„На Европа ѝ треба одговор на кинескиот Пат на свилата“ | Економија | DW | 25.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

„На Европа ѝ треба одговор на кинескиот Пат на свилата“

Преку новиот Пат на свилата Кина значително го зголемува своето влијание во Европа. Поради тоа на Европејците им е потребна сопствена инвестициска стратегија, вели експертот за Кина, Мориц Рудолф во интервју за ДВ.

Дојче Веле: Веќе пет години Кина го гради новиот Пат на свилата, таканаречената БРИ иницијатива. Според нивните наводи, тие инвестирале околу една милијарда долари во инфраструктура на светско ниво, за да го изградат новиот трговски пат со кој се поттикнува развојот на економијата во Кина. На крајот на Патот на свилата сега е Европа. Кина инвестира во земји како Унгарија, Грција и Црна Гора или Србија, кои се на периферијата на ЕУ. Има ли ЕУ некаков контрааргумент?

Мориц Рудолф: Мислам дека ЕУ предолго спиеше и сега полека се буди. Си мислеа дека може да се потпрат на веќе докажаните стратегии. Сега полека се работи на конкретен одговор на иницијативата за Патот на свилата, кој исто така се темели на инвестициi во инфраструктурата.

Гледано од европска перспектива - кои се причините против проектот Патот на свилата?

Сметам дека ако се работи само за развој на инфраструктурата, тогаш објективно тоа е добар проект. Но, тоа е само еден аспект од неа. Другиот кој стои во официјалните БРИ документи е дека Кина сака „да постави глобални стандарди на кои ќе се ориентира светот." Во тој поглед може да се каже дека Европа се соочува со голем предизвик.

Deutschland Moritz Rudolf (Mercator Institute for China Studies)

Мориц Рудолф

Дали Кина се обидува преку иницијативата Патот на свилата да наметне и нови вредности во светот?

Во иницијативата во голема мера се вклучени и етички стандарди кои делумно се спротивни на либералните вредности и претстави на Западот. Кина е авторитарна држава и следствено на тоа има друг поглед на светот. Пример за тоа е односот кон колективните човекови права наспроти индивидуалните. Што ли е целта? Дали индивидуалниот граѓанин треба да заземе централна улога или пак „правото на развој" како врвна цел.Кинескиот одговор е едноставен. Развојот е во центарот на кинеската визија за глобализацијата, индивидуалните човекови права се во подредена позиција, и во официјалните документи на кинеската влада не се ни споменуваат. Тоа пак е контра европскиот модел. Покрај тоа, кинеската влада од неодамна дури и споменува дека сака „кинеските мудрости“ да ги „извезува“ во светот. 

Повеќе на темата:

-Економската моќ и политичките амбиции на Кина

-Дуизбург - Европскиот крстопат на „Патот на свилата“

-„Нов пат на свилата“ против протекционизмот

Колку е важна Европа за „вековниот проект" кој кинеската влада го нарекува иницијатива за Патот на свилата?

Иницијативата „Мејд ин Кина 2025“ на кинеската влада може да се сумира под стратегијата за Патот на свилата. Поимот меѓу другото ја содржи целта Кина во својата земја да креира сопствени вредности во високата технологија за среднорочно да ги извезе технолошките стандарди во светот и така да поставува глобални стандари. Патот на свилата е катализатор за остварување на оваа цел. Сега постојат интерни кинески документи кои потврдуваат дека поимот „Мејд ин Кина 2025“ нема да се употребува, бидејќи знаат дека во Европа веќе предизвика нелагодност. Со тоа сакам да кажам дека на Кинезите им е јасно дека им требаат Европејците, но сѐ уште имаат големи проблеми да придобијат многу европски држави, а пред сѐ ЕУ за нивната иницијатива.

Дали гледате опасност дека преку инвестиции се пробува да се добие на политичко влијание во ЕУ?

Црна Гора веќе во голема мера зависи од Кина. Унгарија е исто така една од земјите која паметно ја користи иницијативата за Патот на свилата за да ги користи и ЕУ и Кина. Грција минатата година во Советот за човекови права на ОН, за разлика од сите други членки на ЕУ не ги критикуваше кинеските стандарди за човековите права. Општо познато е колкави се кинеските инвестиции во пристаништето Пиреја. Европските држави мора да одмеруваат меѓу европските вредности и кинеските инвестиции и тоа честопати води до тоа многу внимателно да се размислува каков став јавно ќе се заземе кон Кина.

Во рамки на механизмот 16 + 1, Кина преговара и со земјите од Централна и Источна Европа за инвестиции. Би можела ли Кина да се обиде на тој начин да ја подели Европа?

Не верувам дека Кинезите со намера се обидуваат да ја поделат ЕУ за да ја заслабнат нејзината позиција. Тоа веќе во доволна мера си го прават самите земји членки. Пекинг секако ја користи слабоста на Европа за да напредне со иницијативата. Но, според мене за кинеското раководство поголема придобивка би било ако постигне компромис со Брисел. Во моментов сум скептичен по тоа прашање. На Европа ѝ е потребен координиран европски против одговор на патот на свилата за да се спротивстави на иницијативата на исто ниво. Со оглед на тоа дека таа постои веќе пет години, тоа е крајно неопходно.

Мориц Рудолф има завршено право и економија во Германија и Кина. По неколку години работа на Институтот Меркатор за кинески студии во Берлин, формираше сопствена консултанска фирма Еуразија бриџис, со цел да дава совети како неутрален експерт меѓу Кина и Европа и меѓу другото работи со компании од Кина и Европа за да профитираат од иницијативата Патот на свилата во Европа, Кина и трети земји.

 

DW.COM

Реклама