Националното во рационалното и ирационалното | Северна Македонија | DW | 20.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Националното во рационалното и ирационалното

Патриотизмот е етички и морално сосема исправна субстанца во националното, но често се злоупотребува од страна на национал - популистите. Пишува Тони Поповски

Тони Поповски, автор на колумната

Тони Поповски, автор на колумната

Веќе подолг период, сведоци сме на остра дебата за ефектите од популизмот како политичка понуда со епидемиски размери, дури и во системите со подолга демократска традиција. Притоа, не е спорно дека политичката понуда упатена кон сопствениот „политички народ“ е легитимна, но предмет на загриженост е се' поинтензивнатa внатрешна поларизација и фрагментирање на општеството во остро спротивставени „политички народи“. И нашето општество не е имуно на овој феномен, а мултиетничкото во него (со моноетнички партии) само ги продлабочува поврзаните ризици.

Сите партии (со исклучок на оние од поумерениот центар) било да припаѓаат на левицата или десницата, милуваат да се претстават како демофили. Левицата во ЕУ, го привлекува својот „народ" најчесто врз класна основа (современ дискурс е борбата против нееднаквостите), а десницата врз основа на заштитнички конзервативизам, заснован на отпор кон брзи промени и заштита на традиционалното, но и на отворена ксенофобија, манифестирана низ етнички, расни, културолошки и цивилизациски резерви, предрасуди и поврзани стравувања.

Популистичката левица и десницата се полови во политичкиот спектар, но не се ретки случаи да воспостават соработка во моменти кога заедничка цел им е да срушат политички естаблишмент кој припаѓа на поумерена, центристичка и во основа полиберална и потолерантна провиниенција.  

Националниот популизам го загрозува мирот на Балканот, но ја подрива и Унијата 

Симбиозата на национализмот со популизмот се докажа како експлозивна комбинација при распаѓањето на Југославија. Кавгата на партиските „политички народи“ се трансформираше во сеопшт, крвав судир на народите. Последиците се чувствуваат и по три декади. Дека оваа лекција не е научена, сведочат и безмалку синхронизираните тековни проекти за консолидација на српскиот и албанскиот „свет“, на кои со голем ентузијазам се надоврза и бугарскиот „свет“. Притоа, кај „помалите“ во опкружувањето се јавуваат реактивни тенденции за консолидирање на националното, кое е под закана од националните светови на големите.  И така постепено, пред нашите очи и совест, и тоа што остана од совеста на Унијата,  националното во регионот забрзано транзитира од рационално во ирационално.

Повеќе од авторот: Нова сезона на нашиот политички трилер

За разлика од Балканот, каде националниот популизам го придвижуваат партии од десницата и левицата (не ретко и во прагматични коалиции), во Унијата а особено на нејзиниот исток, оваа понуда во моментов е без исклучок, понуда на десницата. Притоа, главна одлика на овој популизам е авторитарноста, особено видливо кај држави членки на Унијата, каде националистичката десница владее во моментов.  

Патриотизмот е податлив за национал – популистички злоупотреби 

Патриотизмот е етички и морално сосема исправна субстанца во националното. Но, патриотизмот и покрај тоа што е позитивна, здрава  и неопходна емоција,  многу често е злоупотребена од национал -популистите. 

Повеќе од авторот: За некого Брдо, за Балканот уште една планина за искачување

Низ „националното" засновано на етички и морално оправдан патриотизам, се интегрирате на продуктивен начин во интернационалното, во глобалното семејство на народи и нации. Давате придонес со својата економија, човечки ресурси, наука, култура и наследство, спортски и други достигнувања. Националниот популизам од своја страна е со тенденција да ве изолира и заштити од интернационалното, портретирајќи го како завера и закана, барајќи надворешни непријатели но и внатре во „националната“ држава, претставувајќи се притоа како ексклузивен „ангел чувар" на националните вредности и традиции. Популистите ве убедуваат дека само доколку припаѓате на нивниот „политички народ“ имате право да се нарекувате патриоти, а дека сите останати се 5-та колона во општеството и како такви, предавници со кои треба да се расчистат сметките. 

Промена на парадигмата во односите со источниот сосед 

Резолуцијата во бугарската Дума е типичен национал – популистички продукт, испровоциран од почетна критика за начинот и брзината на спроведување на договореното со нас, од страна на Радев како заштитник на националното во Бугарија, на која повеќе од ентузијастички се надгради десницата (Борисов) во коалиција со неофашистите (Каракачанов), потоа прифатена од сите останати со исклучок на партијата на Турците која беше „оправдано" отсутна. Оваа резолуција, блокадата и провокативната реторика на бугарската држава кон нас, изнуди контра - резолуција во македонското Собрание, иницирана од барокната македонска десница и нашата неоЛевица (мастилото беше нивно иако првите го приграбија пенкалото), со морална, но и конкретна поддршка на разбудената реал-социјалистичка левица (екс претседателите, водството на МАНУ, и една галерија на запоставени и огорчени транзициски ликови од левичарска и центристичка провиниенција), како и сите останати партии, за да избегнат етикета на предавници.  

Гледај видео 01:24

Протести против десните популисти низ Германија

Повеќе од авторот: Од реторички заложби до конкретна акција за „озеленување“ на политиките и буџетот

Епилог кој го посакуваа национал – популистите на двете страни е моменталната состојба на големо и крајно загрижувачко нетрпение и отуѓеност помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Оваа состојба е со тенденција да се влошува доколку итно не дојде до промена на парадигмата во односите. Почетен оптимизам за второво, генерира победничкиот Харвардски тандем, Петков и Василев како приврзаници на прагматизмот наспроти мејнстрим идеологиите кои драматично го фрагментираа бугарското општество (за внатрешни прашања) и го закараа со нас. Впрочем, „Харвард" е конзерватор на „Прагматизмот“ - филозофскиот правец на Вилијам Џејмс, кој ја одредува суштината на вредностите, потоа преведени во правна норма и помалку или повеќе конзистентни политики во САД. Едно од прагматичните начела на кое укажа Петков, е да се обрне поголемо внимание на процесот за сметка на крајната цел (добрососедството), бидејќи лошо воден процес, оддалечува од целта. После првите, охрабрувачки пораки, со право очекуваме, во знак на добра волја и поради конзистентност на искажаното, како и од прагматични причини, да се отстрани блокадата и да се престане со притисокот во ЕУ за негирање на посебноста на македонскиот идентитет и неговата етно-јазична генеза. Тој чин ќе го одземе кислородот на говорот на омраза, придонесувајќи за создавање на продуктивен амбиент за соработка во сите релевантни сектори, вклучувајќи и за најсензитивните прашања, поврзани со историјата, образованието и остварувањето на човековите права и слободи, кај нас но и кај нив.

Вистинскиот патриотизам е „националното" да го најдеме во интернационалното, низ рамноправна коегзистенција на двете држави и народи во Европската Унија и заедничка иднина како Европејци, наспроти рововите кои ги ископаа и ги продлабочуваат национал-популистите на двете страни, без оглед кој прв почна.