Министри во „двојката“ се борат за петка кај гласачите! | Македонија | DW | 07.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Министри во „двојката“ се борат за петка кај гласачите!

Министерски дуел во „двојката“: Никола Тодоров, кој го лечи болното здравство е на мегдан со Оливер Спасовски, кој треба ја деконтаминира полицијата од вирусот на вмроизација, за да се обезбедат услови за фер-избори.

Изборната единица 2 е единствената во која на 11-ти декември изборните сили ќе ги одмерат двајца актуелни министри. Едниот е на министерска функција седум години, другиот краткорочно, во мандатот на техничката влада. Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ го лечи болното македонско здравство, а Оливер Спасовски од СДСМ треба ја деконтаминира полицијата од вирусот на вмроизација, за да се обезбедат услови за фер - избори. Спасовски како роден Кумановец во „двојката“ е на свој терен, а скопјанецот Тодоров - гостин. Се борат да ја освојат довербата на гласачите во северниот дел на Македонија - општината Куманово и десетина помали општини што гравитираат околу неа. 

Спасовски: Да ставиме крај на криминалот!

Оливер Спасовски (1976) е дипломиран правник и магистрант по управно право. Почнал како адвокатски приправник, потоа бил советник на градоначалникот на Куманово и секретар во општината Куманово. Бил член на претседателството на партиската Општинска организација на Куманово од 1999 година, подоцна организациски секратар на партијата, а од 2013 година и Генерален секретар на СДСМ. Со Договорот од Пржино, беше именуван за министер за внатрешни работи во Владата која ќе ги организира предвремените парламентарни избори. Со оглед дека изборите два пати беа одложени, 11-ти декември конечно е третиот датум за изборната трка, а втор краткорочен министерски мандат на Спасовски.

Тој е уверен дека денес „режимот ги живее своите последни денови“.

„И овде во Куманово ги гледаме истите слики на илјадници граѓани сплотени околу иста цел: пад на режимот и враќање на животот. Доста е од кражби и од лаги. Време е да ставиме крај на криминалот и корупцијата“, порача Спасовски од митингот во родното Куманово.

Oliver Spasovski

Оливер Спасовски

Опонентите против него поднесоа претставка до Државната комисија за спречување корупција, со обвинувања дека тој го крши член 8-а од Изборниот законик, со незаконски распоредувања во МВР. Спасовски категорично демантира, а Обвинителството ќе води истрага. За правда се залага и Спасовски, но не со судство и обвинителство контролирани од власта. Затоа најави генерален реизбор на судии, преку поединечно оценување на работата на секој судија.

„Ќе го продолжиме мандатот на СЈО зошто мора да има правна разрешница. Доаѓа време на правда нема пазарење со тоа. Секој оној што украл и еден денар или прекршил една буква од законот - ќе мора да одговара. Токму тоа го плаши Груевски. Го плашат промените што значат негова одговорност. Затоа зборува за глупости за федерализација и кантонизација. Но, не се плаши од тоа кога делат тендери со Ахмети. Се плаши од тоа што народот не ги сака, а најмногу го плаши тоа што ќе има конфискација на украдениот имот и враќање на парите на граѓаните“, порачува Спасовски.

Ветува повисоки плати, нови работни места, враќање на младите во земјата, стопирање на иселувањата, институции во служба на граѓаните и правда за сите. Со оглед дека досега на бил на „редовни“ извршни функции, граѓаните ќе го оценуваат неговиот учинок според тоа колку во овој технички мандат успеал да ги врати високите стандарди, според кои МВР треба да биде исклучиво во функција на јавната и на безбедноста на граѓаните, а не на потребите на една партија.

Тодоров: Народот не простува предавство!

Неговиот противкандидат Никола Тодоров (1979), од јуни годинава е и вицепремиер во Владата, а министер за здравство од 2011 година. Дипломираниот правник почнал какоприправник во судот, а потоа сменил неколку работни места: во ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, во АД „Градски трговски центар“, а потоа и во скопскиот Катастар на недвижности. Член е на највиоките тела на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2009 до 2011 година беше министер за образование и наука. Во повеќе прилики изјавуваше дека поради обврските жали што не може вистински да им се посвети на омилените спортови - карате, ватерполо и кошарка. Носител е на црн појас во карате, а во 2006 година на Светскиот куп во Италија освоил златен медал во јапонската дисциплина за самоодбрана, џиу-џицу. Во политиката црниот појас не му користи, па главното оружје за напад и одбрана му е програмата „Реално“ на ВМРО - ДПМНЕ. Од него, пред овие избори гласачите по вторпат и третпат ги слушаат истите ветувања, кои беа најавени и со претходните партиски програми, но до денес не се реализирани. Тоа се однесува и на ветениот инфраструктурен проект токму во „двојката“: изградбата на пругата Куманово - Бељаковце, во должина од 31 километар, со три нови железнички станици, шест стојалишта, надвозници и подвозници, безбедносни бариери и заштитници од бучава. Рокот за изградба на пругата беше од 2014 до 2016 година, со предвидени средства од 39,8 милиони евра, обезбедени со заем од ЕБОР. Во 2015 година беше речено дека проектот ќе чини 46,4 милиони евра, но неговата реализација до денес остана во почетна фаза. Сега истиот се најавува за реализација до 2018 година.

Nikola Todorov Mazedonischer Bildungsminister

Никола Тодоров

Тодоров одново ја најави и изградбата на нов клинички центар во Скопје. За првпат ветувањето беше дадено во 2011 година, па во 2014, и сега по третпат.

„Се предвидува да се спроведе најголемиот инвестициски зафат во здравствената инфраструктура во историјата на Република Македонија. Станува збор за инвестиции од над 143 милиони евра, од кои најголем дел се за изградба на новиот клинички центар во Скопје. Но, има и други проекти како што се комплетна реконструкција на Клиниката за кардиологија, на Геронтолошкиот завод, на Градската општа болница „Осми септември“ и надоградба на Клиниката за онкологија, со што ќе се овозможат околу дополнителни стотина легла“, ветува Тодоров.

Во неговиот мандат беше набавена скапа и софистицира опрема неопходна за Клиничкиот центар во Скопје и за болниците низ Македонија, но голем дел од неа до денес не е во функција или поради недостиг на стручен кадар, или поради дефекти, недостиг од овластено сервисирање, резервни делови, материјали и реагенси. Неговиот мандат го одбележа и долгата и неодговорна процедура за одобрување на лекувања во странство, што заврши со смрт на малата Тамара, случај што ја крена Македонија на нозе, не не изнуди оставка од Тодоров. Поради таквиот однос кон моралната и политичка одговорност, Тодоров ги заработи епитетите „бесчувствителен“ и „министер за смрт.“  

И покрај тоа, одговорноста за состојбите во здравството, и генерално во државата, не ги гледа во владејачката партија чиј министер е седум години, туку во метафизички термини од типот „предавство“.

„Две и пол години нè малтретираа, се обидуваа да ја фрлат Македонија на колена. Две и пол години пробуваа да покажат дека кај овој народ може да помине предавство. Овој народ може да прости сè, ама една работа не простува: предавство не се простува во Македонија“, порача тој од Куманово.

Дали е извршено предавство и кој кого предал, ќе оценат гласачите на 11-ти декември.

 

 

DW.COM

Реклама