Грчки семејства се борат за преживување
Александра Цитура ја затвора зад себе вратата на канцеларијата во складиштето на бродоградилиштето „Хеленик Шипјардс“. Тука некогаш се градеа подморници и се поправаа контејнерски бродови. „Хеленик Шипјардс“ во текот на 80-тите години вработуваше над 6.000 работници. Но, откако е сопственикот, магнатот Ставрос Ниаркос, во конфликт со владата, бродоградилиштето е затворено. 38-годишната Александра седи во својата канцеларија за првпат по 2 години. Но, тоа не значи дека нешто ќе се смени во животот на оваа мајка на три деца.
Имено таа, како и уште 1.000 работници, меѓу кои и нејзиниот сопруг, се вработени само на хартија. Плата не добиле повеќе од две години. За отказ и не размислуваат, бидејќи кој ќе им понуди работа, ако се има предвид дека во Грција невработеноста е на ниво од 28 проценти.
35 проценти сиромашни?
„Во мои години е многу тешко да се најде нова работа“, вели 51-годишниот сопруг Никос. Социјалниот ситем во Грција е, како што вели, полн со дупки. Парична помош за стан или за купување прехранбени производи се дели многу ретко, како и помош за невработени.
Кај толкав број невработени и не е чудно, според најновите податоци на грчкиот Завод за статистика, дека 35 проценти од граѓаните, живеат под граница на сиромаштија. Повеќе отколку во која било друга членка на ЕУ. Стотици илјади Грци преживуваат од денес за утре. „Можеме само да претпоставуваме од што: од заштеда, позајмуваат пари од пријатели или роднини. Но, порано или подоцна доаѓа момент кога ни така веќе не можат да ги плаќаат сметките, без разлика дали се работи за комуналии или хипотека“, вели Манос Мацаганис, професор по економија од Универзитетот во Атина.
Ништо без бабите и дедовците
Токму до таму стигнаа Александра и Нико. Живеат од пензиите на своите родители, како и две третини од грчките семејства. Домаќинства од различни генерации се спојуваат, се готви заедно, за да се заштеди. Кој има родители на село, може да се смета за привилегиран, бидејќи на тој начин доаѓа до основни прехранбени производи. Таткото на Александра Василиј е книговодител, но поголемиот број од клиентите веќе со години не му ги плаќаат услугите. Долгот во меѓувреме се искачи на повеќе од 40.000 евра. Пари кои на ова семејство сега добро би им дошле.
„Вака живеат поголемиот број семејства во Грција. Без баби и дедовци веќе ништо не функционира“, вели бабата Марија. По вечерата Александра ги мие садовите, а децата, деветгодишната Фани, седмогодишниот Димитрис и двегодишниот Марио, се подготвуваат за спиење. „Се обидуваме колку е тоа можно секојдневните грижи да ги држиме далеку од децата“, објаснува Александра.
Фантомска работа
Во бродоградилиштето, во меѓувреме, стојат недовршени подморници и веќе две години ги нагризува р'ѓа. Причина: во текот на работата изби корупциски скандал, во кој се вмешани грчки политичари и германската фирма „ТисенКруп“ според чии планови беа градени подморниците. Никос заедно со уште неколку колеги редовно доаѓа во бродоградилиштето, иако ништо не се гради. Поминуваат неколку часа во кацеларија и потоа си заминува дома.
На пат кон станот мобилниот телефон постојано му ѕвони, но тој не одговара. „Тоа се од кацеларијата за плаќање долгови. Сигурно сакаат да ме прашат кога ќе платам рата за хипотеката. Но, на тоа прашање и онака не можам да им одговорам“, заклучува Никос, додека влегува дома.