Новогодишен огномет и петарди - за едни радост, за други проблем | Свет | DW | 01.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Новогодишен огномет и петарди - за едни радост, за други проблем

Нова Година без омилените ракети и петарди? Тоа во Германија е речиси незамисливо. Германците трошат милиони евра за пиротехника со која ја дочекуваат Новата година. Тоа е речиси традиција. Но, пиротехниката загадува.

Агресивно однесување, висок степен на штетни честички во воздухот и чад, оглувени животни: забавата за новогодишната ноќ во Германија е поматена. Активистите за заштита на животната средина и полицијата и годинава предупредуваа на последиците од новогодишните приватни огноменти кои се традиција во земјата. Поради високиот степен на загадување на воздухот и штетни честички во воздухот, Министерството за животна средина повика луѓето да се воздржат од пукање петарди и други пиротехнички средства. И германското Здружение за заштита на животната средина побара од граѓаните да палат помалку пиротехнички средства, особено во градовите кои се веќе премногу загадени. Дел од општините веќе воведоа забрана за приватни огномети во центарот на градот. Меѓу првите кои донесоа таква одлука беше градот Хановер. Според синдикатот на полицијата, проширување на таквата забрана надвор од градското централно подрачје би била невозможна да се контролира. Полицијата исто така се жали дека во текот на новогодишната ноќ има тенденција на зголемена агресивност и непочитување од луѓето, дури и кон спасувачките екипи.

Оној којшто не користи пиротехнички средства за Нова година, или пак ќе испука помалку ракети, придонесува и за намалување на загадувањето на воздухот со штетни честички, вели шефицата на Сојузната агенција за животна средина, Марија Крауцбергер за весникот „Рајнише пост“. „Тоа помага за здравјето на луѓето, а истовремено има помалку ѓубре на улиците и во околината", потенцира Крауцбергер. Во новогодишната ноќ екстремно се зголемува степенот на загадување на воздухот од штетните честички од пиротехничките материјали, како никогаш во друг дел од годината. Токму ова е еден од аргументите на екологистите во дебатата за забрана за употреба на пиротехника. Здружението за заштита на животната средина одигра голема улога во однос на дебатата околу загадувањето и дизелот. Со тужба успеаја да издејствуваат забрана за стари дизел возила во големите градови.

BdTD Deutschland Zoll sprengt Feuerwerkskörper (picture-alliance/dpa/P. Pleul)

Пукањето ракети го загадува воздухот

Повикот за построги мерки против употреба на новогодишна пиротехника наиде на одбивање од потпретседателката на ЦДУ, Јулија Клекнер. Постоечките регулативи се доволни, вели министерката за земјоделство за магазинот „Шпигел". Пристапот на здружението е „патронизација“ на граѓаните, смета Клекнер. Шефицата на пратеничката група на Зелените, Катрин Геринг-Екхрт за весниците на медиумската групација „Функе“ – медиумската групација изјави: „Мене лично ми се допаѓаат огнометите, иако знам колку се загадува воздухот поради нив." Општините заедно со граѓаните треба да решат како ќе се прославува Нова Година кај нив. Раководителот на сојузот на градови и општини, Герд Лансбер за „Пасауер ноје пресе" оцени дека новогодишни огномети треба да се почитуваат како обичај и традиција. Луѓето со тоа изразуваат „животна радост" и „надеж“.

Сојузот на пиротехничка индустрија и годинава очекува обрт од околу 137 милиони евра за ракети, петарди и други пиротехнички средства. „Скептичен сум околу актуелната дебата за забрана на приватни огномети за Нова Година во густо населени места, бидејќи полицијата нема доволно персонал, ниту начин како да го контролира тоа", вели претседателот на полицискиот синдикат Оливер Малков за германската агенција ДПА. Малков исто така додава дека полицијата на новогодишната ноќ се соочува и со „голема доза на агресивност и непочитување". Ракетите се фрлаат намерно во насока на куќи. Секоја година стотици лица завршуваат со повреди за Нова Година.

Deutschland LKA-Sachsen warnt vor Pyrotechnik ohne Zulassung (picture-alliance/dpa/H. Schmidt)

Полицијата нема доволно персонал, ниту начин да ги контролира приватните огномети

И државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Гинтер Крингс, смета дека сцените кои се случуваат за време на новогодишната ноќ низ германските градови со приватните огномети се навистина опасни. Тој за онлајн-изданието на весникот „Тагесшпигел“ изјави: „Непријатно и несоодветно е да се пукаат ракети и пиротехника во текот на целата новогодишна ноќ. Тоа мора да заврши најмногу еден час по полноќ."

Во една анкета на онлајн-институтот за испитување на јавното мислење Сивеј, речиси 60% од испитаниците велат дека се за забрана на употреба на пиротехнички средства во населени места. Според друга анкета на Институтот за испитување на јавно мислење ИНСА, направена за весникот „Билд“, мнозинството Германци воопшто не сакаат да прават огномет. Само 18% се изјасниле дека уживаат во пукање ракети и други пиротехнички средства. Евангелистичката хуманитарна организација „Леб за сите" повика наместо за приватен огномет, средствата да се донираат за луѓето на кои им е потребна помош.

Организацијата за заштита на животните Пета порача: „Додека гласните петарди и огномети им служат за забава на луѓето, за животните тоа е вистинска катастрофа: кучиња, мачки и други животни како последица на тоа често оглувуваат, а силната светлина и непознатиот мирис на чад го чуствуваат како да се животно загрозени."

Поврзана содржина

Реклама