На каков мебел спие сега Катица? | Северна Македонија | DW | 22.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

На каков мебел спие сега Катица?

Каква е таа софа на која може да прилегне со „чиста“ совест, а без да се запраша - за што дадов свечена заклетва: за да го гонам криминалот или да му се придружам?

Јанева вчера имаше лош ден. Почина нејзината мајка, а таа заврши во притвор. Ни јавноста не помина полесно. На граѓаните им почина вербата во правдата. Не само поради криминалците кои се извлекуваат, туку поради поведението на правораздавачите. Последниве два месеци граѓаните живееја во отвореното одделение на општествениот притвор, растргнати меѓу индиции и дилеми - можно ли е некои од Чарлиевите ангели да станале ѓаволи?

Јанева е притворена, но сѐ уште не е обвинета, ниту осудена. Засега е само осомничена. Но, една реченица од аудио снимките дава целосна основа за јавна осуда на нејзиното обвинителско поведение. Не мислам на она „Не се секирај, се ќе биде океј“. Таа реченица и дејствата што евентуално стојат зад неа, се работа на истрагата, но се надевам дека изјавата на Јанева ќе заврши како прогнозерска: дека по овој случај, сѐ ќе биде ОК, дека сите одговорни за криминалот во судска постапка ќе ја добијат соодветната казна, за да не страда и натаму надежта дека е можна правдата во оваа земја.

Онаа реченица на која е мислам, е обраќањето на Јовановски до Јанева, откако на Камчев претходно му објаснува тек на потези околу неговиот предмет.

„Имаш нешто да додадеш? - ѝ вели Јовановски на Јанева.

„Немам“, одговара таа.

Како еден обвинител можел да дозволи некојси Боки 13 неовластено да расправа за обвинителски истраги и предмети, да води криминална игра, а таа да биде тука како негова прислужничка која евентуално треба нешто да додаде или не. Таа се презентира како тотално подредена во однос на „шефот Боки“. Па само таа конверзација открива какво диво месо гноело во организмот на СЈО, додека за Јанева тоа било нормално, штом влегла во такво „приватно-јавно партнерство" со еден естраден авантурист или што не го прекинала по првичната грешка.

Веќе и не е важно дали тоа го направила од наивност, непромисленост или од алчност. Штетата е направена. Јанева е последната што требало да заборави дека не постоеше институција со поголема граѓанска поддршка од СЈО. Одлуката за формирањето на таа институција во Собранието беше донесена со неверојатни 111 гласови „за". Не се памти кога другпат во земјава се печателе маички со таква силна поддршка за некого. Таа требало да се запраша зошто симболот за очекуваната правда, подолг период не е дел од ничиј аутфит, освен како тажно потсетување: како беше пред четири години, како е денес? 

Тогаш Катица Јанева ја критуваа за чипки, за неелоквентен говор, но таа си ја туркаше работата. И железни врати отвораше. Да не заборавиме - почетокот на СЈО беше идентично на одење по трње. Истрагата ќе открие дали и кога настаналата точката на топење кај Јанева во морална и професионална смисла. А ние конечно ќе разбереме дека не е важно како некој говори или како се облекува, туку дали е чесен во работата што ја врши. Кога денес би можело да се врати времето, сигурно и Катица повеќе би сакала да ја оживее старата себе, онаа во кичест изглед и збунета пред јавен настап, отколку самоуверена на „суверениот терен на 1ТВ", на фотографии во скапа бунда и опкружена со куп подароци по цени кои ретко имаат помалку од три нули.

Според нејзините колеги, Јанева имала месечен приход од 3.500 евра. Речиси девет пати повеќе од просечната плата во Македонија. Не требало да заборави дека тие луѓе со просечни, потпросечни плати, невработени и жедни за правда, длабоко веруваа во СЈО, дека ќе заврти бројчаникот, дека украдените пари ќе се вратат и младите овде ќе ја бараат својата егзистенија. Зарем Катица толку брзо го заборави тоа?

Очигледно бројчаникот вртел. Ама на друго место. Да е срамот поголем, таа со помалку од една и пол плата самата можела да си го купи мебелот што Јовановски ѝ го подарил, а кој вчера беше изнесен од нејзиниот дом. Каква е таа софа на која може да прилегне со „чиста“ совест, а без да се запраша - за што бев избрана и за што дадов свечена заклетва: за да го гонам криминалот, или со неподнослива леснотија на неодговорноста да му се придружам? Зошто стана морално дементна?

Таа имаше сѐ. Додека редовното Обвинителство немаше ни возило за да отпатува по снимките од граничните премини во Црна Гора и Албанија (по бегството на Груевски), обвинителите во СЈО живееја во сосема друга реалност. Кај нив не недостигаше ништо. Ги имаа сите професионални предуслови за тоа - финансии, бонуси, додатоци, кадровски тим, нови компјутери, телефони, нови простории, возен парк и најважното - поддршката од јавноста. Тоа беше огништето во кое тлеееше надежта за враќање на правдата. Сите надежи на јавноста беа вложени во СЈО. Сите очекуваа дека таму ќе израсне македонската Лаура Ковеши.

Јанева со еден потег го урна сето тоа. Истрагата ќе покаже дали и колку е виновна за „Рекет“, но веќе е виновна во друга смисла - што дозволила упад во обвинителски активности и податоци на неовластени лица, на естрадни шарлатани кои од никого не биле гласани, избрани ниту добиле мандат да имаат таков пристап до службени податоци во СЈО. Таа вина Катица ќе си ја плати комплетно.

„Немам што да додадам", како што би рекла обвинителката, која ја пропушти шансата тоа и да остане. Освен две прашања: На каков мебел спие сега? Вредеше ли?

DW.COM

Реклама