ОБСЕ/ОДИХР испраќа мисија за „избори на 5 јули“ | Северна Македонија | DW | 14.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ОБСЕ/ОДИХР испраќа мисија за „избори на 5 јули“

ОДИХР објави конкурс со кој бара тим на експерти од различни области кои треба да ги следат вонредните парламентарни избори во земјата на 5 јули. Меѓународните набљудувачи се очекуваат во земјата по 19 јуни.

ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули годинава. Во соопштение објавено денеска на интернет-страницата на институцијата, се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите.
„По официјалната покана да се набљудуваат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули, и во согласност со својот мандат, ОДИХР се подготвува да испрати Специјална мисија за проценка на изборите“, се наведува во соопштението.
Во отворениот конкурс кој завршува на 16 јуни, ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Северна Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник.
Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве реагираа дека не прифаќаат избори без набљудувачка мисија на меѓународните претставници. Прашањето се отвори откако шефот на државата Стево Пендаровски во петокот во обраќањето по повод вонредната состојба рече дека не знае дали е испратена покана до ОБСЕ/ОДИХР за следење на изборите. Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во петокот изјави дека избори без воспоставена набљудувачка мисија на ОДИХР не може да се сметаат за слободни и кредибилни. 
Лидерите на двете најголеми политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски досега не успеаја да договорат изборен датум. Од денеска повеќе не е во сила вонредната состојба во земјата, со што продолжија да течат изборните активности. 

 

DW.COM

Реклама