така што очекувам деловните субјекти рационално ќе се однесуваат, но е можно да има и одредено зголемување на цените. Затоа и јас сугерирав покрај ограничување на маржата за одредени производи да се размисли и за воведување на т.н. плафонирани цени“, изјави за Дојче веле Борче Треновски, универзитетски професор.

Намалување на даноците?

Но дали треба да се размислува и за други економски чекори? Опозициската ВМРО ДПМНЕ извесен период заговара план за намалување и укинување на дел од даноците за храната и енергенсите. За дел од нив дури и да нема воопшто данок, како на пример во делот на прометот и увоз на производи за човечка исхрана или за топлинската енергија. Бараат поддршка од Владата за ова и гласање на мерките во Собранието. Од Владата засега не коментираат ништо поконкретно околу ова. А уште претходно отфрли можност за намалување на царините за производите во прехранбената индустрија, што исто така го предложија од ВМРО ДПМНЕ.

Експертите не се убедени дека сега е вистинско време да се размислува за ваков вид на интервнеции. Посебно не во период кога економијата е под притисок.

„Мора да признаеме дека секоја политичка партија која е во опозиција има одредени мерки и предлози и тоа е за поздравување, вклучително и критиките кон Владата затоа што тоа создава еден вид притисок кон Власта да работи поодговорно. Но во вакви моменти мислам дека како земја не сме во состојба да експериментираме со разни мерки, поради фактот што не очекувам дека трговскиот биланс ќе се консолидира позначително, ниту пак девизниот режим тоа би ни го овозможил. Оттука сметам дека во овој момент ограничувањето на маржата е посоодветна мерка“, смета Халили.

Дел од експертите сметаат дека намалувањето на даноците можеби би имало ефект, но предупредуваат и од контра ефекти оти во таков случај би се намалиле и приходите во буџетот:

„Тоа останува како мерка која може да има влијание определен период но мораме да кажеме дека јавните приходи, односно откажувањето од даноците на увоз на определени произвиоди е исто како да субвенционирате определени производи, имајќи предвид дека вие се откажувате од потенцијални приходи. И тоа значи намалување на приходите во буџетот и оневозможување да се искористат на некое друго место, за социјален надомест и слично. Значи не е дека нема ефект, но од друга страна ублажуваат дел од влијанијата врз цените“, укажува професорот Треновски.

Тој сепак не ја отфрла оваа опција како можност, но не на начин за укинување и намалување на даноците генерално, туку преку еден вид комбинирано, таргетирано делување во насока на поддршка на  најзагрозените категории граѓани.  Клучно е вели да се имаат во предвид ефектите кои би се предизвикале од ваквото делување:

„Треба да ги имаме во предвид економската и социјалната логика. Ако ги намалиме даноците и давачките за увоз на определени производи, на тој начин влијаеме на цените на вкупните производи а знаеме дека обично посиромашните се погодени, знаеме дека доминантно купуваат храна, пијалоци и домувањето е главен дел кои сега имаат зголемување на цената. Можеби поефикасно би било да имаме таргетирано делување само кон тие слоеви на населението, оти цените ќе ги погодат сите, но доминантно најсиромашните. Ако влијаете на влезот на висината на цените, влијаете на сите, но може да се размислува за таргетирано влијание. Во ред е дел од мерките да се олабават за да не се наштети на буџетот, а од друга страна маржите да се држат како резервно средство и да се внимава и трето, да се оди како директна поддршка на определени слоеви на населението со цел да се спречи  ценовниот шок.  Но ќе повторам, мора да се имаат предвид ефектите“, предупредува Треновски.

Новите правила на пазарот ќе важат до крајот на мај. Во трговијата на големо, маржата може да биде најмногу 5%, а во продажбата на мало до 10%. Ова се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Од декември до вчера во сила беше мерката за замрзнати цени на основните прехранбени производи.

 

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница