Меркел не направи ништо во Москва | Свет | DW | 23.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел не направи ништо во Москва

Мантрата „да се остане во дијалог со Русија“ веќе не е соодветна. На Германија ѝ е потребен нов концепт со автократот Путин, оценува Андреј Гурков.

Многу паѓаше в очи колку често Ангела Меркел на прес-конференцијата по средбата со Владимир Путин во различни варијанти повторуваше дека е важно „да се разговара“ и „да се држи отворен овој канал за разговори“. Да не се разговара не е опција, оцени таа. Можеше да се добие впечаток како да се обидува да објасни, па дури и да се оправда, зошто во последните недели од нејзиното канцеларување (и со оглед на тоа што кампањата станува сѐ потешка за нејзината ЦДУ) таа цел еден работен ден троши за да патува за Москва и таму - што стана очигледно и на прес-конференцијата - да води разговори со рускиот претседател без резултат.

Макрон и Драги телефонираат со Путин, Меркел доаѓа лично

Добро, можеби зад затворени врати имало некакви договори во врска со Авганистан, за кои не се сака да се зборува гласно. Зашто, Русија има добри врски со талибанците и нечепната амбасада во Кабул, која би можела да им пружи дипломатски или логистички услуги на Германија или ЕУ, особено при евакуацијата на локалните соработници. Но, за тоа можеше да се разговара и преку телефон, како што тоа го направија францускиот претседател Макрон и италијанскиот премиер Драги - двајцата телефонираа со Путин ден пред посетата на Меркел.

Gurkov Andrey Kommentarbild App

Андреј Гурков

Освен тоа, Авганистан како тема беше дополнително додадена на агендата за разговори, зашто во времето кога посетата беше планирана и најавена, во преден план беа други проблеми: конфликтот во источна Украина, состојбата во и околу Белорусија, забраната на три германски невладини организациии во Русија и одржувањето на транзитот на гас низ Украина по завршувањето на Северен тек 2, тема, која како што се слуша во Берлин, ѝ била особено важна на канцеларката. Таа само два дена по посетата на Москва замина за Киев (22.08).

Нема приближување за клучните прашања

Но, за ниту едно од овие прашања не беше соопштено дека е постигнато приближување, а камоли да е најдено решение. Напротив, на прес-конференцијата се зацврсти впечатокот дека ставот на Путин станува сѐ поцврст и понепопустлив и дека тој надворешнополитички стреми сѐ помалку кон компромиси и сака да ја спроведе својата линија, онака како што прави и во руската внатрешна политика.

И, така, се чини дека Меркел не постигна ништо во Москва, ништо што би ѝ помогнало за преговорите со украинскиот претседател Зеленски кои потоа следуваа. Наместо тоа, итриот тактичар Путин со своето јавно изречено „молам“ канцеларката во Киев да изврши притисок врз тамошното раководство по прашањето на Договорот од Минск (мировниот процес за источна Украина), дури и ја ослабна нејзината преговарачка позиција, зашто тој со тоа вешто ја претстави како некој вид застапник на руските интереси.

Горчливо назадување по прашањето на транзитот на гас

Особено горчлив за канцеларката е чекорот назад по прашањето на продолжување на транзитот на руски гас преку Украина. Прашање за кое уште во јули нашироко дискутираше со американскиот претседател Бајден. Гаранција за задржување на овие испораки би требало да го намали, па дури и совлада украинскиот, американскиот и источноевропскиот отпор кон гасоводот Северен тек 2. Зашто, ако Русија продолжи да пумпа гас низ соседната земја, Украина не само што ќе задржи важен извор на приходи, туку ќе си обезбеди и извесна заштита од можна руска агресија.

Но, Путин вешто ја заврте работата и ја изигра канцеларката. Тој уверуваше дека ќе бидат исполнети сите обврски од договорот за транзит до 2024 година, но што потоа ќе се случува зависи од тоа „колку од нашите европски партнери“ ќе купуваат во Рурија. Со тоа шефот на Кремљ демонстративно ја стави судбината на транзитот низ Украина во рацете на ЕУ: колку повеќе таа во иднина нарачува кај Газпром, или со други зборови - колку побавно таа напредува со напуштањето на гасот како гориво, толку се поголеми шансите за Киев да добие дел во испораката. Предност сепак ќе има модерниот гасовод Северен тек 2, нагласи рускиот претседател, зашто тој бил поеколошки од стариот украински систем на транспорт на гас.

На Германија ѝ е неопходен нов концепт во политиката кон Русија

Посетата, како што се очекуваше, не промени ништо ниту во врска со судбината на затворениот руски опозиционер Алексеј Навални. Меркел повторно побара негово ослободување, Путин повторно не го спомна ниту по име и го оцени како криминалец. Се останува во дијалог, ако така може да се каже. Велика Британија и САД на годишнината од нападот со отров врз Навални барем донесоа санкции против соработниците на руските тајни служби вмешани во нападот. Канцеларката во својот куфер немаше ништо слично.

Наспроти сите вистински и вербални цвеќиња кои на Меркел ѝ беа подарени во Москва, наспроти нагласената помпа со која беше декорирана нејзината проштална посета на Путин, ова патување недвосмислено покажа дека германските работи и интереси наидуваат на сѐ помал одзив кај автократот во Кремљ. Тоа значи дека ова патување на крајот на ерата Меркел веројатно означува и крај на една политика чија суштина е во основата на мантрата „да се остане во дијалог со Русија“. На Германија ѝ е неопходен нов концепт на политиката кон Русија, во кој во преден план нема да биде зборувањето, туку остварувањето на определени реални цели.