Нови раководители во МВР: тековна или политичка потреба? | Македонија | DW | 19.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нови раководители во МВР: тековна или политичка потреба?

Од МВР засега нема одговор за мотивите на раководното подновување, во чувствителен политички момент - десетина дена пред одлуката дали ќе има избори

Само десетина дена пред одржувањето на лидерската средба на која треба да се оцени дали има услови за фер-избори, во Министерството за внатрешни работи преку интерен оглас ќе се назначуваат нови раководители. Огласот бил објавен на 5 август и на него можеле да конкурираат вработени од сите организациски единици на МВР: од Бирото за јавна безбедност, Централните полициски сили, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и од сите сектори за внатрешни работи.

По медиумското објавување на оваа информација, од МВР засега нема одговор за мотивите на ова раководно подновување, во чувствителен политички момент. Портпаролите во министерството велат дека новинарските прашања се доставени до Правната служба, и веднаш штом ќе добијат одговор од таму, ќе го дистрибуираат до медиумите.

Но, според извори од министерството, работите околу интерниот оглас повеќе се прашање од политички, отколку од правен карактер. Во овој интерен оглас, а особено во тајмингот кога е објавен, тие препознаваат обид на врвот на министерството да се опкружи со „тврди решенија“. Под тоа подразбираат лица со исклучително висок степен на доверба кај министерот и неговите најблиски соработници, докажана лојалност кон владејачката партија и беспоговорна послушност во извршувањето на наредбите.

„Ништо ново. И досега професионалноста беше игнорирана во корист на лојалноста кон партијата. Веројатно целата работа сега се крева до максимално ниво. Раководното опкружување освен партиски сервилно, треба да биде и од највисок степен на партиска или министерска доверба“, коментираат извори од министерството. Само во секторот за односи со јавност било планирано пополнување на дваесетина позиции, што според нашите соговорници, укажува дека „информирањето“ во ресорот ќе биде „подобно спакувано“.

„Кадровските промени во МВР можат сериозно да се одразат во извршувањето на сложените безбедносни задачи доколку тие се диктирани од потребите на партиите на власт и се во функција на претстојните избори“, предупредува Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, денес пратеник и лидер на Демократскиот Сојуз.

„Само неколку дена пред лидерската средба да се менуват раководни работници од партиски мотиви, ќе предизвика незадоволство и може да го наруши системот на хиерархија. Треба да се престане со ваквите експерменти и да се почитува професионалноста, а партиите да ги тргнат рацете од МВР. Крајно неодговорно и опасно е ако и натаму постои намера МВР да биде главен играч во претстојните парламентарни избори, односно МВР повторно да биде штаб на ВМРО“, вели Трајанов.

Преговарачите неинформирани?

Во дел од партиите кои на 20 јули постигнаа договор за неопходните чекори кои може да обезбедат елементарни услови за фер-избори, велат дека немаат информации за интерниот оглас во МВР. Некои заминале на викенд, некои се зафатени со други обврски, па се добива впечаток дека процесите пред лидерската средба се оставени во „слободен пад“.

А токму ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, во однос на неговата можност за кадровски промени, беа причина за најголеми несогласувања меѓу партиските тимови во преговорите пред 20 јули. И тогаш раководство на МВР се покажа како многу досетливо. За да не може министерот во преодната влада да врши смена на раководители во МВР, тие масовно добивале решенија дека се именувани за истражители на Јавното обвинителство. Не случајно, бидејќи членот 50 став 3 од Законот за кривична постапка изрично забранува разрешување и распоредување на друго работно место на истражител назначен со наредба на јавен обвинител. Со тоа, рацете на министерот во преодната влада требаше да бидат целосно врзани за вршење кадровски промени, на што реагираше опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ тогаш предлагала да се укинат сите решенија за истражители до завршување на изборниот процес, што не било прифатено, бидејќи тоа би значело целосно блокирање на истрагите во обвинителствата во наредните месеци. По неколкудневни преговори, проблемот беше надминат со договорот од 20 јули. Партиите постигнаа согласност „сите решенија за назначувања за истражители во Јавното обвинителство кои им се дадени на носители на раководни позиции во МВР ќе бидат поништени и нема да бидат давани нови решенија до завршувањето на изборниот процес“, а техничкиот министер за внатрешни работи во преодната влада да може да смени 15 раководители, како и 10 проценти кадровски промени по хоризонтала, според просекот во 2013 и 2014 година.

Но, последниот интерен оглас го отвора прашањето: дали за раководители ќе бидат избрани лица кои претходно биле именувани за истражители, со што на новите позиции тие автоматски би станале неразрешливи?

Одговорот ќе се знае по завршувањето на конкурсната постапка.

Департизација - што е тоа?

Аудио-снимките од назаконското следење на комуникациите што ги објави опозицискиот СДСМ, таканаречените „бомби“, открија повеќе разговори на лица од поранешниот раководен врв на МВР, во кои, и индиректно и најдиректно се разоткри дека министерството функционира како експозитура на владајачката партија, односно дека нема разлика меѓу „МВРО и ВМРО“. И покрај многуте епизоди на преговори во пржинскиот процес, и заложбите за одвојување на партијата од државата, до денес не е започнат процес за департизација на Министерството за внатрешни работи. Последниот интерен оглас во МВР, реализиран во „пет до 12“ пред очекуваната лидерска средба, по објавувањето на резултатите ќе покаже дали постоела волја за такво нешто. Претходно МВР објави и оглас за прием на 650 полицајци, чин, во кој аналитичарите препознаа обезбедување нов клиентелистички контингент за изборни цели. И покрај ваквите практики, спротивни на духот на Договорот, а поткрепени од власта со разни легалистички образложенија, опозицијата е уверена дека условите за фер - избори ќе бидат исполнети. Јавноста, пак, чека одговор на кои факти е втемелен таквиот оптимизам.

Реклама