1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Нова стара чаршија”

23 април 2020

Не може да зборуваме за Старата скопска чаршија, нејзина туристичка промоција, ако направиме радикална модернизација, пишува Донка Барџиева Трајковска во реакција на колумната „Чаршиски разговори”.

https://p.dw.com/p/3bHiy
Old Bazaar  in Skopje
Фотографија: DW/K. Bogoeva

Активностите  во Старата скопска чаршија и бројните реакции го привлекоа вниманието и на  новинарот  Љупчо Поповски, кој  посвети цела колумна на оваа тема („Чаршиски разговори” Dw на македонски јазик, 18.04.2020). Сообразено со насловот, тој  ги изнесува сопствените размисли и ставови во обид  да даде одговор на  дел од  прашањата за кои  реагираат граѓаните. Тоа секако  не е спорно, затоа што секој граѓанин има право да изнесе свое мислење. Она што е спорно е прашањето за одговорноста за изнесените мислења и ставови, особено ако  тие  не се проверени. Морам  да признаам дека од новинар кој го почитувам  и го сметам за сериозен  при обработката на други теми од општестениот (политички ) живот очекував многу повеќе. Изненадена сум од фактот  дека во  оваа колумна целосно отстапува од базичните стандарди во новинарството, кои подразбираат добра информираност за прашањето кое се третира, обезбедување на релевантни  стручни  информации од надлежни лица и институции, но пред се’ увид во законските и подзаконските акти. Затоа што станува збор за проблеми кои припаѓаат на дејност која е уставна катаегорија ( член 56) и регулирана во Законот за заштита на културно наследство (2004), во Законот за прогласување на Старата скопска чаршија како културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење(2008/10), како и во бројни подзаконски акти... За да не добијат карактер на паушалност, изнесените  мислења и ставови би требало да бидат сообразени  со постојната законска регулатива, меѓународни конвенции и стандарди, односно не прилега на  реномиран новинар едно толку сериозно прашање да го сведе на „чаршиски разговори.“ Од тие причини и цитирањето на  една моја изјава, извлечена од контекст  го  сметам за  злоупотреба, затоа што   во ваков контекст, едноставно не се вклопува.
Повеќе од јасно е дека  кога станува збор за ,,чаршиски  разговори“, не може  да се спори со стручна, експертска аргументација. Но,сепак како познавач на заштитата на културното наследство, чувствувам должност да спротивставам релевантно стручно мислење и да укажам на штетноста на овој текст.

Nord-Mazedonien Skopje | Altstadt
Фотографија: DW/D. Dedovic


Бора Станковиќ и заштитата на наследството
Изборот на патетичниот  повик  на   Бора Станковиќ, како илустрација за реакцијата на граѓаните за  Старата (османлиска)  скопска чаршија а во еден поширок контекст и за плоштадот, камениот мост ... заклучно со Скопје 2014, е  во најмала рака  несоодветен и  непримерен за  културното наследство заштитено со закон! Обидот, реакциите на дел од јавноста да се поврзат  со личниот сентимент и состојбата на духот, како страдање за  минатите   времиња,поврзани  со спомените на  старите  градби и амбиенти во кои ја минале младоста е промашена тема затоа што нема врска со  предметот -  културното наследство. Во најмала рака е зачудувачки, како  новинарот  можел да направи  ваков превид, освен ако не станува збор за отсуство на образование. Затоа што  културното наследство го добива својот статус заради вредностите кои ги поседува и тоа потврдени вредности со стотици и илјадници библиографски единици! А за да се препознаат и „видат“ овие вредности потребно е образование во кое е вклучена културата и културното наследство. Затоа што, заштитата на културното наследство оперира со вредности и не трпи импровизации и релативизирања. Староста на споменикот е еден од критериумите при вреднувањето но  не и единствен. Бидејќи станува збор за јавна дејност,граѓаните имаат право да побараат објаснување за постапките и степенот на интервенциите на културното наследство.Како што тоа го прават  со Старата скопска чаршија. Затоа што тие се титулар на наследството и  нивната грижа треба да се поздрави и дополнително да се поттикнува. 
За жал, во истиот патетичен контекст е ставен  и т.н..проект „Скопје 2014“  како “отелотворување” на ,,ударот на таа опсесија и фиксација,“. Се согласувам дека овој проект направи огромни штети и  уништувања, но  никако не можам да се согласам дека  истиот е резултат на  опсесија и фиксација од старото! Напротив. Целиот проект е крајно рационално обмислен  како пропаганден  инженеринг  со идентитетски  импликации. Во него нема никаква фиксација со старото, ниту   било каков  сентимент, затоа што криминалот  и кражбата  се лишени од сентимент. А ,толку многу е пишувано и зборувано за овој т.н.проект, за кој е покрената и кривична постапка!
Сол на отворена рана
Информациијата  дека проектот е изработен   пред десет години и дека се чекале средства   за негова реализација ( кои конечно се обезбедени од Светска банка во износ од 600.000 евра) ги потврди сомневањата  на дел од експертската јавност за штетноста  на самиот проект.Токму тој и таков проект  во 2015/16 година  не доби конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство.Во 2017 година повторно  беше направен обид истиот да се протне  на мала врата но и тогаш не помина.Конечно конзерваторското одобрение  за истиот проект  е издадено од Управата за заштита на културно наследство  во 2019година. Што се однесува до буџетот,треба да се дополни дека како грантор/ инвеститор се јавуваат  и Европска унија со 36.075.802,00денари, Владата на РСМ со 31.014.187,00 денари и општина Чаир со 4.061.615,00денари. Општинските власти “не потфрлија ” во менаџирањето на оваа крајно штетна активност. Потфрли Министерството  за култура кое не укажа на кршењето на членот 9  став 1 и 3  од Законот за прогласување на Старата скопска чаршија... Потфрлија стручните институции, НУ Конзерваторски центар,Скопје и Управата  за заштита кои и дадоа одврзани раце на  општината да ги унифицира излозите и да ја санира ,,калдрмата” на ул. Битпазарска со површина од 2240м2. Прашање на образование е ако оној кој аплицира и го реализира проектот  го употребува  зборот калдрма, наместо травертински плочи. Затоа, не можете да ги обвините граѓаните кои реагираат. Тие не мора да знаат дали е калдрма или травертин, но апликантот мора!
Баланс на времето
„И она што е старо на свој начин се развива, осовременува, инаку градовите би останале исти како пред пет века” вели Поповски.Иако кажано во негативна смисла,за среќа постојат позитивни примери во некои држави кои имаат изградена свест за културното наследство. Во тие држави, градовите  се развиваат а одредени нивни делови  го задржуваат изгледот од пред  пет  и повеќе векови. Таков е примерот на Фиренца, Венеција и многу други како  Париз на пример  и неговата голема обнова од  време на баронот Осман од средината на 19 век. Замислите некој  повторно да започне да руши и да гради нови модерни објекти, да го развива и осовремена градот или да го реализира предложениот модел на  Корбизие?
Но, кога станува збор за чаршијата примерот  со големата обнова на Париз не е соодветна (иако денес во време на пандемија многу често се посочува како  пример на град со добро проветрување) затоа што модерното,современо Скопје се развива на  десниот брег на р.Вардар уште од  триесеттите години на минатиот век. Старата скопска  чаршија треба да се третира како град во град и кога станува збор за ревитализација и туристичка промоција секој потег треба да биде добро осмислен. Точно е дека голем дел од чаршијата е деградиран и многу вредности се изгубени, но нешто може и да се спаси  и да се обнови. Субстандардот  на дуќаните   за кој  пишува Поповски  и тешкото движење  по евентуалната  калдрма,  зависи пред се’ од аголот на гледање, кој во конкретниот случај е погрешен. Затоа што во времето кога била формирана чаршијата постоеле други стандарди, далеку по хумани од оние на кои денес се повикуваме. А и познатиот патеписец Евлија Челебија ја опишува чаршијата како велелепна...  Чиј агол на гледање е точен?

Bildergalerie Brückenbauer Kristian Cierpka
Фотографија: Kristian Cierpka


Според аголот на гледање на Поповски,се’ што е изградено во минатото е субстандард,...! По таа логика во европските замоци и дворци неопходно е да се постават лифтови  и други современи помагала за да не бидат субстандард! И  да го оправдаме поставувањето на лифтот во Куќата на Уранија во Охрид! И тука се поставуваат  суштинските прашања во однос на заштитата на културното наследство,поврзани со тоа  што е предметно:дали стандардот или автентичноста, дали високите вредности на комплексот  или комодитетот и зошто е неопходно да го помниме минатото низ артефактите! Одговорот и на двете прашања е содржан во реконструкцијата на неколку големи градови како Варшава, Москва, Дрезден... Затоа не можеме да зборуваме за Стара скопска чаршија и за нејзина туристичка промоција ако направиме радикална модернизација, наместо автентична реконструкција. Впрочем,  во заштитата се дозволени интервенции на ентериерот во смисла на подобрување на условите, но по претходно извршени истражувања и добро осмислен проект. Спорниот проект за кој говориме, такво нешто  не предвидува и затоа е штетен! И да резимираме: ако гледаме на културното наследство со потценување во однос на стандардот, ке го изгубиме реалниот однос, ке ја изгубиме историската валидност, ке се исклучиме од историскиот континутет и ке навлеземе во дисконтинуитет. Во време кога  се уште е присутна опасноста Охрид да го изгуби статусот на светско културно наследство,поразително е сознанието дека се уште има луѓе кои за такви високи вредности јавно  користат малициозни  квалификации од типот „субстандард” и „шпиртосани”! 
За крај, да се навратиме повторно  на  Париз и да  посочиме неколку  позитивни примери од кои би можеле да учиме. Слично на чаршијата во Скопје, во Париз  егзистира Монмартр како град во град. Движењето по тесните улички и бројните скалила не е воопшто лесно,но никому не му паднало на памет да ги модернизира иако се направени одредени интервенции и дел од автентичноста  е изгубена.  Условите на работа  во  малите дуќанчиња и бистроа се многу скромни, со дрвени патоси кои крцкаат кога газите по нив и со мали  витрини со ќепенци, но никому не му паднало на памет да ги модернизира со големи застаклени витрини  налик на салоните на елитната авенија Champs Élysées. Наспроти тоа,грижата за заштита   на ова  по многу нешта култно место за парижани но  и за целиот свет  тие ја манифестираат со иницијатива за впишување на Листата на светско  нематеријално наследство! Затоа што со впишувањето во Листата се создаваат услови за добивање на финансиски средства за одржување на објектите  во кои е вградена вековната  историска и културна  меморија на ова место и одржувањето на малите занаети. Иницијатива за впишување на Листата на нематеријално светско  наследство е покрената и за познатите букенисти ( Bouquinistes) на р. Сена,како и за париските бистроа и тераси, како загрозено наследство од напливот на сендвичари и продавници за брза храна! Но, и за познатата француска багета (baguette), лично претседателот Макрон има покренато иницијатива  за впишување на Листата на светско нематеријално наследство!Ова се примери на држави со граѓани кои поседуваат свест за заштита на сопственото културно наследство и од нив треба да се учи!
За да започнат промените  во односот кон културното наследство кај нас,најнапред е потребно    во рамките на реформите  во  образованието,  задолжително да се воведат предмети за изучување на  културата и културното наследство  на сите три нивоа - основно,средно и високо образование.
Да се заложиме сите, пред се’ професионалците, за воведување на поинаков, подобар и похуман  пристап во заштитата  не само на Старата скопска чаршија туку и на многу други видови  на културно наследство кое  во нашата држава забрзано пропаѓа и ги губи своите вредности. Потребно е  зајакнување на кадровските капацитети на институциите и надминување на нивната инертност со изработка  на  нов ефикасен закон за заштита кој ќе ги поедностави бирократските постапки.Отпочнатите реформи во оваа област  ветуваат оптимизам за подобрување на состојбата,  со поголемо учество и критичка опсервација на граѓаните и граѓанските организации  како  неопходен партнер во заштитата на културното наследство.  
 

Донка Барџиева Трајковска