Обвинителството на Рускоска ќе ги преземе надлежностите на СЈО | Северна Македонија | DW | 18.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинителството на Рускоска ќе ги преземе надлежностите на СЈО

Обвинителите од СЈО продолжуваат да постапуваат по предметите кои се предадени на ЈО, предвидува новиот предлог закон за Јавно обвинителство. Во ЈО ќе се чуваат и „бомбите“.

Што предвидува новиот предлог закон за Јавното обвинителство изготвен од Министерството за правда, за кој деновиве се вршат одредени консултации меѓу колициските партнери? Дојче веле имаше увид во предложената верзија, во која, меѓу другото се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите. Од ова е извесно дека предлагачот се откажал од идејата за формирање ново обвинителство за гонење на висока корупција, а сите случаи од висок профил треба да бидат во надлежност на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Таквото решение е предвидено во членот 108 во делот на Преодни и завршни одредби.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема надлежностите од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, согласно Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во став 3 од тој член.

Во став 4 од истиот член, се прецизира дека обвинителите од СЈО продолжуваат да постапуваат по истите предмети кои се предадени на Јавното Обвинителство.   

„Јавните обвинители во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои постапувале по предметите од надлежност на ова јавно обвинителство, продолжуваат да постапуваат по тие предмети кои се предадени на јавното обвинителство на Република Северна Македонија", што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО.

Повеќе:

Последниот ден на СЈО

Вработените од СЈО планираат да тужат

Предметите од СЈО одат во ЈО

„Бомбите“ ќе се чуваат во ЈО

Во членот 110 од предлогот на законот, се регулира каде ќе се чуваат снимките од незаконското прислушкување („бомбите“)

„Материјалите од незаконското следење на комуникациите од надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите кои не се предадени како докази во судовите, се чуваат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, се вели во став 1.

Во предлогот на законот се предвидува по истекот на три години од правосилното завршување на постапките, тие материјали да бидат уништени согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно со закон, а записниците за уништувањето да се доставуваат до републичкиот јавен обвинител. 

Мека автономија и кадровско засилување

Во однос на потребните финансиски средства за работа, јавниот обвинител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предлогот треба да го изработи во консултација со републичкиот јавен обвинител, а доколку тој и Министерството за финансии не се согласат со тој предлог, јавниот обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал за тоа треба да достави извештај до Владата. Но, ќе може да поднесе и дополнителни барања за финансирање на зголемени активности во работата. Предлогот предвидува платата на јавниот обвинител на Обвинителството за гонење на организиран криминал да е за 5% помала од платата на републичкиот јавен обвинител.

Во членот 109 е предвидено во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон, Советот на јавните обвинители по предлог на јавниот обвинител на Обвинителството за гонење организиран криминал да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во тоа обвинителство, по што во рок од 15 дена Советот треба да распише оглас за нивен избор.