Нимиц на разговори во Скопје, во Атина подготовки за протест | Северна Македонија | DW | 31.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нимиц на разговори во Скопје, во Атина подготовки за протест

Додека медијаторот бара решенија кои ќе ги намалат разликите меѓу Скопје и Атина, организаторите на протестот во Грција побараа благослов од поглаварот и очекуваат над милион демонстранти да го бранат името Македонија.

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, денеска стигнува на разговори со политичкото водство во Скопје, а во Атина растат притисоците врз грчката влада против можно решение што ќе го содржи името „Македонија“. Против таков епилог атмосферата најмногу ја електризираат десничарски националистички организации, кои се подготвуваат за втор протест.

Вчера, по разговорите со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, Нимиц замина од Атина со оценка дека „сега е време за носење одлуки“. Спротивно на тој оптимизам, неговиот соговорник од опозициската Нова Демократија, Јоргос Кумуцакос, по средбата со медијаторот изјави дека „информациите што ги добиле од господинот Нимиц не ја намалиле нивната загриженост“. „Златна зора“ го испрати Нимиц од Атина со пораката: „Кумот кој се дрзна да ги нарече Скопјаните Македонци, е непожелен во Грција. Неговите предлози кои го содржат името Македонија се одвратни и неприфатливи“.

Како круна на таа атмосфера, забрзано се одвиваат и подготовките за новиот, втор по ред грчки протест за „одбрана на името Македонија“. Тоа  им отвори обемна работа и на истражувачите на јавното мислење во Грција. Според најновата анкета на агенцијата „Пулс“, што ја објавија грчки медиуми, 65% од анкетираните како „позитивен“ настан го оцениле одржувањето на новиот протест закажан за 4-ти февруари во Атина. Од нив 49% го сметаат за „прилично позитивен“, а 16% дека тоа се соодветни акции во однос на прашањето за името. Од друга страна, 23% од испитаниците не го поддржуваат протестот. Од нив, 11% тоа го сметаат сметаат за „прилично негативно“, а 12 % за „секако негативно“. Околу 12% се изјасниле дека „не знаат“ или не одговориле. Во исто време, 72% од испитаниците прашањето за името на ПЈРМ го сметаат за „многу важно“ за Грција.

Symbolbild Griechenland Schuldenkrise wachsender Nationalismus (Reuters/Y. Behrakis)

Нимиц замина од Атина со оценка дека „сега е време за носење одлуки“

Благослов за протестот

Најавениот втор протест е во фокусот на грчките медиуми, поради очекувањата на организаторите тој да постигне огромна масовност. На првиот кој се одржа во Солун на 21-ви јануари, присуствуваа меѓу 90 и 100 илјади луѓе, што беше далеку под бројката од масовните протести во 1992 година, кога се собраа милион луѓе. Но, според информациите во грчки медиуми, на 4-ти февруари можеби ќе се случи реприза на масовноста од 1992 година. 

Повеќе:

Протести во Солун: Компромисот како предавство 

Спор за името: 25 години лет во место

Под наслов „Треска за митингот на Синтагма: Повеќе од еден милион демонстранти очекуваат благослов од Архиепископот“, грчкиот портал „Реал“ ги пренесува очекувањата на организаторите на протестот - масовно учество и од домашните граѓани, и од дијаспората. И покрај првичните најави на организаторите дека протестот ќе се одржи во Пиреја за да не се создаде хаос во центарот на Атина, тие сепак ја сменија одлуката и протестот ќе го организираат  на атинскиот плоштад „Синтагма“. Тие го повикаа грчкиот народ да продолжи во неговата борба, со став дека територијалниот интегритет на земјата е под закана од отстапувањето на името Македонија и оти само масовно учество на народот може да го спречи тоа.
Како што пишува „Реал“, „организаторите очекуваат бројката да надмине еден милион демонстранти, а на протестот го обезбедиле учеството на Микис Теодоракис како главен говорник“. Во текстот се наведува и дека организаторите и координатори на протестот од Панмакедонските здруженија во дијаспората, оствариле средба со Архиепископот Јеронимос и побарале благослов од него.

DW Griechenland - Transgesetz (DW/F. Schmitz)

Поглаварот на ГПЦ ги информирал членовите на Светиот синод за случувањата во прашањето за името

Слободно изразување

Пред пет дена Грчката православна црква одржа седница на Светиот синод, по која уште еднаш повтори дека не прифаќа името „Македонија“ или негови деривати да бидат вклучени во името на северниот сосед. Според соопштението, поглаварот на ГПЦ ги информирал членовите на Светиот синод за случувањата во прашањето за името, за кое се сретна и разговараше со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Светиот синод забележува дека одредени, ниту правилно го прочитаа словото, ниту суштински го сфатија духот на јасната позиција, за неприфаќање од страна на црквата на терминот Македонија или изведени зборови, како дел во името на државата на Скопје, што исто така би имало влијание и врз расколничката самопрогласена црква на „Македонија“, соопштија  од ГПЦ, со став дека „во името Македонија се содржани и кулминираат иредентистичките расположенија на државата на Скопје“.

Во однос на претстојниот протест во Атина, Синодот на ГПЦ соопшти дека го почитува правото на свештениците за слободно изразување.

„Црквата на Грција смета дека секаков израз за одбрана на правата на нашата Македонија е за пофалба, само доколку е автентичен, несебичен и спонтан и секогаш во духот на легалното и демократско изразување. Затоа, во рамки на слободата на изразување на свештениците го почитува нивното право да дејствуваат според свеста, мудро и одговорно“, соопшти ГПЦ.

DW.COM

Реклама