Наташа Габер: Луѓето го создаваат капацитетот за промени! | Северна Македонија | DW | 25.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Наташа Габер: Луѓето го создаваат капацитетот за промени!

Реформите сами по себе не можат да донесат толку промена, ако не постои мотивација и кај лицата што нив треба да ги спроведат, вели Наташа Габер Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители

Зад неа стои богата професионална кариера. Повеќе од 20 години (1985- 2008) беше посветена на работата во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, од научен советник - до редовен професор. Во 2008 година беше избрана за судијка во Уставниот суд на Република Македонија и запаметена во јавноста по тоа што честопати имаше издвоено мислење за одредени одлуки на Судот. Како реномиран правник и доктор по политички науки учествувала во бројни научни проекти, и автор е на повеќе стручни и научни трудови, стратегиски документи, евалуации, истражувања и анализи. Минатиот месец д-р Наташа Габер Дамјановска беше избрана за директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, со мандат од четири години.

ДВ: Вашата претходничка на оваа функција беше од 2006 година. Со промената по цели 12 години, каква состојба затекнавте во Академијата?

Наташа Габер Дамјановска: Познато е дека при самото основање, Академијата за судии и обвинители беше поставена доста амбициозно. Целта беше, а и сега е, да биде институцијата која ќе ги обезбедува кадрите во основните судови и обвинителства, со желба тие кадри преку двегодишна обука да се стекнат со комплетно, заокружено знаење и подготвеност да обезбедат висок професионализам во институциите каде ќе работат. Сепак, во последните години во јавноста постоеја коментари и провејуваше впечаток дека прокламираната визија и мисија беа „изместени“ од свето лежиште од низа причини, за кои верувам дека нема потреба во овој момент да се навраќаме. Задачата моја, и на новиот Управен одбор, е да обезбедиме солиден основен и континуиран образовен процес, ослободен од недоследности. Оваа замислена цел самата по себе ми дава полни раце работа и наговестува интензивен претстоен период.

Во моментов има недостиг на кадри и во судството и во обвинителството, што ја доведува во прашање нивната ефикасност. Колку лица во моментов се на обука во Академијата, и може ли нивната бројка да ги задоволи акутните потреби?

Актуелно низ Академијата минува шестата генерација слушатели, која во моментот ја остварува практичната настава низ судовите и обвинителствата. Оваа група брои 37 лица, во која е запазена соодветната и правичната застапеност како на поголемата, така и на помалите заедници. Реално, оваа бројка не може да ги задоволи акутните потреби во судството и обвинителството, но претпоставка е дека откако оваа генерација ќе го положи завршниот испит на почетокот на јули следната година, ќе имаме нови 19 јавни обвинители и 18 судии. Евидентираните потреби е повеќе од јасно дека ќе мораат да се задоволат преку запишување на новата генерација слушатели.

Сугестијата на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, е Академијата да биде единствен регрутен центар за нови судиии и обвинители. Но, со оглед на кадровските потреби, има ли можност за некое привремено, транзициско решение, со кое и стручните соработници ќе може да го покријат тој кадровски дефицит без да го поминат филтерот на Академијата. Или да посетуват само теоретска обука, кога веќе имаат практично искуство?

Господинот Прибе, но и другите официјални претставници на Европската унија имаат изградено мошне цврст став околу ова прашање. Имено, тие не поддржуваат никаков влез во судството по друга линија освен онаа, праволиниски кариерната, каде кадрите се движат од пониските кон повисоките нивоа на обвинителството и судството. Исклучок претставува можноста поранешни судии на меѓународни судови да бидат во можност да се позиционираат во било кој степен во судскиот систем. Исто така, не постои никаква поддршка од страна на ЕУ по однос на можноста за скратена обука, односно да се слуша само теоретската обука а да се скрати времето на практичната обука. Во многу скоро време ќе следи нов закон за Академијата за судии и обвинители, кој исто така ќе биде предмет на скрининг, што значи дека ќе биде разгледуван и оценуван, па за очекување е дека евентуални транзициски решенија нема да добијат поддршка.

Лани беше поништен  јавниот оглас за прием на 60 слушатели на почетната обука, бидејќи дури 41 од нив доставиле фалсификувани сертификати за познавање на англискиот јазик. Овој случај го отвори прашањето: покрај добро обучени кандидати за судии и обвинители, каква е гаранцијата дека од Академијата ќе излегуваат и луѓе со висок морален и професионален интегритет, имуни на политички и други притисоци?

Со цел да се одбегнат вакви несакани состојби, измените на Законот кои беа донесени годинава во однос на условите за прием во почетната обука уредуваат дека се бара активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија, што ќе се утврдува во рамки на приемниот испит во Академијата. Исто така, законски е предвидено при приемот да се полага и психолошки тест и тест за интегритет. Идеална гаранција за продукција на совршен кадар секако дека не постои, но тоа не значи дека од страна на Академијата не треба да се направат максимални заложби за објективна селекција на квалитетни кандидати, кои мотивирано ќе работат на нивното професионално усовршување. Околу постоењето на политички притисоци врз судството во врска со неговата работа сметам дека е прашање на создавање на еден општествен контекст во кој тој притисок ќе биде значително намален до - ако е можно - непостоечки. Но, за ова да биде реалност, надлежни се други општествени субјекти. Од страна на судството, коректното работење мора да се обезбеди преку правилното функционирање на контролните тела и механизми во него, како и да се следи нивното работење преку будното око на критичката јавност. На тој начин веруваме дека ќе се врати професионалниот углед и општествената доверба кон правосудните органи.

Имаше многу забелешки за т.н. сваровски судство и исто такво обвинителство во изминатата деценија, како синоним за клиентелистички именувани и партиски лојални судии и обвинители. Опозицијата обвинува дека денеска се случува истото, само што се заменеи партиските дресови. Како ја оценувате вие состојбата во таа сфера? 

 Професионалното и непристрасно работење се огледува преку доследното почитување на законските одредби, а кое треба да биде стандардизирано применливо во идентични или мошне слични ситуации. Овде го вклучуваме и очекуваното делување, односно чинење на законски предвидени чекори при постоење на сомнежи за одредни состојби или сознанија кои би откриле постоење на противзаконски или кривични дела. Кога сите овие дејствија се превземаат, а притоа се води сметка за заштита за уставно и конвенциски загарантираните човекови права, веќе може да се зборува за коректно функционирање на правосудниот систем. Што се однесува до забелешките, со оглед на тоа дека персоналните решенија во судовите и обвинителствата не се променети, се поставува прашање зошто критиките пристигнуваат токму во овој период? За мене вистинските замерки би биле кога објективно би се докажало работење спротивно на горенаведеното. Исто така, треба да постои разбирање дека како секоја професија, така и овие во правосудниот систем, функционираат во определен општествен контекст, кој во извесни периоди може да биде лимитирачки и да врши пресија врз овие кадри при вршењето на нивната работа или пак обратно, да им остава простор да ја остварат својата професионална слобода и убедување.

Дали само реформите се клучни за да се врати изгубената доверба на граѓаните во правосудниот систем? Оценка на правни експерти е дека досегашните дефекти не произлегле од законите, туку од недостигот на личен и професионален морал. Каква е вашата дијагноза за ова прашање?

Реформите претставуваат институционален и нормативен одговор на воочените слабости во еден систем. Но сами по себе секако дека не можат да ја внесат толку посакуваната промена ако не постои прифаќање, мотивација и желба за промена од самите лица кои треба неа да ја имплементираат. И од моето лично искуство верувам дека луѓето всушност ги прават институциите тоа што се, односно го определуваат потребниот капацитет за промени. Од таа причина мошне е важно соодветното кадровско пополнување на институциите како и личниот капацитет да се прифати новиот пристап и методи при работењето. По однос на неетичкото однесување, мислам дека честотата на ваквото однесување зависи во голема мерка од степенот на реалната можност тоа ефективно да биде казнето или спречено.

 

Поврзана содржина

Реклама