Ништо повеќе од привид на демократија во Русија | Свет | DW | 19.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ништо повеќе од привид на демократија во Русија

Зад фасадата на демократските избори во Русија се кријат изборни манипулации и политичка апатија. На долг рок меѓутоа ова го доведува во прашање легитимитетот на системот, смета Инго Мантојфел.

Објавените резултати од руските парламентарни избори не се изненадување: Тоа дека владејачката партија „Единствена Русија“- зајакната со мнозинството пратеници од поединечните изборни единици- кои јасно ќе освои двотретинско мнозинство во Думата, веројатно е одлучено уште многу порано во Кремљ. Истотака и фактот дека уште само три други партии, практично контролирани од Кремљ ќе влезат во парламентот.

На Кремљ притоа му појде од рака да го добие посакуваниот резултат без притоа да дојде до масовни протести, како на пример пред пет години. Во 2011 година илјадници Руси и покрај големиот студ излегоа на улиците на Москва и Санкт Петерсбург и јасно го искажаа незадоволството од изборните измами и манипулации.

Демократска фасада

За волја на вистината постоеја и видео снимки и други индиции за изборни лажирања како на пример серија забелешки за дополнителни гласачки ливчиња во изборните кутии. Сепак за разлика од 2011 година сето тоа во Русија од 2016 година не доведе до мобилизација на незадоволните и на оние кои мислат поинаку. Репресалиите спроведени во изминатите години го натераа мнозинството во политичка апатија.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App

Инго Мантојфел

За критичарите на Кремљ впрочем и никогаш не постоеше сериозна шанса наспроти медиумски и административно потпомогнатата владејачка партија „Единствена Русија“. Поради тоа Кремљ можеше да ја разубави демократската фасада и на пример да вработи нова шефица на изборите, која изборниот праг од седум насто го спушти на пет проценти и дозволи влегување во парламентот и на партии кои се критички настроени кон Кремљ.

Во политичка клима на наводно од странство загрозена Русија, содржајно празната и незабележителна предизборна кампања имаше за задача само јасно да им покаже на избирачите дека Путиновата „Единствена Русија“ нема алтернатива.

Колку добро пројде овој концепт на деполитизација на руското општество, може да се забележи по слабиот одзив на изборите од наводно само 48 проценти. Во 2011 на избори излегоа околу 60 насто од гласачите, при што и двете бројки можно е да се јасно манипулирани нагоре.

Апатијата како фактор на стабилизација

Ниската излезност на изборите во Русија не може да се споредува со слабата излезност на изборите во демократските земји, бидејќи во Русија на сите избирачи кои имаат директен пристап до државата (на пример службениците, војниците, наставниците, вработените во државните индустриски и земјоделски претпријатија) помалку или повеќе им е наредено како да гласаат. Посебно тешко на притисокот може да му се одолее во поголемите градови.

Правото да не гласаат може да си го дозволат пред сѐ Русите кои се малку економски понезависни од државните структури и живеат во милионските градови Москва и Санкт Петерсбург. А во овие руски метрополи излезноста на изборите беше далеку под објавените 48 насто на државно ниво. Вечерта по гласањето беа објавени податоци за одзив помал од 20 проценти, кој преку ноќ- врз основа на дополнителни гласачки ливчиња?- беше повторно малку зголемен.

Ова говори многу за силно раширената политичка апатија, кога во руските метрополи официјално објавените и веројатно дотерани податоци за изборната излесност изнесуваат само околу една третина од граѓаните со право на глас.

Легитимитетот под знак прашање

Во овој момент на Кремљ само може да му одговара оваа политичка дезинтересираност. Тој ја доби посакуваната констелација во Думата. Меѓутоа каков легитимитет стои зад политичката институција, ако јасно мнозинството од граѓаните на Москва, Петерсбург и Новосибирск не излегол на парламентарните избори во земјата и ако во целата држава - повеќе или помалку принудени- излегле нешто повеќе од половина од избирачите. Руската демократска фасада стои на многу песочен фундамент.

Затоа не изненадува и фактот дека токму на денот по изборите се појавија планови дека Кремљ сите тајни служби и безбедносни структури планира повторно да ги обедини во едно големо сѐмоќно „Министерство за државна безбедност“ - слично на поранешната КГБ.

Реклама