Новинари со тужба бараат отштета за прислушкувањето | Северна Македонија | DW | 19.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Новинари со тужба бараат отштета за прислушкувањето

Новинари ја тужат државата, односно МВР и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како правен наследник на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК)

Пред Основниот граѓански суд - Скопје во петокот е поднесена тужба од повеќе од 20 новинари, со која бараат отштета за неовластеното прислушкување на нивните комуникации во одреден временски интервал. Новинарите ја тужат Република Северна Македонија, односно Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како правен наследник на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) која претходно функционираше во рамките на МВР.

„Ја тужиме државата, бидејќи таа требало да превенира злоупотреба на прислушкувањето“, вели адвокатот Филип Медарски, чија адвокатска канцеларија ги застапува новинарите пред судот.

Периодот во кој одредени новинари биле незаконски прислушкувани е различен, и се движи од неколку месеци до неколку години.

„Побаравме од Обвинителството такви податоци, но заради тоа што е во тек кривична постапка за тој случај („Таргет-Тврдина“ – н.з.), Обвинителството нѐ упати тоа да го побараме преку граѓански суд“, вели Медарски.

Според него, без разлика дали во текот на кривичната постапка некој ќе биде осуден, отштета ќе се бара од државата, бидејќи таа сноси одговорност заради тоа што нoвинари биле неовластено прислушкувани.

Месеци, години

Разрешницата на капиталниот предмет на поранешното СЈО „Таргет-Тврдина“ треба да даде одговор кој незаконски ги следел комуникациите на над 20.000 македонски граѓани - политичари, бизнисмени, новинари и јавни личности, и кој ја уништил опремата преку која било извршено тоа кривично дело.

Повеќе:

-Верушевски го апсолвира Мијалков од вина за прислушкувањето

-„Бомбите“ на Заев сѐ уште без правна завршница

-Сѐ уште дилеми за ОТА: вистинско решение или маскота?

Под слоганот „Вистината за Македонија“, случајот во февруари 2015 година го обелодени лидерот на тогаш опозицскиот СДСМ, Зоран Заев, јавно презентирајќи аудио-снимки за дел од незаконски следените разговори. Од тоа, но и од Извештајот на експертот ангажиран од ЕК, Рајнхард Прибе од мај 2015 година, во кој беа наведени бројни недостатоци во функционирањето на одредени државни институции, меѓу кои и на УБК, произлезе потребата за основање на Специјално јавно обвинителство со надлежност да гони дела поврзани, и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година.

Во ноември 2016 година, на прес-конференцијата на која СЈО соопшти дека отвора истрага за предметот „Таргет“, беше наведено дека голем број од лицата чии комуникации незаконски биле следени, се од сферата на медиумите. Според податоците, станувало збор за неколку стотини записи за одредени новинари, во интервали кои од случај до случај се движеле од 1.000 до над 1.800 денови, или во континуитет од три до пет години. 

Реприза во поголем обем

Ова е втор случај во кој новинарите имаат отштетно побарување заради неовластено прислушкување. Пред две децении, над десетина новинари тужеа за случајот „Големото уво“, кој беше обелоденет од Бранко Црвенковски, претседател на тогаш опозицискиот СДСМ. На прес-конференција беа презентирани транскрипти од неовластено прислушкувани разговори на новинари, бизнисмени, политичари... Тогашниот претседател Борис Трајковски донесе одлука за аболиција на министерката за внатрешни работи, Доста Димовска, и на началникот на петтата управа во МВР, Александар Цветков, со што заврши кривичната постапка. 

По седумгодишен судски процес и промена на неколку судии, новинарите поединечно добија отштета од над 4.000 евра во денарска противвредност, и поединечен надоместок на штета (1.800 евра) откако во Стразбур се жалеа заради повреда на правото за судење во разумен рок. Дел од новинарите кои тогаш ја тужеа државата, повторно се таргет на прислушкување и во вториот случај.

Но, претходната судска одлука за одредената сума за отштета нема да биде репер за сегашното тужбеното побарување на новинарите: ќе се бара отштета од 10.000 евра по лице.

„Би требало судот да има предвид дека оттогаш до денес се променети околностите - различен е и обемот, и времетраењето на прислушкувањето“, вели Медарски.

Тој очекува да се докаже дека постоело неовластено прислушкување на новинарите, и да и се утврди одговорноста на државата.

 

Реклама