1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Непресметливиот" се развива во добра насока

16 октомври 2004

Продлабочување на економските и политичките односи – тоа е договорот што падна за време на првата посета на еден германски канцелар на Либија. На разговорите во Триполи, канцеларот Герхард Шредер говореше за нов почеток на билатералните односи. Моамер ел Гадафи, пак, визитата на канцеларот ја нарече ”пријателска посета”.

https://p.dw.com/p/AcKX
Шредер во Либија
Шредер во ЛибијаФотографија: AP

Главниот град на Либија, Триполи е зелен. Покривите на куќите, ролетните, прозорците, блокадите на улиците – се чини се потонало во зелено, во бојата на пророкот Мохамед. Сеуште од сликите и плакатите на ѕидовите не гледа Моамер ел Гадафи, иако, како што не уверуваа, голем дел од сликите и транспарентите се веќе симнати. Гадафи сака да изгледа помалку автократски. Тој сака да покаже дека е партнер на западот на коого може да му се верува. А, Герхард Шредер, го фали ваквиот развој:

”Оваа земја е политички променета и тоа може само да се поздрави. Се разбира тоа сеуште не може да се спореди со она што ни е познато кај нас дома, но насоката е вистинска и мислам дека меѓународната заедница има интерес да ја прифати Либија.”

Промената од непресметлив кон важен партнер доаѓаше чекор по чекор. Гадафи му рече не на оружјето за масовно уништување, на тероризмот и вети пари за обештетување за сите напади кои биле изведени со либиска поддршка. САД и ЕУ ги укинаа санкциите и сега се борат за договори и инвестиции во таа земја. А, во Либија тече нафта и гас. Канцеларот посети едно германско поле со нафта и истовремено отвори ново место каде што ќе се дупчи и ќе се бара нафта.

Се работи за многу пари, а дел од германските претприемачи кои го придружуваа Шредер во Либија, тивко критикуваат дека посетата на канцеларот доаѓа практично рпедоцна. Зашто, конкуренцијата веќе долго време вади нафта, пред се Американците.

Канцеларот двапати, по повеќе часови седеше во шаторите на Гадафи, како во приказните од илјада и една ноќ. Зад дебелите платна е постигнатоприближување, по долгата изолација на Либија.

”Ова е пријателска посета и на Герхард Шредер сме му благодарни што не дојде кај нас. Посакуваме Либија да биде наградена за тоа што ја запревме нашата програма за оружје за масовно уништување и за она што го направивме за мирот во светот.”

Награда – зборот Герхард Шредер го става во наводници. Притоа се мисли на понуда на перспектива за приближување кон Европа или за повеќе инвестиции во Либија.

Разговарано е и за чувствителни теми, како што се човековите права, информациите за измачувања, и нечовечките услови во затворите, рече Шредер по средбата со Гадафи. И, се разбира разговарано е за прашањето на бегалците. Околу идејата за основање прифатен логор во Либија, од каде голем број Африканци се обидуваат да стигнат во Европа, станало само малку збор:

”Дискутиравме особено за прашањето што може да се направи за на луѓето да им се даде перспектива во нивните татковини.”

Дали Гадафи планира посета на Берлин сеуште не е јасно. Тој би имал интерес, вели Гадафи, но додава – Иншала – ако сака господ.