Нема ракување, нема германски пасош? | Информации и анализи за Германија | DW | 20.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Нема ракување, нема германски пасош?

По случајот со либанскиот лекар, кој не доби германско државјанство поради одбивањето да се ракува, Јенс Турау пледира за поголема опуштеност и толеранција.

На почетокот една мала анегдота од пред повеќе години. Во дворецот Белви во Берлин тогашниот германски претседател Јоханес Рау приреди новогодишен прием за дипломатскиот кор. Присутна беше министерка од редовите на германските социјалдемократи, а амбасадор на една муслиманска земја при дефилето одби да се ракува со неа. Наместо ракување, тој направи пристен наклон. Политичарката беше видно налутена, но Рау на амбасадорот и на министерката им дошепна смирувачки зборови, ситуацијата се смири.

Подоцна ги видов тројцата како стојат заедно, водејќи несомнено жестока дискусија, претседателот, колку што можев да проценам, во улога на посредник. На крајот сите тројца се разделија со краток поклон, ситуацијата беше надмината.

Одбиена жалбата за недоделување државјанство

Во германската покраина Баден-Виртемберг со години беснее слична битка, не е на повидок брзо смирување на ситуацијата, како тогаш во дворецот Белви. Еден лекар, по потекло од Либан, сака да стане германски државјанин, ги положил сите потребни тестови, работи во една клиника, потпишал изјава дека отфрла секаков вид на екстремизам, го признава слободарско-демократскиот поредок на државата.

Thurau Jens Kommentarbild App

Јенс Турау

Но, тој одбива да се ракува со службеничката која сака да му ја врачи потврдата за државјанство, значи последниот чин. Неговото образложение гласи: ѝ ветил на својата жена дека само нејзе ќе ѝ подаде рака. Службеничката пак поради таа причина не му ја врачила потврдата.

Оттогаш со случајот се занимаваат судовите, во петокот Покраинскиот управен суд донесе одлука: „личните параметри на човекот не обезбедуваат негово интегрирање во германскиот начин на живот". Тужбата за државјанство е одбиена, веројатно со случајот ќе се зафати Сојузниот управен суд.

Спор околу ритуалите

На сите страни со жестока решителност се изнесуваат во суштина маргинални спорови поврзани со културниот и верскиот идентитет. Станува збор за ракување, за носење шамија, за крстови. И крајно, во прашање е културното јадро на земјата. Кои ритуали, кои непобитни начини на однесување се клучни за општествениот идентитет?

Сржта е уставот, со фокус врз човчкото достоинство. Со слободата на мислење. Рамноправноста. Верската слобода. Забраната за дискриминација. Но, покрај овие фундаментални работи, едно слободарско општество живее исто така и од опуштеност и толеранција.

На адреса на судот: дали еден очигледно беспрекорен човек, кој се има интегрирано според сите замисливи критериуми (тој нема обврска да се асимилира), потпаѓа под сомнение дека е екстремист зашто одбил да се ракува?

Во пресудата стои дословно токму оваа реченица, човекот „врз основа на фундаменталистичка култура и поглед на свет одбива ракување". Пух, јаки зборови. Дали со ова се мисли на сите муслимани? Во многу муслимански земји мажите не им подаваат рака на туѓи жени. Кај нас, со право, нешто незамисливо. Но, дали се тие фундаменталисти?

Средба без оружје

На адреса на луѓето од други културни кругови кои сакаат да станат германски државјани: ние на луѓето им подаваме рака, сеедно дали се од ист пол, сеедно од каде потекнуваат. Во тоа не гледаме никаква непристојност, туку само сржта на ракувањето: симболичко уверување во пријателски пристап кон другиот, без вперување оружје. Ништо повеќе.

Нашиот устав е упатство, никогаш достигнат идеал, но постојан стремеж за приближување кон идеалот, тоа треба да е јадрото на општеството. Ова заедништво се чини сѐ почесто загрозено, општеството станува поплурално, поиндивидуалистичко, соочено со јавни предизвици од екстремните маргини.

Повеќе:

Германско државјанство добиле намален број Македонци и рекорден број Британци

Кој може да стане германски државјанин?

Прв странец - градоначалник во Германија

Сѐ поголем број натурализирани Германци со два пасошa

Германското општество станува понепрегледно. Но, за да останеме во суштината на оваа приказна: немам впечаток дека на ракувањето му поминува модата, освен во ова време на корона, но сега постојат добри причини да не се пружа рака. А исто толку малку колку што „брак за сите" ја загрозува брачната заедница меѓу маж и жена, исто толку малку може еден поединец кој одбива ракување да ја загрози нашата мнозинска култура.

Тој секако треба да прифати дека смеат да го наречат непристоен и заостанат. Мој предлог: во својата ревност да ги употребат сите средства при одбраната на својот идентитет, сите да закочат малку и да применуваат толеранција. Граѓаните, судовите и доселениците, кои сакаат да станат Германци. 

Зашто суштината на нашето заедничко битие не стои во уставот, тоа е непишано ветување секој да живее на свој начин, да ги поднесува различностите и конфликтите да ги решава ненасилно и демократски. Да се постигне сево ова е доволно тешка задача.