Многу стапици околу СЈО | Македонија | DW | 16.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Многу стапици околу СЈО

Уставниот суд треба да ја оцени уставноста на законот за СЈО, а почнува со работа од 1 септември. Кога лидерите ќе решаваат дали има услови за фер избори, епилогот на овој важен сегмент од договорот нема да биде познат.

На повеќе од 20 нови постапки работат обвинителите во Специјалното јавно обвинителство, дознава Дојче веле откако вчера специјалната јавна обвинителка Катица Јанева обелодени дека „во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во СЈО“.

„Согласно со Законот за кривична постапка лицата кои се повикуваат ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околности по повод сите постапки кои се отворени во овој период. Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, изјави Јанева.

Фреквенцијата во СЈО се случува и во фреквентен политички период. Најдоцна до 31 август август лидерите на четирите партии - потписнички на Договорот од Пржино треба да оценат дали се исполнети условите за одржување фер - избори, односно дали се реализирани обврските за кои тие постигнаа договор на 20 јули. Меѓу нив е и обврската Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за СЈО, а доколку Судот оспори дел од него или законот во целина, лидерите се обврзани во рок од пет дена да се усогласи законско решение со кое ќе бидат отстранети тие пречки за работата на СЈО. Но, според правни експерти, тој процес има многу стапици.

Опасен вакуум

Уставниот суд почнува со работа на 1 септември, што значи дека кога лидерите ќе решаваат дали има услови за избори, епилогот на овој важен сегмент од договорот се уште нема да биде познат. Во таквиот временски вакуум, правни експерти ја гледаат најголемата опасност, со оглед на досегашното искуство со опструкции на договореното.

„Ако партиите до 31 август се договорат да има избори, а потоа на разни начини се развлекува постапката во однос на СЈО, ова обвинителство ќе изгуби многу време, како што изгуби непосредно по неговото формирање, но и во периодот по аболицијата дадена од страна на претседателот Иванов. Притоа, во зависност каква одлука ќе донесе Уставниот суд, можно е исто така да се потроши многу повеќе време од оние 'пет дена' што ги договориле лидерите за (ре)институционализација на СЈО, што би внесло недоверба и во процесот и во очекуваната правна сигурност“, вели поранешен судија.

Во таков случај, претходно договорените оценки дека се исполнети условите за фер-избори, би паднале во вода.

Уставниот суд при оценување на уставноста на законот има можност да донесе два вида одлуки: една за укинување на целиот закон или за укинување на одреден член или членови од законот, и одлука за поништување на целиот закон или за поништување одреден член или членови од законот. Доколку Уставниот суд донесе одлука за укинување на целиот закон за СЈО прогласувајќи го неуставен, тоа би значело дека СЈО ќе треба да биде укинато и дека ќе мора одново да биде формирано, што значи дека може да има и друг обвинителски состав.

Во одредени партиски кулоари на оваа варијанта и се придава големо значење, што навестува дека најтешките денови за СЈО допрва може да дојдат. Од друга страна, извори упатени во преговорите сметаат дека тоа не би требало да се случи, бидејќи таквиот удар врз СЈО би бил најдиректен удар и врз политичкиот Договор, што би ја внело земјата во уште поголема дестабилизација.

Kombibild Politiker Mazedonien

Партиските лидери ќе решаваат за избори без да биде позната одлуката на Уставниот суд за СЈО

Иницијативата во фиока

Специјалното јавно обвинителство веќе подолг период работи под притисок на времето, односно законските рокови, но и под блокади од разни институции кои одбиваат со него да споделуваат документи, ги даваат делумно или воопшто не соработуваат. Неофицијално дознаваме дека и одредени субјекти кои прифатиле да вршат вештачења за СЈО, потоа од необјасниви причини се откажувале од постапката, а голем број потенцијални сведоци на обвинителството се обесхрабрени да сведочат поради нецелосно регулираната заштита на сведоци.

СЈО на 1-ви април годинава до Собранието на Република Македонија достави иницијатива за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци. Како што тогаш образложија од СЈО, иницијативата произлегува од потребата за уредување на надлежноста на СЈО во постапката за заштита на сведоци, а во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова обвинителство. Иницијативата била доставена до сите пратеници, но не се најде на дневен ред и покрај укажувањата за нејзината итност. Шест дена подоцна, на 7- ми април Собранието донесе одлука за самораспуштање поради закажаните избори на 5 јуни, со што оваа иницијатива остана во пратеничките фиоки.

Дали до крајот на месецов ќе се најде на дневен ред? Пратениците од владејачкото мнозинство не се расположени да зборуваат на оваа тема. Дел од нив, неофицијално велат дека таа можеби треба да се разгледува по одлуката на Уставниот суд за СЈО, а дел дека „во овој момент има поприоритетни прашања“.

Недонесувањето на овие законски измени, е крупна пречка во работата на СЈО.

„Треба да се има предвид спецификата на надлежностите на СЈО, од една страна, како и сензитивноста на уредувањето на прашањето за заштита на сведоците од аспект дека тие треба да имаат доверба за да им помогнат на службите за спроведување на законот и на обвинителството. Истовремено, тие треба да бидат сигурни дека ќе добијат поддршка и заштита од заплашување и штетата која можат да им ја нанесат криминалните групи во обидите да се обесхрабри или да ги казни нив поради таа соработка“, образложуваат од СЈО.

Консензус од сите

Република Македонија во континуитет врши усогласување на домашното законодавство со европските и меѓународните стандарди. Во јануари 2005 година ја ратификуваше Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал, која заедно со протоколите упатува повик до државите да воведат соодветни мерки за спречување на заплашување на сведоците, принуда, корупција или телесна повреда, како и за зајакнување на меѓународната соработка во оваа насока. Сепак, имплементацијата на постоечкиот Закон за заштита на сведоци досега не е соодветно анализирана, а поединечни инциденти укажуваат дека е неопходно натамошно јакнење на оваа практика. Како што посочуваат од СЈО, заштитата на сведоци не е област која само треба да се спроведе и поддржи од страна на правосудните органи и полицијата, туку е високо-сензибилна материја која бара широк пристап и регулирање.

„Современите законодавства во ЕУ ова прашање го имаат апсолвирано и присутни се секаде забелешките дека за соодветна примена на регулативата по однос на заштита на сведоци мора да биде взаемно или консензулано прифатена од страна на сите државни институции и јасна за граѓаните“, се вели во образложението на СЈО за законската иницијатива.

DW.COM

Реклама