Мирна транзиција по историската одлука за МПЦ | Северна Македонија | DW | 25.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мирна транзиција по историската одлука за МПЦ

Нема да има многу дилеми околу статусот на епископите на ПОА, бидејќи веќе се навести дека тие ќе бидат инкорпорирани во редовите на МПЦ- ОА, вели аналитичарот Бранко Ѓоргевски

Изненадување, еуфорија, радост, но и голем број прашања уследија по одлуката на Саборот на Српската православна црква (СПЦ) да ја прифати и признае автокефалноста на Македонската православна црква -Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), одлука која беше соопштена на вчерашната заедничко сослужување на поглаварите на  СПЦ и МПЦ  во Скопје.

Најчестиот збор што уследи по одлуката е „изненадување“, иако од 9-ти мај до вчера (24-ти мај) следот на настаните сугерира дека чинот не е случаен, туку резултат на црковна (и политичка) дипломатија и извесен период на разговори. Но и покрај тоа, вчерашната „круна“ на заедничкото сослужување одекна посилно од камбаните. Српскиот експерт за црковно-правни прашања д-р Јован Јањиќ, оцени дека одлуката на Српската православна црква да ја признае автокефалноста на  МПЦ-ОА  е големо изненадување кое никој не го очекувал, а со оглед дека е донесена едногласно, веројатно за тоа има добри причини кои наскоро ќе се дознаат.

„Не се сомневам дека СПЦ се раководела исклучиво од канонски и црковни причини. Сега следува признавање од другите помесни православни цркви, што е вообичаена процедура кога мајката ѝ дава автокефалност на црквата во нејзината канонска област. Сега треба да се уредат тие односи меѓу СПЦ и Македонската црква, бидејќи отсега тие се посебни цркви, автокефални. Пред сѐ, тоа се прашања за имотот, но секако и статусот на досегашната канонска ПОА која беше во врска со СПЦ и на која ѝ е издаден Томос за време на патаријархот Павле. Сѐ понатаму е работа на јерархијата во Северна Македонија. Тие сами ќе го одредат своето име, дали ќе се нарекуваат Македонска православна црква - на што се противи  Цариградската патријаршија  и Грчката, или ќе се нарекуваат Охридска Архиепископија, а тоа е нивно право со оглед дека добија целосна самостојност“, вели Јањиќ.

Повикувајќи се на извори од врвот на СПЦ, и српскиот весник „Данас“ пишува дека тема на преговори ќе биде судбината на Православната Охридска Архиепископија (ПОА), на која СПЦ ѝ издаде Томос во 2005 година.

„Во ПОА немале дилема дали да бидат таму (вчера во Соборниот храм во Скопје - н.з.) каде што е поглаварот на  СПЦ,  чиј официјален дел се“, наведува весникот, и во тој контекст потсетува дека и информативната служба на СПЦ соопштила дека на вчерашната литургија во Скопје молитвено присуствувале архиепископот охридски и митрополит скопски Јован (Вранишковски) и епископот стобиски Давид (Нинов) од ПОА.

Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche

Челниците на СПЦ и МПЦ-ОА на заедничко сослужување во Скопје

Инкорпорирани во МПЦ-ОА

Домашни познавачи на состојбите во Црквата во контекст на новиот развој на настаните, сметаат дека нема да има многу дилеми околу статусот на епископите на ПОА.

„Неофицијално, веќе се навести дека тие ќе бидат инкорпорирани во редовите на МПЦ- ОА, да добијат епархии или манастири на управување. Очекувам мирна транзиција, а треба да се види и како во иднина ќе се усогласуваат одредени различни влијанија коишто постоеја во Синодот. Се надевам дека сето тоа ќе биде надминато во заеднички интерес на  МПЦ-ОА  и на верниците. Доста беше од конфликти во организмот на македонската црква“, вели новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓоргевски.

Проблеми или сепаратистички тенденции не очекува ни Јањиќ.

„Црквата е таков организам кој не трпи брзи и нагли промени. Во Црквата постои поредок кој е стар 2.000 години и во него е се јасно регулирано. Така што, нема брзи одлуки и верувам дека во идниот период нема ништо битно да се менува во организацијата на црковниот живот на канонското подрачје на СПЦ, освен што еден нејзин досегашен дел станува потполно самостоен и на тоа подрачје Црквата сама ќе се организира. Нема услови кој било да посегне за некои други тенденции кои би го разбивале единството на  Црквата,  односно за некои сепаратистички и сецесионистичи тенденции“, уверен е српскиот експерт за црковно-правни прашања.

„Како и зошто баш сега?“

Сепак, вчерашната радосна вест што ја соопшти српскиот патријарх Порфириј, некои ја дочекаа и на поинаков начин. Поранешениот српски министер за култура и информирање, Владан Вукосављевиќ, не го крие изненадувањето од одлуката на црковен Белград и ја смета за смрт на истриската СПЦ.

„Ова е смрт на историската СПЦ. Зошто, како и зошто баш сега? Политичка одлука! Ако е ова воопшто точно и ако на РТС не ги помешале поимите автономија и автокефалност, тогаш сме сведоци на нешто што не се случило, ниту можело да се случи во 800-те години од постоењето на СПЦ, и покрај ударите што таа ги примала од Ватикан, Отоманите, Унгарците, Бугарите, Арбанасите, Хрватите, комунистите, Титоистите и сите други српски душмани. Ова е некој вид крај на историската СПЦ и раѓање на нешто постисториско, постмодерно, постхристијанско и заумно“, го пренесе „Данас“ ставот на Вукосављевиќ објавен на Фејсбук.

За разлика од српските и грчките медими кои без исклучок ја пренесоа веста од Скопје, голем дел од бугарските вчера воопшто и не информираа за тој настан. Во бугарската јавност воздржаност по ова прашање владее уште од денот кога Вселенската патријаршија донесе одлука да ја признае црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.

Единствените јавни реакции доаѓаат од националистички кругови кои и досега имаа забелешки за каков било исчекор во полза на РСМ, кои му даваат поддршка на бугарското вето и потенцираат дека Охридската Архиепископија е составен дел од историскиот развој на Бугарската православна црква.