Нови нереди во Белфаст, Брегзит го потпалува конфликтот | Свет | DW | 09.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нови нереди во Белфаст, Брегзит го потпалува конфликтот

Апелите од двата табора не помогнаа – ноќеска во Северна Ирска повторно дојде до безредија. Загриженоста од нова ескалација расте. И британскиот премиер Борис Џонсон и САД ги осудија немирите.

Без оглед на сите апели за запирање на насилството, ноќеска во главниот град на Северна Ирска, Белфаст, повторно беснееја нереди. Млади луѓе во западниот дел од градот фрлаа камења,  петарди и Молотови коктели врз полицајците, како што јави новинската агенција ПА. На тоа полицијата одговорила со водени топови, според БиБиСи, првпат по шест години против безредијата, а освен тоа се заканила и со употреба на гумени куршуми.

Насобрани биле стотина хулигани, јавува весникот „Белфаст телеграф“. Северноирската министерка за правда Наоми Лонг преку Твитер за безредијата ги обвини „националистичките младинци“ и побара итно запирање на насилствата. Засега нема информации за повредени по синоќешните немири. 

Политичари од двата табора ги осудија судирите

Во британската провинција Северна Ирска судирите траат со денови, во нив во меѓувреме се повредени десетина полицајци. Според проценката на безбедносните власти, зад немирите стојат делумно протестантско-лојалистички групирања, кои се вклучени и во трговија со дрога.

Повеќе на темата:

Џонсон постигна нов договор за Брегзит со ЕУ

Нова ИРА призна одговорност за смртта на новинарката Мекки

Брегзит: неизвесност во Северна Ирска

Спорната улога на британската полиција во конфликтот во Северна Ирска

Вчера политичари од двата конфесионални табора во Северна Ирска остро ги осудија безредијата. Во Северна Ирска на власт е коалиција на национално единство составена од најголемите партии од протестантско-унионистичка и од католичко-републиканска страна. И британскиот премиер Борис Џонсон, како и САД го осудија судирите.

Истурање на Брегзит фрустрацијата

Наводен повод за протестите е решението на полицијата да не поведе постапка против политичари на католичко-републиканската партија Шин Фејн, кои присуствуваа лани на голем погреб на поранешен терорист на ИРА, и покрај тоа што при масовниот собир беа прекршени важечките епидемиолошки мерки.

Weltspiegel 09.04.21 | Nordirland | Unruhen in Belfast halten an

Со денови млади демонстранти се во судир со полицијата

Во делови од протестантскиот табор незадоволство и отпор предизвикува и договорот за Брегзит.

Провинцијата и натаму е дел од внатрешниот трговски пазар на ЕУ - новата трговска граница е резултат на Северноирскиот протокол, воведен за да се избегне воспоставување тврда граница на ирскиот остров. Протоколот значи дека Северна Ирска останува на единствениот пазар на стоки на ЕУ, така што производите што доаѓаат во Северна Ирска од Велика Британија се подложени на увозни процедури за ЕУ. Со тоа се избегнува потребата од контрола на ирските граници, а царинските правила на ЕУ наместо тоа се спроведуваат во северноирските пристаништа. Унионистите тврдат дека ова ѝ штети на трговијата и ја загрозува позицијата на Северна Ирска во Велика Британија.

Регулативата инаку е насочена токму кон тоа да се избегне загрозување на т.н. Договор на Велики петок“. Со него во април 1998 година се стави крај на насилниот конфликт меѓу  протестантските приврзеници на унија со Велика Британија и католичките приврзеници на обединување на двата дела на Ирска. Конфликтот траеше скоро 30 години и однесе повеќе од 3.500 животи. Предупредувањата дека една од последиците на Брегзит може да биде и загрозување на мирот во Северна Ирска, се присутни одамна.