Мрачна година за спортот
29 декември 2015Каков крај на спортската 2015-та: претседателот на ФИФА Блатер и шефот на УЕФА Платини се суспендирани на по осум години. Светската фудбалска федерација додуша не можеше да докаже директна корупција на двајцата врвни функционери, но смета дека исплатените два милиони евра од Блатер на Платини се доволно дубиозни за да го „откачи“ контроверзниот шеф на ФИФА, а со тоа и неговиот потенцијален наследник. Сплетките околу доделувањето на Светското фудбалско првенство 2022 на Катар очигледно не беа доволно „робустни“ за пред суд.
Досието Блатер беше најдебелото во широкиот регистер разочарувачки спортски вести на годината. И тоа досие сѐ уште не е затворено. Имено, Блатер најави дека во врска со суспензијата ќе се жали пред Меѓународниот спортски суд.
Сѐ повеќе спортски прашања во меѓувреме се решаваат по судски пат. Обвинителството одамна е вклучено во расчистување на аферата „летна приказна“ (Светското фудбалско првенство во Германија 2006.), во рамките на која мораше да се повлече претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Волфганг Нирсбах. Дури и фудбалскиот пример за сите, Франц Бекенбауер, веќе не е сигурен и загуби од својот сјај.
Руските атлетичари веројатно нема да учествуваат на Олимписките игри во Рио, поради откритието на новинарите во една германска телевизиска документарна програма за систематски допинг, систематско прикривање и поткупување на функционери на Меѓународната атлетска федерација. Во Германија, како и да е, по долго натегање е донесен анти-допинг закон, со кој се предвидува кривично гонење за недозволено манипулирање со спортските постигнувања.
На многумина во Германија во меѓувреме им е преку глава од функционерската корупција. Во ноември граѓаните на Хамбург се изјаснија против кандидатура на градот за домаќин на Олимписките игри. Исто како што претходно постапија жителите на Минхен и Гармиш Партенкирхен кога стануваше збор за Зимските ОИ 2022. Сега тие ќе се одржат во Пекинг. Единствената преостаната алтернатива беше Алмати во Казахстан.
Спортската 2015-та на виделина извади многу болни вистини, многу разочарувања. Дури и за оние кои отсекогаш верувале во доброто. Шалке 04 го пушти идолот Јулијан Дракслер да замине за Волфсбург, тренерот на Бајерн Гвардиола го изнервира не само долгогодишниот „док“ (лекар) Милер-Волфарт, кој си замина од клубот, туку ја нагриза и идентификационата фигура Бастијан Швајнштајгер. И, кој можеше до неодамна да си ја замисли Борусија Дортмунд без човекот кој диво гестикулира шетајќи покрај линијата - Јирген Клоп?
Колку вакви удари може да издржи еден навивач? Уште колку долго ќе бидат полни стадионите? Дали медиумите, политиката, луѓето кои во меѓувреме го преценуваат спортот и му даваат и задачи кои не може да ги реализира, ќе го загубат интересот? Би било логично да биде така.
Тука од помош е само итно преструктуирање. Организираниот спорт мора да ги реализира ветувањата и да работи на својата веродостојност и транспарентност.
А, со оглед на тоа што оваа желба веројатно ќе остане само желба, треба ние да работиме на себе. Да си задаваме цели кои можеме да ги оствариме: да се занимаваме со спорт, наместо само да ги гледаме другите и да останеме исправни, дури и ако луѓето кои ни се „примери“ не постапуваат така.