1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема нова вонредна состојба

ЕМФ
12 јуни 2020

Македонскиот претседател Стево Пендаровски нема да прогласи нова вонредна состојба и смета дека избори се неопходни.

https://p.dw.com/p/3dg98
Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Претседателот Стево Пендаровски смета дека нема причина за прогласување нова вонредна состојба.

„Сите вонредни состојби досега ги прогласував на барање на Владата, со нејзино образложение зошто е потребно да бидат воведени. И, на сите одлуки за вонредна состојба им претходеше седница на Советот за безбедност, на која премиерот и ресорните министри ги објаснуваа причините за потребата од вонредна состојба... Претседателот на државата може и без барање од владата да прогласи вонредна состојба, меѓутоа тоа никогаш не го направив, затоа што бев и се’ уште сум убеден дека во ниту еден политички контекст една институција, која и да е, не смее да ги изолира останатите институции при носењето на сериозни одлуки. Затоа, имајќи ги предвид причините поради кои ги прогласував сите претходни вонредни состојби, сметам дека од овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба. Според информациите од Владата, во изминатиот период се обезбедени доволни количества медицинска и заштитна опрема и донесени се економски мерки за поддршка на националната економија, за кои постои покритие во буџетот. Во прилог на тоа говори и тоа што Владата овојпат не достави формално барање за воведување нова вонредна состојба“, рече Пендаровски.

Повеќе:

Пендаровски меѓу вкрстен оган

Петти или 15-ти јули: Десет дена ги делат власта и опозицијата

Владата го отвори патот за избори на 5 јули

Тој објасни дека ниту една од претходните четири вонредни состојби не била воведена поради бројот на заразени и починати лица од коронавирус, туку за Владата да може да носи мерки во социјалната, економската и во здравствената сфера.

„Споредбите за бројот на заразени се без основа, затоа што ниту една вонредна состојба не беше воведена од тие причини“, уверува Претседателот.

Според него, за карантин, полициски час и слично, постои законска регулатива и не мора да се воведе вонредна состојба за такви мерки.

Пендаровски оцени и дека е заблуда оти вонредната состојба има врска со датумот за избори: „Избори може да се организираат и за време на вонредна состојба“, рече тој, додавајќи дека „и во време на корона, која нема да замине наскоро, се неопходни избори“, за да се добијат „функционален наместо распуштен парламент“ и влада.

Претседателот информираше дека власта и опозицијата биле согласни оти на изборите мора да има мисија на ОБСЕ/ОДИХР, и дека се неопходни протоколи за безбедни избори, но ставовите не се битно приближени околу датумот за избори.

„Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес, тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за негова дестабилизација преку хибридните закани и лажните вести, не можеме да исклучиме дека евентуалната правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна. Од тие причини, сакам да упатам јавен повик до претседателите на најголемата партија во власта – Зоран Заев и најголемата опозицискна партија – Христијан Мицкоски да седнеме уште денеска и да најдеме излез од оваа ситуација со ставање на државните интереси над личните и партиските. Во спротивно, само ќе ја отвориме вратата за уште поголема внатрешна криза“, рече на крајот од своето обраќање претседателот Пендаровски.

Вонредната состојба во земјата, прогласена пред две недели, истекува утре на полноќ.