1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Обвиненија за Боки 13 и друштвото од Меѓународниот сојуз

3 јануари 2020

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против пет лица и едно правно лице

https://p.dw.com/p/3VgMy
Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Kривичниот суд доставило Обвинителен акт против пет физички лица и едно правно лице, соопшти Обвинителството. Иако во соопштението не се спомнуваат иницијали, според описот јасно е дека се работи за лицата кои беа опфатени со истрагата за невладината организација Меѓународен сојуз, нејзиниот претседател Бојан Јовановски (Боки 13), потпретседателката Јасна Мандиќ, почесната претседателка Фросина Ременски, асистентката на Јовановски, Христина Блажевска и неговиот татко, Миле Јовановски.

Измама, перење, пари, помагање...

Според Обвинителството, правното лице и првосомничениот се товарат за измама, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело.

„Првообвинетиот се товари и за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 став 1, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Едно лице, освен за помагање при перење пари и други приноси од казниво дело е обвинето и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ се вели во соопштението од Обнителството.

Die mazedonische Staatsanwaltschaft ermittelt gegen Frosina Remenski
Фотографија: DW/P.Stojanovski

Според наводите во обвинението, во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица - управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата.

Повеќе:

-„Рекет“: Судскиот процес на годината

-Сојузот на Боки 13 бил фреквентно место

-Силјан Мицевски „малку“ се збуни

Како што соопшти Обвинителството, две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело „измама" и „примање награда за противзаконито посредување".

„Второобвинетата откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите. Петтообвинетиот иако знаел дека парите потекнуваат од кривично дело „Измама" и „Примање награда за противаконито посредување", со умисла му помогнал на првообвинетиот да ги пушти во оптек. Откако првообвинетиот ќе му дадел готовински средства, тој ги уплаќал на својата девизна сметка, дел пренесувал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, дел ги подигал во готовина и ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица, а за сето тоа нема легално покритие“, соопшти Обвинителството, додавајќи дека петтообвинетиот во својот дом неовластено држел огнено оружје и муниција.

Nord-Mazedonien Bojan Jovanovski Festnahme im Fall "Reket"
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оштетени градежни фирми

Истрагата против петмината и правното лице беше отворена на 9-ти октомври. „Меѓународниот сојуз - Скопје" подолг период беше најавувана како организација преку која ќе градат европски центри за возрасни лица. За овие проекти, двајца домашни бизнисмени префрлиле околу милион евра на лични банкарски сметки: битолскиот бизнисмен и сопственик на градежното претпријатие „Пелистер", Силјан Мицевски,  префрлил 719.905 евра на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, а стружанецот Ардијан Амзоски од градежната фирма „Дрим билдинг“ уплатил 233.821 евра на сметка на Јасна Мандиќ. Со парите на Мицески наводно требало да се изградат такви центри во Битола и во Охрид, а со парите на Амзоски во скопската општина Карпош. Но, и по една, односно две години од нивните уплати, изградбата на тие центри воопшто не започна.