Најмалку 46 загинати: Македонски автобус се запали во Бугарија | Северна Македонија | DW | 23.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Најмалку 46 загинати: Македонски автобус се запали во Бугарија

Тешката сообраќајна несреќа, во која се запали автобус со македонски таблички се случила во текот на ноќта на автопатот „Струма“ во Бугарија. Меѓу загинатите има и 12 деца, а несреќата ја преживеале седум лица.

Спасувачки екипи на местото на несреќата во близина на селото Боснек во Бугарија

Спасувачки екипи на местото на несреќата во близина на селото Боснек во Бугарија

Најмалку 46 лица загинаа  кога  во раните утрински часови автобус со македонски регистерски таблички се запали на автопат во западна Бугарија, соопштија властите во Софија.

Шефот на одделот за противпожарна безбедност и заштита на населението во бугарското МВР, Николај Николов за националната телевизија изјави дека седум лица со изгореници се префрлени со брза помош во болницата Пирогов во Софија. Најмладиот пациент е 17 годишно девојче. Николај Николов најнапред соопшти дека во несреќата загинале 45 луѓе, но бугарското министерството за внатрешни работи подоцна прецизираше дека загинале 46 лица и дека во автобусот имало 53 патници.

Најголем дел од жртвите се од Северна Македонија, соопшти претставник на македонската амбасада во Софија.

Македонската новинска агенција МИА јави дека меѓу загинатите има и 12 малолетници, од кои двајца браќа близнаци.

Автобусот со македонски регистерски таблички се запалил во текот на ноќта на автопатот „Струма“

Автобусот со македонски регистерски таблички се запалил во текот на ноќта на автопатот „Струма“

Автобусот кој сообраќал на релацијата Истанбул-Скопје синоќа околу 21 часот ја преминал турско/бугарската граница на преминот Капетан Андреево.

Бугарските медиуми јавуваат дека несреќата се случила синоќа околу 3 часот на автопатот Софија-Благоевград, кај местото Боснек, на 31 километар од Софија.

Бугарскиот претседател Румен Радев и привремениот премиер Стефан Јанев телефонски разговарале со македонскиот премиер Зоран Заев, кој веднаш заедно со министерот за здравство Венко Филипче и со шефот на дипломатијата Бујар Османи заминаа за Бугарија. 

Причините за запалувањето на македонскиот автобус засега не се познати, но во тек е истрага изјави за новинарите бугарскиот премиер Стефан Јанев од местото на несреќата.

На овој дел од автопатот во 1996 година се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 16 лица.