Додека во македонската јавност се дебатира дали полицијата требало да интервенира против прекршувањата на здравствените мерки за заштита во Вевчани, и чии партиски структури се обиделе тамошниот карневал да го злоупотребат за политички провокации, од официјална Софија стигна „остар вербален демарш“ за вандалски чин сторен во Вевчани: палење на бугарското знаме. Демаршот до МНР го упатил бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, а за него на Фејсбук информираше лично шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.
„По повод медиумските објави за изгорено бугарско знаме во село Вевчани во Република Северна Македонија, му наредив на бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, да ја изрази пред владата на РСМ нашата силна огорченост од тој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во МНР на РСМ“, објави Захариева.
Ова не е прв случај на палење на бугарско знаме. Видео на кое е прикажан таков чин, беше објавено и во ноември минатата година. Македонското Министерство за надворешни работи тогаш најостро го осуди таквиот акт, оценувајќи го како „евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, и да се нанесе штета на угледот на Република Северна Македонија". МНР апелираше до граѓаните да не потпаѓаат под такви провокации, чија намена очигледно е нечесна и е во спротивност со стратегиските интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите.
Медиумите од источната сосетка кусо ја пренесуваат веста за запаленото бугарско знаме, без дополнителни коментари. Во информациите се дава само објаснување дека Вевчани се наоѓа во југозападниот дел на земјата, дека оваа година немало официјална организација на карневалот, и дека полицијата се обидела да го спречи собирањето во центарот на селото поради мерките за дистанца.
Некрстени денови
Деновите од Божик до Водици, според народното верување, се нарекуваат „некрстени" или „погани денови". Тие се сметале за најопасните денови во годината, кога луѓето се изложени на силно влијание на демони, па луѓето од дамнина организирале разни ритуали под маски за да ги избркаат злите сили наречени караконџули, тарамбаби, ѓаволици... Дел од таа традиција е и карневалот под маски во Вевчани, каде на духовит и ненавредлив начин со години се исмеваат најактуелните настани и личности во изминатата година. Но, палењето на државно знаме на која било држава, ниту е духовит чин, ниту треба да биде дел од карневалот, дури и кога тој не е официјално организиран. Особено, што хронологијата бележи уште еден карневалски инцидент насочен кон друга соседна земја.
Повеќе:
-Скопје-Софија: недоверба и стеротипи за длабока држава
-„Еуроактив“: Бугарија ја менува тактиката кон С.Македонија
-Пардју за ДВ: Заврши времето на малтретирање на С. Македонија
Во 2012 година официјална Атина се пожали поради сличен инцидент на карневалот во Вевчани: симболичното погребување на Грција со ковчег и некролог, и палење на грчкото знаме. Грчкото Министерство за надворешни работи испрати протестна нота до Скопје, во која настанот го оцени како „провокативен“ и „навредлив“, со став дека треба да се преземат мерки за да се избегнат слични инциденти во иднина. Грчки европратеник постави прашање дали Европската комисија е запознаена со случајот, дали ќе реагира и дали смета дека ваквите активности ги поткопуваат изгледите за успех на тешките преговори за името.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Вековна традиција
Според некои извори, традицијата на Вевчанскиот карневал е стара 1.400 години и посветена е на Св. Василиј Велики, христијански светец и епископ од Мала Азија, кој се смета за основач на монашката традиција во источното православие.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Архаичност и уникатни маски
Општина Вевчани на својата интернет-страница го опишува Карневалот како збир од „архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски“. Истиот извор наведува три традиционални маски: „зет и невеста“, „Глупи Август“ и музичари.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Политички пораки
На карневалот редовно можат да се видат маски и костими кои на сатиричен начин го коментираат политичкото секојдневие во државата и случувањата во светот. Овие маски на група македонски политичари се од 2014 година.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Општествена критика
Оваа изведба од 2014 беше реакција на владината иницијатива за повеќе деца во семејствата. Вевчанци немаат „влакна на јазикот“ кога ги коментираат настаните.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Театар на отворено
Вевчанскиот карневал се смета за театар на отворено. Учествуваат сите жители на општината, а домаќините им ги отвораат вратите на своите домови на гостите со традиционални специјалитети и греана ракија и вино.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Километарска поворка
Годинава, според организаторите, се очекува дефиле на повеќе од 1.000 маски и костими. Традиционално, темата на Карневалот не се открива до пред самиот негов почеток.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Контроверзи
Последниве години карневалот го следат и бројни контроверзни. Обвинувања за навреди кон Албанците и муслиманите, изживувања над мртви животни... Во 2012 во Струга се одржаа и протести против некои од маските на карневалот. И Грција се најде навредена од некои маски. Од Вевчани ги отфрлаат таквите обвинувања и велат дека Карневалот нема намера никого да навреди.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Ослободување од „злото“
Научниците велат дека Карневалот ја отсликува потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли. Преку хуморот и сатирата, василичарите во Вевчани ги спојуваат паганските и христијански обичаи, и притоа им додаваат и модерен „шмек“- коментирајќи ги актуелните политички настани.
-
Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Бунтовна традиција
Во 80-те години на минатиот век, Вевчани се најде во центарот на вниманието на јавноста во поранешна Југославија. Причина беа протестите против планот за пренасочување на водата од локалните извори. Барикади пред селото привремено ја спречија реализацијата, но на 7 август 1987, по интервенцијата на специјални полициски сили, проектот е сепак остварен. Оттогаш Вевчани се прогласи за „Република“.
Автор: БГ
Симболиката на 15-ти јануари
Сега „историјата“ се повторува, во време кога се прават обиди за решавање на спорот со Бугарија и се водат интензивни дипломатски активности меѓу двете земји. Да биде иронијата поголема, вандалскиот чин со палење на знамето се случува во пресрет на еден од датумите кој се се смета за најзначаен во односите меѓу двете земји: 15 јануари 1992 година, денот кога пред 29 години, Владата на Република Бугарија ја призна Република Македонија за суверена и независна држава. Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на Република Македонија, во мандатот на тогашниот претседател Жељу Жељев, кој го потпиша указот на признавањето, а со негово посредништво земјава беше призната и од страна на Руската федерација.
Имаше голема симболика за тој датум, и во фактот што пред три години (2018 година), пратениците во Собранието токму на 15-ти јануари го донесоа Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше потпишан на први август 2017 година.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Подземје во тесните вевчански улички
Суштества од подземниот свет, од најголемите ноќни кошмари или хорор филмови, се карактеристички маски на Вевчанскиот карневал. Дефилето на овие суштества проследени со звуци на ужас го предизвикуваат вниманието на посетителите кои секоја година доаѓаат во ова македонско село.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Посетителите се дел од карневалот
Не само што гледаат, посетителите воедно се и учесници на карневалот. Заедно со Вевчанци, кои себеси се нарекуваат „василичари“, тие можат слободно да се движат, фотографираат и комуницираат. Маскираните Василичари често ги изведуваат своите перформански со посетителите плашејќи ги со звуци и движења.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Крв и извици
Измачкани со крв, подземниот свет оживува во малите улички, среде камените куќи. Оковани со ланци тие со себе ги „влечат“ пониските суштества од подземјето, неретко и деца, покажувајќи ја сета суровост и грозоморност на пеколот.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Автентични реквизити
Телешки опашки во рацете, јагнешка и телешка кожа или дива свиња на ражен- сетоа тоа се реквизити кои овие маски ги прават уште пострашни и поверодостојни. Додека врескаат на сиот глас, мавтаат со телешките опашки, неретко удирајќи ја публиката. Сето е толку автентично што посетителите имаат впечаток дека се нашле во времето на паганските ритуали.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Мртвите шетаат
Со јамки околу вратот, вреќи на главите и фенери во рацете низ масата се пробиваат и зомби. Без глас лутаат меѓу луѓето и делуваат поужасно и од најстрашните хорор филмови. Додека другите маски изгледаат интригантно и луѓето имаат потреба да ги пипнат, пред овие впечатливи маски сите бегаат.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Маски инспирирани од случувањата во 2017
Освен страшни суштества, повеќето маски се инспирирани од случувањата кои ја одбележаа претходната година. Неретко тоа се ликови од филмови, а често на мета се наоѓаат и политичари и важни политички теми, од Македонија и од светот.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Геј парада на карневалот
Посебно на Балканот, еден од проблемите е геј парадата. Бидејќи карневалот е посветен на традионалната венчавка на младата и младоженецот од горно и долно маало, тие се и дел од традиционалните маски. Годинава, младата и младоженецот се геј.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Дворски шутраци на вевчански начин
Уште еден традиционален лик на карневалот е Глупавиот Август кој секогаш го „глумат“ младите мештани. Дефилето на Карневалот започнува токму со глупавите Августи кои за сето време на карневалот прават глупости, се валкаат по улиците, а со публиката и посетителите „разговараат“ со свирчиња и со врескање.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Политичари погодни за шега
Доналд и Меланија Трамп не можат да ги заобиколат хуморот и шегите на Вевчанскиот карневал. Светските политичари се редовна тема на карневалот, а во случајот со Трамп и неговите одлуки, годинава се појавија и транспаренти „Македонците не се терористи“.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
Вевчанска република
Самопрогласената Вевчанска република е дел од општината која има само 2.000 жители. Мештаните не се плашат од никого, па годинава го исмеваа и премиерот Зоран Заев кој заработи повреди на главата при доаѓањето на власт, а денес преговара со Грција за ново име на Македонија. Пораката од Вевчанци е „Мало сутра“.
-
Вевчанскиот карневал низ фотографии
И најмладите учествуваат на карневалот
Овие маски се подготвуваат во текот на целата година, и во карневалот учествуваат сите мештани на Вевчани, од најмлади до најстари. Сите се маскирани и горди на традицијата. Иако не се скапи, маските се многу оригинални и впечатливи.
Автор: Јелена Ѓукиќ-Пејиќ