Независноста на Косово не го крши меѓународното право | Балкан | DW | 22.07.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Независноста на Косово не го крши меѓународното право

Декларацијата за независност на Косово не го прекршила меѓународното право - пресуди денеска Меѓународниот суд на правата во Хаг. Одлуката на судот нема обврзувачки карактер, а дојде по барање Генералното собрание на ОН.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг

Меѓународниот суд на правдата во Хаг

Највисоката судска инстанца на ОН денеска оцени дека декларацијата за независност на Косово не била во спротивност со меѓународното право. Читајќи го подолгото образложение, претседателот на судскиот совет на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, Хисаши Овада, појасни дека меѓународното право не содржи забрана за прогласување независност.

Чекорот на Косово од февруари 2008 година предизвика голема и бурна дебата ширум светот, бидејќи постојат голем број сепаратистички движења, кои во поддршката на меѓународната заедница за отцепувањето на Косово гледаат можен преседан и за нивните намери за одвојување од сегашните матични држави. Државноста на Косово ја подели меѓународната јавност, при што 69 држави, меѓу кои и САД и поголем број членки на ЕУ, ја признаа независноста. Од другата страна се наоѓаат Србија и Русија и уште дузина држави кои строго ја осудуваат.

Прашањето за независноста на Косово дојде до судот во Хаг по барање на Србија, по одлуката на Генералното Собрание на Обединетите Нации во 2008-ма година. Расправата започна на 1-ви декември минатата година, а во текот на деветте дена своето мислење го изнесоа вкупно 29 делегации.

Денешната одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг се очекува дека ќе му донесе на Косово нов поттик во процесот на меѓународно признавање, бидејќи повеќе земји најавија оти ќе чекаат на пресудата на судот.

Автор: ГЧ/ап/афп/ртр

Редактор: Симе Недевски