1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот во Турција ги прекршил меѓународните стандарди

СН/ агенции
17 април 2017

Меѓународните набљудувачи со лоша оценка за турското раководство по референдумот. ОБСЕ ја доведува во сомнеж законитоста на референдумот.

https://p.dw.com/p/2bLts
Türkei | OSZE-Pressekonferenz in Ankara
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

По референдумот за уставните реформи во Турција, меѓународната набљудувачка мисија остро го критикуваше текот на гласањето. Приврзениците и противниците на претседателски систем немаа „исти можности“, критикуваше Цезар Флорин Преда од набљудувачката мисија на Советот на Европа и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) на прес-конференцијата во Анкара. „Избирачите не беа снабдени со независни информации за централните аспекти на реформата“, истакна Преда. Покрај тоа, рече тој, поради и натаму важечката вонредна состојба во земјата ограничени биле основните слободи „кои се од големо значење за еден демократски процес“.

Доцната промена на правилата за гласање биле спротивни на законот и отстраниле важни заштитни механизми, изјави Преда. Тој притоа мислеше на спорната одлука на Врховната изборна комисија во неделата, да ги признае за важечки и гласачките ливчиња кои не биле официјално одобрени со печат. Преда меѓутоа истакна дека експертите не говорат за изборна измама. Тие досега немаат информации со кои би се потврдиле обвинувањата на опозицијата. На изборните места кои ги посетиле набљудувачите, референдумот се одвивал согласно планот и ефикасно.

Türkei Referendum Auszählung
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Tazegul

Турците вчера, според официјалните податоци, со мнозинство од 51,4 насто се изјаснија за уставните промени, кои му овозможуваат повеќе моќи на претседателот Реџеп Таип Ердоган.  Опозицијата критикува за неправилности и измами на референдумот и побара тој да биде поништен. Во краен случај таа има намера со ова барање да настапи пред Уставниот суд на Турција и пред Европскиот суд за човекови права. 

Набљудувачи од 26 земји

ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа испратија меѓународни набљудувачи во Турција. Според наводите на ОБСЕ, на теренот биле присутни 63 набљудувачи од 26 земји. Меѓународните претставници меѓутоа можеа да го набљудуваат текот на гласањето на референдумот само ограничено на поединечни гласачки места.

Турција рече „да“