Неонацист ќе ги „интегрира“ Бугарите | Свет | DW | 03.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Неонацист ќе ги „интегрира“ Бугарите

Помалиот коалициски партнер во новата бугарска влада ја скандализира јавноста со расистички и антисемитски изјави. Токму нивниот лидер стана првиот човек на Советот за интеграција.

Во отвореното писмо од 29-ти мај 373-ца бугарски борци за човекови права и интелектуалци бараат оставка од бугарскиот вицепремиер Валери Симеонов (насловна фотографија).

Тој, инаку од редовите на малиот коалициски партнер „Обединети патриоти“, е задолжен за демографскиот развој и беше назначен за Раководител на државниот Совет за интеграција. Срамно било „истакнати поддржувачи на фашистичка и неонацистичка идеологија“ да се поставуваат на такви позиции, велат авторите на отвореното писмо.

„Обединетите патриоти“ се сојуз од три помали деснорадикални партии - Националниот фронт за спас на Бугарија на Валери Симеонов, Внатрешномакедонската револуционерна организација на Красимир Каракачанов и партијата Атака на Волен Сидеров.

Ромските жени ги нарекувале улични кучки

62-годишниот политичар, претприемач и медиумски бизнисмен Симеонов, кој сега е задолжен за интеграцијата на малцинствата и за демографскиот развој, токму на овие теми скандализираше со изјави во минатото. За бројното и многудетно ромско малцинство во Бугарија, во пленарната сала на Парламентот во 2015-та изјави дека биле „дрски, полудени човеколики суштества, кои инсистираат на плата без работа и добиваат надомест за болест без да се болни и детски додаток за деца кои си играат на улица со свињи и за жени со инстинкт на улични кучки“. 

Партијата на Симеонов во својата изборна програма предвидува уништување на „циганските гета“ и изолација на припадниците на Рома во затворени „резервати“ (по примерот на Индијанците или резерватите на Абориџините) кои би можеле да станат „туристичка атракција“. На почетоците на својата кариера дури правел и инсинуации за „модерни концентрациони логори“, потсетуваат авторите на писмото.

Bulgarien Sofia Parlament neue Regierung (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)

Тројката радикали во бугарската влада: Волен Сидеров, Валери Симеонов и Красимир Каракачанов

Хитлеровски поздрав, а можеби и два

Неодамна премиерот Бојко Борисов ја прифати оставката на Павел Тенев, политичар од редовите на „Обединетите патриоти“ и заменик министер за регионален развој, откако на неговиот Фејсбук профил беше откриена фотографија од кабинет со восочни фигури. Тенев позира со хитлеровски поздрав пред фигура во униформа на СС-единиците. Згора на тоа уште и додал коментар „На рапорт кај шефовите“.

Во обидот да го заштити својот партиски пријател и да ја релативизира целата приказна, во интервју за еден весник Симеонов раскажа за неговата посета на логорот Бухенвалд во 1970-тите и додаде: „Којзнае какви интересни слики ќе сме имале од таму“.

И друг политичар од нивната партија мораше неодамна да се повлече од директорско место во Министерството за одбрана во Софија откако со хитлеровски поздрав се сликаше пред нацистички тенк.

Министер за одбрана патем е Красимир Каракачанов, исто така од редовите на „Обединетите патриоти“, кој е познат по агресивната реторика кон турското малцинство во земјата и против соседна Македонија.

Трет во „патриотскиот“ сојуз е ноторниот насилнички политичар Волен Сидеров, кој го негира Холокаустот и е претседател на деснорадикалната Атака. Сидеров и неговите тепачи облечени во црно, во изминатите десет години беа вмешани во повеќе тепачки и во повеќе наврати беа насилни кон муслимани и деструктивни кон џамии.

Bulgarien Rechtsextremismus Anhänger Partei Ataka (AP)

Членови на партијата Атака

Минатата година нападнаа еден факултет и се степаа со студенти и доцент, бидејќи еден студент наводно го навредил Сидеров. Во таа тепачка посебно се истакнал неговиот партиски пријател Илијан Тодоров, кој неодамна ја доби гувернерската позиција во локалната самоуправа на Софија.

Што има ЕУ на сето ова да каже?

Листата со неприфатливи политички изјави и дела на „Обединетите патриоти“ ни приближно не запира тука. Токму заради тоа борците за човекови права и набљудувачи во Бугарија се прашуваат уште колку големиот коалициски партнер, партијата на премиерот Бојко Борисов, ќе го толерира неприфатливиот овозможувач на владино мнозинство. Тие потсетуваат дека неговата проевропска партија е член на Европската народна партија и оти мора да е подготвен да одговара на непријатни прашања во Брисел. „Целосно е неприфатливо“ што личности со „екстремни националистички и деструктивни ставови“ се дел од бугарската влада и дури се задолжени за интеграцијата на малцинствата во земја на ЕУ, велат 373-цата потпишани на отвореното писмо кое е упатено и до челниците на Унијата.

 

Поврзана содржина

Реклама