Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја | Свет | DW | 03.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја

Размената на територии е многу лоша идеја. Прекројувањето на националните граници за решавање на етнички спорови е пракса од колонијалната ера со цел да создаде големи етнички чисти територии. Пишува Џејмс Пардју

Американската дипломатија на Балканот, од Дејтонскиот договор во Босна во 1995 до објавената независност на Косово во 2008, никогаш не ја прифаќаше идејата за ново исцртување на меѓународните граници на државите кои излегоа од поранешна Југославија.
Наместо предлагање на промени на границите, Вашингтон се залагаше за решавање на етничките односи преку инструментите на демократијата. На практично ниво, преговорите водени од САД беа доволно тешки и без додавање на бескрајните проблеми при преговарањето на националните граници.
Во Охридскиот договор во кој асистираа ЕУ и САД, а со кој беше спречена етничка граѓанска војна во Македонија, страните никогаш сериозно не ја разгледуваа територијалната поделба како решение за проблемите. Всушност, Охридскиот договор како основен принцип наведува дека „Не постојат територијални решенија за етничките проблеми“.
Најблиску до прифаќање на внатрешна ентитетска граница САД беа во Дејтонска Босна во случајот на Република Српска и Федерацијата. Поделбата креирана од тој елемент на Дејтонскиот договор промовираше само етничка горчина и поделби кои охрабрија надворешно мешање во внатрешните работи на Босна.

По Косово и Босна?!
За жал, од време на време, некој повторно ја открива идејата за промена на националните граници за решавање на етнички спорови. Последниот предлог, кој очигледно ужива некаква поддршка во Приштина, е да се размени северно Косово над реката Ибар каде живеат многу Срби за дел од територијата на  Прешевската долина во јужна Србија каде живеат многу Албанци. Наводно, ова ќе им овозможи на Косово и Србија да тргнат кон членство во ЕУ.

Kosovo Serbien Grenze Schild (Carsten Koall/Getty Images)

Косовско-српската размена на територии многу веројатно ќе создаде поголема нестабилност во регионот.


Преговорите за размена на територии се многу лоша идеја. Прекројувањето на националните граници за решавање на етнички спорови е пракса од колонијалната ера која имаше за цел да создаде големи етнички чисти територии. Концептот им одговара на етно-националистите и во него содржи расизам. Тој не успеа да ги сопре етничките тензии во минатото, и малку е веројатно дека ќе успее сега.
Што ќе се случува со Србите кои живеат во останатиот дел на Косово? Што со Србите кои живеат во Прешевската долина и Албанците кои живеат или имаат имот на северот на Косово?
Косовско-српската размена на територии многу веројатно ќе создаде поголема нестабилност во регионот. Доколку се оствари, Србија и Република Српска во Босна речиси сигурно ќе почнат да заговараат други територијални размени.
Тековните руски напори да промовираат нестабилност на Балканот се уште една причина да се биде претпазлив за размената меѓу Косово и Србија. Со оглед на афинитетот на Белград кон Москва и руските напори да посеат поделби низ целиот Балкан, идејата за прецртување на границите се совпаѓа со руската стратегија за нарушување на демократијата и стабилноста во регионот. Редефинирањето на балканските граници е конзистентно со руските акции во Грузија и Украина.

Каде се САД?

За жал, самобендисаната администрација на Трамп е отсутна од важните случувања во Европа деновиве. Републиканските администрации никогаш не покажувале голем интерес за Балканот, а администрацијата на Трамп уште помалку. Џон Болтон, актуелниот советник за национална безбедност, најави, и тоа во Киев за иронијата да биде поголема, дека САД нема да се спротивстават на размена на територии меѓу Косово и Србија.

Bonn - James Pardew, ehemaliger US Diplomat und Botschafter in Bulgarien (DW/D. Kyranoudi)

Концептот им одговара на етно-националистите и во него содржи расизам, пишува Пардју


Исцртувањето нови линии на картата секогаш изгледа како едноставно решение. Но не е. Прашањата за останатите Срби кои живеат во Косово и Албанците во Србија ќе бидат проблематични. Изедначувањето на вредноста на територијата која ќе треба да се размени ќе биде тешко да се утврди. Косово веројатно ќе бара целосно признавање на својата сувереност од Србија пред било каков договор. Мора да се реши и прашањето за пристапот на Србија до историските места во Косово. Прашањата за кои треба да се преговара се многу тешки без гаранција за договор.

Гледај видео 13:58

Пардју: не очекувајте помош од САД во спорот за името

Одлуката да се напушти демократскиот принцип на еднаквост на граѓаните за решавање на етничките тензии, за сметка на алтернативниот концепт на територијално одвојување на етничките групи ќе биде фундаментален прекин со успешниот меѓународен напор за ставање крај и спречување војни на Балканот од 1995 до 2008 година.

Користењето на принципите на демократија- еднаква правда, шанса и третман на граѓаните- можеби трае подолго и бара поголеми напори за подобрување на етничките врски во регионот. Но на долг рок, еднаквоста на граѓаните кои ги нуди демократијата е далеку подобар и постабилен пристап за надминувањето на етничките тензии на Балканот одошто ново цртање на границите.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама