Младите трајно го напуштаат Балканот | Северна Македонија | DW | 11.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Младите трајно го напуштаат Балканот

Во Сараево се одржа регионална конференција „Емиграција на младите од земјите од Западен Балкан - решенија низ политиките“, која се занимаваше со иселувањето на младите од регионот, кое е огромен проблем.

Заминувањето на младите е горлив проблем за земјите од Западниот Балкан. На конференцијата во Сараево, која беше во организација на Националниот демократски институт во БиХ и со партнерство од подмладоците на девет политички партии во Босна и Херцеговина, кои се нарекуваат Група 9 (G9), младите од регионот се обидоа да ги сфатат причините за заминување, но и да пронајдат начини за задржување на младите.

Иако Александар Чичиќ, млад претприемач од Бања Лука, е успешен во она што го работи, кај него е постојано присутна идејата за иселување:

„Размислувам да заминам доколку ми се поклопат некои работи и доколку приликите на кои сега работам се остварат. Мислам дека мнозинството млади од БиХ размислува да замине доколку им се укаже подобра прилика и тоа е најголем проблем. Во ред е кога имате еден извесен број кои заминуваат, но многу е потешко кога мнозинството млади сака да замине и само чека прилика тоа да го оствари.“

Од почетокот на годината само од БиХ се заминати 30.000 луѓе. За заминување честопати се одлучуваат цели семејства, без намера да се враќаат во догледно време, а можеби и никогаш.

Бенјамин Османчевиќ, политички активист од Сараево, смета дека причината е што „многу млади не добиваат воопшто прилика да покажат какви се и за што се способни, така што пронаоѓаат друго решение, а тоа е заминување преку граница“.

Гледај видео 02:52

Младите трајно го напуштаат Балканот

Заминуваат и оние кои имаат сигурна работа и пристојна заработувачка. Земјите од регионот ги напуштаат лекари, информатичари, инженери, медицински персонал...

„Дури и оние кои имаат осигурана егзистенција и имаат доволно средства за нормален квалитет на живот заминуваат во потрага по подобар систем каде нивната работа, труд и време ќе бидат ценети“, вели политичкиот активист Дејан Радмиловиќ.

Истражувањата на Институтот за развој на млади Култ од БиХ, покажуваат дека младите лица заминуваат од земјите во регионот затоа што сметаат дека наскоро нема да им биде подобро. Освен тоа, испитаниците не мислат да се враќаат во земјата од која заминале.

Катарина Вучковиќ од Институт за развој на младите Култ потенцира:

„Според анкетите, луѓето од БиХ не заминуваат само затоа што немаат работа, тоа е дури на 5 или 6 место, туку условите за работа се една од причините поради кои се заминува, корупцијата, политичкиот и општествен дискурс кој повторно спомнува војна, верска, етничка и друг вид поделби, потоа незадоволството од образовниот и здравствениот систем и токму тоа луѓето кои заминуваат од БиХ очекуваат да биде подобро во земјите каде одат.“

Откако стана членка на ЕУ, Хрватска се соочи со масовно ислеување на младите. Весна Пусиќ, пратеничка во хрватскиот Сабор, укажува дека не секогаш парите се главна причина:

„Направено е истражување кое покажа дека меѓу луѓето кои заминале околу 30% заминале поради плата, работно место и.т.н., додека околу 70% заминале поради нефункционирање на државата во различни форми: непотизам, клиентелизам, фактот дека луѓето се вработуваат со врски.“

Bosnien und Herzegowina | Junge Menschen sehen ihre Zukunft in der EU (DW/Z. Ljubas)

На конференцијата во Сараево се дискутираше за причините за заминување и начините за задржување на младите

Со проблемот на заминување на младите е соочен целиот регион и ситуацијата одамна е алармантна. Србија секоја година ја напуштаат помеѓу 40 и 69 илјади луѓе, а ако на тоа се додаде негативниот природен прираст, Србија годишно останува без 100.000 жители.

Трендот на заминување е присутен и во Северна Македонија, а причините се исти како и во другите земји од регионот. Ивана Туфегџиќ, пратеничка во Собранието на РСМ, смета дека младите треба конечно да добијат збор во процесот на решавање на проблемите:

„Проблемот е што никогаш не создаваме механизми, или пак оние механизми кои ги имаме како држави, не ги користиме за да ги вклучиме младите во решавање на проблемот. Зашто тие најдобро знаат кои политики се добри за нив, како тоа да се креира и како да се стигне до решение.“

Време е да се слушаат идеите на младите и да им се помогне да прават планови не за заминување во светот, туку за носење на светот во матичните земји, беше порачано на конференцијата во Сараево

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама