Моја Европа: Горкото изненадување на Макрон | Свет | DW | 21.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Моја Европа: Горкото изненадување на Макрон

Пораката од говорот на Макрон во Стразбур има експлозивна моќ да ја заостри кризата на Балканот, смета Иван Крстев. Тоа ја ослабнува и позицијата на ЕУ во регионот.

Говорот на Макрон во Европскиот парламен беше стартен истрел за изборната кампања за европските избори во 2019 година. Откако го слушнавме убавиот говор, и натаму не знаеме дали француускиот претседател ќе се обиде во Европа да го стори истото што го направи во Франција пред само една година - имено, да ги уништи постоечките политички партии и да создаде нова проевропска платформа, чие јадро е отфрлање на статус-квото. Ќе ризикува ли партиите на конзервативниот центар - кои владеат во поголемиот дел од Европа - да ги предизвика до тој степен за да дојде до влошување на неговите односи со Ангела Меркел? И како ќе се справи со растечките тензии меѓу Истокот и Западот во Европа? Како ќе донесе нова демократска енергија во европскиот проект - посебно во оние општества, кои неговите говори ги читаат само во преведени верзии?

Со векови, во Германија постои силна поврзаност меѓу политиката и поезијата - и Емануел Макрон ѝ е верен на таа мешавина. Тој докажа дека има талент за драматизација, кога говореше за нова европска „граѓанска војна“ и за опасностите од национализмот и рече дека не сака да ѝ припаѓа на „генерација на месечари“. Стана незгоден за своите политички противници на десната страна од политичкиот спектар во Европа, бидејќи се позиционираше како заштитник на европските вредности - не само наспроти авторитарните владетели вон Европа (Русија, Кина, Турција), туку и против „илибералните“ дома (Унгарија, Полска). Стекна поени и со политичкиот прагматизам, кога се оддалечи од класичниот федералистички дискурс, кој го заговара мнозинството француски прогресивци и не аргументираше само во полза на „Соединети Европски Држави“, туку и за заеднички дигитален данок, кој би го зајакнал Брисел. 

Претпазлив визионер

Францускиот претседател се определи за улогата на внимателен визионер. Тој ги навести наместо јасно да ги изговори политичките опции за кои се залага. Неговиот говор беше реторички силен, но особено упадливи беа работите за кои Макрон не зборуваше. Францускиот претседател беше сомничав кога се работи за реформи на еврозоната која беше главна тема во неговиот говор на Сорбона минатата година. Неговото молчење е јасен сигнал за проблемите во германско-француските преговори за европската монетарна унија. Тој, исто така, не зборуваше ни за знамето на Европа за слободна трговија и беше политички непрецизен кога зборуваше за мигацијата или за темите за односите меѓу Европа и САД.

Друга колумна од авторот:

-Моја Европа: Страв од раздор

Генералот Шарл Де Гол еднаш забележа: „Вистинскиот лидер секогаш има некаков адут во ракав, изненадување кое другите не можат да го сфатат, и кое може да ја доведе јавноста во состојба на воодушевување“. Изненадувањето кое Макрон го извади од ракав беше неговата порака за иднината на ширење на ЕУ. „Не сакам Балканот да се сврти кон Турција или кон Русија“, рече францускиот претседател во Стразбур. Но, додаде и оти не сака Европа која веќе и со 28, наскоро 27, членки лошо функционира и која сепак би одлучила: „Можеме во трка да го зголемиме бројот на членките на 30 или 32- со исти правила“.

Макрон се води според гласачите од западна Европа

Има нешто во тоа. Поголемиот број Европејци би се согласиле кога вели дека нема смисла да се зборува за проширување ако нема одлука за тоа што воопшто Унијата би требало да биде. Во моментот дефинитивно нема воодушевување за проширување - без разлика дали станува збор за Балкан, Турција или за Украина. Прашани за желбите за идната големина на ЕУ, многу европски гласачи повеќе би сакале нејзино намалување, а не проширување.

Но, конкретното дејство на пораката на Макрон е политичка катастрофа. Забелешката на Жан-Клод Јункер оти единствена алтернатива за интеграција на Балкан во ЕУ е војна во регионот, е параден пример за баналност како спас во последен час. Бидејќи, пораката на Макрон во себе носи искра која би можела дополнително да ја влоши состојбата во регионот. Бугарија, која моментално претседава со ЕУ, има свои причини да го обвини Макрон дека внимателно подготвениот самит за Западен Балкан, кој ќе се одржи во мај, ќе делува како виц. Европската Комисија има причини забелешката на Макрон да ја сфати како забивање нож во грб. Проевропските реформисти во балканскиот регион имаат причини да го обвинат Макрон дека им ги поткопува позициите. „Конструктивната повеќезначност“ долго беше стратегија која Брисел ја преферираше во однесувањето кон Балканот. Кога станува збор за членството на државите од Западен Балкан во ЕУ, политичарите во Унијата со задоволство велат дека единствено прашање е - „кога?“  Реално нико ј- ниту во Брисел ниту во Белград - не верува оти во 2025 година некоја од овие земји ќе биде членка на ЕУ. Но, додека играта во ЕУ досега се викаше „вратите се отворени“, Макрон реши да ги затвори - барем за момент. Не можеме поради тоа да го обвиниме. Но, она што можеме да му замериме е дека „замрзнувањето“ за проширување без алтернативна стратегија може да придонесе за продлабочување на кризата на Балканот и да доведе до слабеење на позицијата на ЕУ во регионот. Беше јасно и дека кога Макрон им се обраќа на гласачите зборувајќи за „Европејци“, мисли пред сѐ на гласачите од западна Европа.

Иван Крстев е раководител на „Центарот за либерални студии“ во Софија и член на Институтот за науки во Виена. Крстев е еден од основачите на тинк-тенкот „Европски совет за надворешни односи“. Од 2015 година тој редовно пишува анализи за меѓународното издание на американскиот весник „Њујорк Тајмс“. 

 

DW.COM

Реклама