Некој во костум, некој во униформа | Панорама | DW | 23.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Некој во костум, некој во униформа

Многу карневалски центри во Германија подготвуваат посебни мерки за безбедност пред годинешното финале на ткн. „петто годишно време“- маскирани и весели денови кои следуваат. Тие мерки се пообемни од кога било.

Луѓето сакаат опуштено да слават- и во Рајнската област и во јужна Германија. Но, во многу градови ќе видат нешта кои порано не беа толку воочливи. На пример, бетонски блокади на улиците, или големи камиони кои ги блокираат приодите на одредени места. Дополнително и зајакнати полициски контроли. Има и зони кои во време на карневалот се забранети за автомобили, или во нив е можно само ограничено движење. Органите за безбедност сакаат да спречат напад како оној во Берлин или во Ница.
Во Мајнц тие мерки нема негативно да се одразат врз карневалот. „Во градот ќе дојдат 500 илјади луѓе и тие нема да се чувствуваат како во безбедносен кафез“, вели за ДВ Михаел Боневиц. Тој е портпарол и член на управата на Карневалското друштво во Мајнц и укажува на долгата традицијата на поворките- „Ние сме отворени и љубезни и ќе имаме убаво славје“.

За тоа да мине без проблеми, во карневалските градовите ангажирани се од 30 до 50 проценти повеќе полицајци од вообичаено, а на контролните пунктови ќе има и тешко оружје. Особено мрачните делови на некои улици ќе добијат дополнително осветлување и камери. Полицијата порачува: најважни се дополнителните центри во кои сите одговори за карневалските поворки ќе бидат опремени со најнова комуникациска техника за да можат да реагираат во случај на потреба.

Правила на однесување

„Славјето и стравот не одат заедно“, вели шефот на полицијата во Келн Јирген Матис. Затоа, вели тој, организацијата ќе биде таква за на луѓето ништо да не им пречи. Келн, со својата поворка од седум километри, е најголем карневалски центар во Германија. Затоа, сѐ ќе биде исто како и секогаш, што значи дека нема да има посебни правила за костумирање или опремување на вагоните на карневалскиот воз. Дури ќе можат да се носат и мали пиштоли-играчки. Матис не сака да види само едно нешто: „Лажно оружје кое изгледа како вистинско“. 
Полицијата решително ќе реагираа кон сите напаѓачи, агресивни и алкохолизирани лица, како и против сексуалните напасници. За време на карневалот, специјални тимови на спасувачи и социјални работници ќе бидат присутни на видни места за граѓаните да можат непосредно и без да ги бараат да им се обратат. На насилниците кои и се познати на полицијата нема да им биде дозволен пристап до одредени локации. На улиците на Келн ќе има околу 2.000 полицајци, но ќе дежураат и јавните обвинители доколку има потреба од принудни мерки.

Betonsperren Sicherheit beim Karneval (picture-alliance/dpa/M. Murat)

Бетонските блокови треба да спречат евентуални напади со возила врз карневалската поворка

Апстрактна опасност

Но многу карневалски здруженија поради сите мерки на безбедност ќе мора да издвојат повеќе пари од вообичаено. Во прашање се трошоци за специјалните улични блокади, но и подолгото работно време на чуварите на редот. Во Баден-Виртемберг и во Хесен некои здруженија не се сигурни дека ќе можат да ги поднесат дополнителните трошоци. Во Леверкузен и Хилден, организаторите веќе им се обратија на спонзорите за преземање на дел од трошоците.
Шефот на келнската полиција Матис вели дека постои „апстрактна опасност од терористичко-екстремистичкото милје“, но дека „нема никакви конкретни индиции или сознанија“ за можно загрозување на безбедноста. Таа проценка ја дели и сојузното биро за борба против криминалот. Но, и Матис мора да признае дека за така голема манифестиција, на која луѓето се маскирани и пијат многу алкохол, не може да има стопроцентна заштита.

DW.COM

Реклама