Нова оставка во СДСМ - Сугарески се повлече од партиските функции по поразот во Прилеп | Северна Македонија | DW | 05.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нова оставка во СДСМ - Сугарески се повлече од партиските функции по поразот во Прилеп

Во образложението, тој вели дека оставката е поднесена со цел - консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки.

Нова оставка во СДСМ по изборниот пораз на локалните избори во Северна Македонија. Поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, поднесе оставка на функцијата претседател и член на надзорниот одбор на СДСМ.

„Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото, подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки“, вели тој во образложението за оставката, којашто ја соопшти на социјалните мрежи. 

Сугарески ја напушти директорската фунција во Царинската управа и се кандидираше за градоначалник на Прилеп, но загуби во првиот круг од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески. Сугарески освои 14.655 гласови, а Јовчески 22.196.

Морални причини

Социјалдемократот вели дека неговото повлекување од партиските функции е поради морални причини по неуспехот на изборите. Тој се заблагодари на актуелното партиско раководство, како и на сите членови на партијата за укажаната можност да извршува високи партиски функции, меѓу кои и последната - претседател и член на Надзорниот одбор. „Јас сум социјалдемократ, секогаш тоа и ќе бидам. Останувам верен на партијата и се ставам на располагање за каков било понатамошен ангажман“, објави Сугарески на Фејсбук.

Ваквиот чекор следи откако пред неколку дена оставка поднесе Зоран Заев и од премиерската функција, но и од лидерската позиција во СДСМ. По консултации со коалициските партии коишто ѝ искажаа доверба на Владата, но и предупредија дека оставката на Заев е избрзана, во тек се внатрепартиски консултации за избор на нов лидер на партијата, но и за нов мандатар, којшто ќе треба да се соочи со сериозни предизвици пред коишто се наоѓа државата. 

Александар Кирацовски, поранешен генерален секретар на СДСМ, деновиве порача дека очекувал целосна оставка од раководството, пред сѐ од солидарност кон Заев.

„Партијата треба да биде отворена за нови личности кои ќе умеат и сакаат да придонесат, но тоа треба да се заснова на принципиелност. Лидер од политички калибар не се создава преку ноќ. Таа личност треба да поседува, храброст, мудрост и визија. Заев со своите атрибути, според мојата лична проценка, е повеќе од 70 проценти од перцепцијата и персонификацијата за СДСМ, ќе биде тешко да се најде негова замена“, вели Кирацовски. 

Избори и одлуки

По констатирањето на оставката на Заев, во рок од 15 дена Извршниот одбор на партијата треба да распише избори, на кои се најавува дека може да се очекуваат повеќе кандидати. 

Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM

Социјалдемократите во наредниот период треба да изберат нов партиски лидер, а во тек се консултации и за мандатар по оставката на Зоран Заев

Министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека за денеска се предвидени серија средби на коалициските партнери, па се очекува наредната недела да се излезе со конкретен план. „Наш приоритет е да се зачува парламентарното мнозинство, бидејќи тоа е волја на сите коалициски партнери и да ја најдеме најдобрата формула како да продолжи да функционира владата во овој момент, бидејќи има расположение и одлука да се продолжи, а да нема избори во овој момент“, вели тој. 

Маричиќ ги оцени како шпекулации информациите дека тој е во игра за нов мандат.„Тоа е шпекулација, ниту сум разговарал ниту некој ме прашал, ова, освен да го означам како шпекулација, ништо друго не можам да кажам“, рече Маричиќ.

Вчера и поранешниот партиски потпретседател, Гордан Георгиев, демантираше дека е еден од можните кандидати за нов партиски лидер, откако неговото име се појави во комбинаториките во јавноста. 

„Изминатите 7-8 години, или барем откако СДСМ е на власт, јас немам никакво учество, активитет или улога во партијата. За волја на вистината, ниту некој побарал суштински совет од мене, ниту пак биле прифаќани моите јавно искажани, и секојпат добронамерни, совети и предлози за подобро функционирање на државата…“, вели тој. Во статусот објавен на Фејсбук, Георгиев наведува дека одржува пријателски односи со голем број членови, симпатизери и поддржувачи на СДСМ, со кои во еден исклучително тежок период за Македонија се бореле за демократија и слобода. 

Следниот крупен чекор кој претстои пред социјалдемократите е партискиот конгрес, кој мора да се одржи по изборите и избор на нов партиски лидер на непосредни избори.  Сѐ уште трае неизвесноста и околу името на новиот мандатар. Од сегашното владино раководство се смета дека само двајца луѓе имаат голем партиски кредибилитет да го заменат Заев на премиерската позиција - министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која има огромно политичко искуство, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.