1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Обвинителката Лиле Стефанова не е уапсена

БГ
23 јули 2019

Во серијата лажни вести и шпекулации кои кружат во јавноста по отворање на случајот „Рекет“, најновата од денеска е дека била уапсена специјалната обвинителка Лиле Стефанова. Веста е експресно демантирана.

https://p.dw.com/p/3MaNa
Symbolbild Fake News
Фотографија: imago/Christian Ohde

Веста дека специјалната обвинителка Лиле Стефанова е уапсена, утрово беше експресно демантирана од Специјалното јавно обвинителство. Од СЈО соопштија дека „категорично ги демантираат написите во некои медиуми во кои се тврди дека обвинителката Лиле Стефанова е уапсена вчера“. Изворот на веста е на социјалните мрежи. 

И Стефанова ја демантираше веста во изјава за Фокус. „За секоја идна шлекулација ќе преземам соодветни законски мерки“, рече таа утрово.

Веднаш по отворањето на случајот „Рекет“ на 15 јули годинава, во јавноста се шпекулираше и дека бил извршен претрес во домот на обвинителката Стефанова.

Таа е индиректно поврзана со случајот затоа што го води предметот „Империја“ на СЈО, во кој еден од осомничените е сведокот во случајот „Рекет“.

На прес-конференцијата во СЈО одржана на 16 јули, Стефанова одговори на неколку новинарски прашања, потенцирајќи дека не стравува оти би можела да биде инволвирана во скандалот. Стефанова тогаш тврдеше дека таа не ги потпишувала ниту мислењата за пуштање од притвор на обвинетите.

„Јас немам потпишано ниту една одлука која излегла од ова обвинителство. Ниту мислењата за пуштање од притвор во куќен притвор, ниту пак одлуката за давање на патните исправи. Сите одлуки си ги потпишува и носи Катица Јанева, така е согласно закон. Јас немам законско право да потпишам ниту една одлука“, рече тогаш Стефанова.

Шпекулациите, полуинформациите, па дури и лажните вести поврзани со случајот „Рекет“, последнава недела станаа секојдневие. Во јавноста постојано се лицитира со имиња на обвинители, политичари и јавни личности кои би можеле да бидат вмешани во скандалот со рекетирање. Од Јавното обвинителство засега нема потврда за ниту едно друго име освен за првично осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски. 
Нов момент во истрагата, за кој денеска информираше Јавното обвинителство, е дека е пронајден и вториот мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева. При првиот претрес во нејзиниот дом, минатата недела, Јанева тврдела дека го изгубила телефонот. Лицето кај кое е пронајден апаратот, пак, тврдело дека телефонот му бил подарок.