1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фотографија: picture-alliance/dpa/Stephan Jansen

Меркел под притисок поради шпионирањето

Б. Георгиевски/ртр/дпа/афп
30 април 2015

Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие ги отфрла обвинувањата дека и‘ дозволил на НСА да шпионира европски фирми преку мрежата во Германија. Опозицијата бара одговорност.

https://p.dw.com/p/1FHuk

Опозицијата во Германија ја обвини владата на канцеларката Ангела Меркел дека со години „лажела“ околу информациите кои американската служба НСА ги добивала од германската служба БНД. Обвинувањата се темелат на медиумските извештаи дека Кабинетот на канцеларката, кој ја надгледува работата на БНД, со години ги затворал очите пред шпионирањето на НСА на германски и европски компании во замена за добивање антитерористички информации од Вашингтон.

Де Мезие, кој беше шеф на кабинетот на Меркел од 2005 до 2009 година, тврди дека обвинувањата се неточни и можат да бидат побиени со документи, но тие мора да останат тајни. Сепак, тој изрази подготвеност да ја објасни фактичката состојба на затворена седница на комисијата на Бундестагот која ја надгледува работата на БНД, како и пред специјалната комисија која го истражува прислушувањето на БНД.

Опозициската Партија на Левицата бара оставка од Де Мезие по објавените информации во весникот Билд кои сугерираат дека НСА го шпионирала Ербас преку станица на БНД. Дополнително, дел од објавените информации во медиумите наведуваат дека функционери на БНД и‘ помогнале на НСА да ја шпионира канцеларијата на францускиот претседател, министерството за надворешни работи во Париз како и Европската комисија.

Опозицијата бара оставки

Антон Хофрајтер од опозициската Партија на Зелените критикува дека БНД дозволила да стане филијала на НСА и тоа мора да престане. „Или БНД под канцеларката Меркел целосно излегло од контрола, или владата ја лажела јавноста“, вели Хофрајтер. Партијата на Пиратите најави дека ќе поднесе кривична пријава против Кабинетот на канцеларката и против функционери на БНД. Доколку Кабинетот знаел за шпионажата на НСА, тогаш тоа се граничи со велепредавство, смета Јоахим Паул, покраинскиот лидер на Пиратите во Северна Рајна Вестфалија.

Bundestag Sitzung Debatte Untersuchungsausschuss Euro-Hawk
Томас де Мезие и Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Аналитичарите очекуваат дека Меркел ќе му остане лојална на Де Мезие, кој и‘ е еден од најблиските соработници со децении.

„Меркел нема да дозволи тој да биде жртвуван“, вели Геро Нојгебауер, политиколог од берлинскиот Слободен Универзитет. „Таа го познава од почетокот на кариерата и отсекогаш си биле многу лојални еден на друг. Таа ќе биде на удар доколку тој замине“.

Извори во Кабинетот на канцеларката велат дека нејзината популарност не ѝ остава многу простор за напад на опозицијата, па дури ни на коалициските партнери - социјалдемократите. „Оттука, ако не можете да ја нападнете канцеларката, нормално е дека ќе се обидат да удрат по некој од нејзиното најблиско опкружување“, вели извор во владата за агенцијата Ројтерс.

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Од СДСМ посочуваат на „можноста за проширување на мнозинство, со приклучување на АА, покрај постојните политички партнери“

Отворена врата за АА, диференцирање од ВМРО-ДПМНЕ и Левица

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница