Новата влада како кула од карти | Македонија | DW | 03.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Новата влада како кула од карти

На градење кула од карти наликува „мртвиот“ период во кој партиските калкулатори пресметуваат владино мнозинство, додека се чека претседателот Иванов до 9-ти јануари да го додели мандатот за состав на новата влада.

Неизвесноста во јавноста расте. Кој ќе успее да ја формира новата влада? Има ли веќе договорено владино мнозинство, кое подготвено чека во заветрина и тајност? На вакво градење кула од карти наликува „мртвиот“ период во кој партиските калкулатори пресметуваат разни варијанти на владино мнозинство, додека се чека претседателот Ѓорге Иванов до 9-ти јануари да го додели мандатот за состав на новиот владин кабинет. ОД ВМРО-ДПМНЕ очекуваат шефот на државата во законскиот рок мандатот за состав на влада да и го довери на ВМРО-ДПМНЕ, партија која освои најмногу пратенички места во парламентот - 51. Други, пак, сметаат дека Иванов треба да ги свика партиите на консултации, за да слушне кои од нив реално можат да обезбедат мнозинство. Иако од партиите засега молчат, според неофицијални информации, и претпразничните и постпразничните денови поминуваат во долги и деликатни преговори зад сцената, и на локации далеку од очите на јавноста.

Груевски чека да го добие мандатот

Партиите јавно не ги признаваат ваквите интензивни задсценски активности. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека очекуваат прво да го добијат мандатот од Иванов, па потоа да ги почнат разговорите за состав на владата.

„ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори, има легитимитет и целосна поддршка од народот да ја формира новата влада. ВМРО-ДПМНЕ има обврска да направи се за да ја исполни волјата на мнозинството. Мандатот за формирање на нова влада е во рацете на Никола Груевски. Тој беше носител на сите изборни активности и ја освои довербата на граѓаните“, изјави деновиве директорот на партискиот Центар за комуникации, Иво Котевски.

Од СДСМ, пак, велат дека зборот на Никола Груевски во политиката веќе не вреди ништо.

„Колку побрзо внатре во ВМРО-ДПМНЕ сфатат декатреба да го снема Груевски од политичката сцена, толку подобро за нив како партија, толку подобро за Република Македонија како држава. Искрено се надевам дека во блиска иднина ќе се најдат сили во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе му кажат на Груевски дека неговото е завршено“, изјави вчера портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Но, Груевски преку новогодишно обраќање најдиректно навести дека не размислува за негово демисионирање од политиката, со тоа што се посвети на набројување на сите приоритети на идната влада.
„Изборите се зад нас и по формирањето влада треба да се зафатиме со работа и активности на економски план, на планот на реформите во сите области, на планот на стратешките приоритети за приклучувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ, на продолжување на градење соживот и заедничка иднина за сите нас, а особено за младите. Ние сме подготвени за тоа“, рече Груевски.

Mazedonien Präsident Ivanov (picture-alliance/AA/M. Sulooca)

Иванов до 9. јануари треба да го додели мандатот за состав на влада

Ќе реши заедничката платформа

Но, дали другите партии се подготвени да коалицираат со Груевски? Од Алијанса за Албанците изјавија дека нема да коалицираат со осомничени лица, а од движењето „Беса“ целосно ја отфрлија можноста за влегување во влада на ВМРО-ДПМНЕ. Клучот и натаму останува во ДУИ, партија која засега молчи, а се повикува единствено на ставот дека основни начела за кои ќе се разговара со партиите за идната влада е она што е договорено меѓу партиите на Албанците на средбата во Тирана со албанскиот премиер Еди Рама пред новогодишните празници. На таа средба не беше присутна само ДПА. Како што соопшти Ахмети, точките од заедничката платформа не се ниту црвени линии, ниту услови, туку реална потреба на Македонија: јазична рамноправност, судски и други реформи значајни за Албанците во Македонија, членството во ЕУ и НАТО и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

За разлика од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ уште минатата година децидно се изјасни дека е против продолжување на мандатот на СЈО, што може да биде една од пречките за нова соработка меѓу старите коалициски партнери, имајќи го предвид огромниот интерес во албанската заедница за расветлување на повеќе случаи, меѓу кои и „Монструм“ и „Сопот“. 

Широка влада?

За составот на новата влада може да одлучи и потребата на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, за кои еден од условите е решавање на спорот за името. Во интервју за атинската новинска агенција АНА, на ова потсети грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас.

„Целта на Времената спогодба, на која се повикуваат многумина, беше да се обезбеди време за предлози за спорот околу името. Ние имаме неколку предлози за тоа и чекаме одговор од другата страна“, изјави Коѕијас.

Според дел од аналитичарите, решавањето на вакви деликатни прашања вообичаено бара широка внатрешна поддршка, што може да создаде потреба од формирање широка влада, која ќе се посвети на отстранување на таа голема пречка на интеграцискиот пат на Македонија. Но, тие не се сигурни дали во сегашната ситуација приоритет ќе му биде дадено на тоа прашање или најпрво на расчистување на криминалот, создавање функционални институции и внатрешна консолидација на земјата по тешките поделби и поларизации, и санирање на последиците што тие ги оставија во општеството. Засега сите опции се отворени, но без јасни сигнали како ќе бидат затворени. 

        

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама