МВРО-ВМРО изврши пуч на уставниот поредок | Македонија | DW | 28.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МВРО-ВМРО изврши пуч на уставниот поредок

Се бараат кадровски смени во МВР, негово департизирање и раскинување на врските со подземјето. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека зад маскираните насилници се кријат „дел полицајци, дел бандити“

„Обид за убиство со план и умисла“. Вака лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го оцени синоќешното насилство фокусирано врз точно таргетирани лица од парламентарното мнозинство, и обвини дека негови поттикнувачи се Никола Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Вељаноски и Митко Чавков. Во директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој е и раководител на оперативниот штаб на полицијата, прстот го впери и министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Тој сооопшти дека Чавков не му бил достапен од ескалацијата на состојбите се до 20 часот, а не бил присутен ни таму каде што требало да биде - во оперативниот штаб. Нухиу ги осуди синоќешните настани во Собранието и обвини дека дел од структурите на МВР се уште се под политичко влијание и дека не ја завршиле работата, за што ќе мора да сносат одговорност.

Поврзани со подземјето

Ваквите состојби не се изненадувачки за безбедносните експерти.

„Вчерашните немили настани во Собранието само го покажаа вистинското лице на една структура која долг период ја силува државата'“, вели Владимир Пивоваров, поранешен шеф на военото разузнавање. Тој го посочи МВР како партиска институција која спроведува партиски задачи.

„Вчера полицијата беше соучесник во вандализам и дозволи да се случат многу кривични дела обид за убиство, а за ова Јавното обвинителство 'громогласно молчи'.  Со еден збор, вандализам - кој беше добро испланиран и спроведен. Ме зачудува како најнасилни лица беа оние кои подолг период се бараат со потерници за сторени тешки кривични дела. Дали ова е таа нишка помеѓу политиката и подземјето, која подолг период беспрекорно функционира? Инаку, полицијата е скапа институција, ги чини граѓаните многу пари, а нејзини заложници се токму граѓаните. Министерот за внатрешни работи само ја потврди болната вистина, која укажува дека партизираните структури во МВР не почитуваат ни Устав, ни закон. Затоа, основна заложба на новата влада треба да биде департизација, како основа за професионализација на МВР, но и на други институции“, дециден е Пивоваров.

Министерот Нухиу денеска изјави дека „чувствува морална одговорност што во изминатите четири месеци додека е министер, не успеал да го оттргне влијанието на политичките структури врз МВР.

„Затоа ќе барам мое повлекување, но ве уверувам дека ќе направам се за создавање услови за мирен трансфер на власта, а за вчерашните настани ќе барам кривична и морална одговорност од раководните структури на МВР и од Оперативниот штаб“, рече министерот.

Итни кадровски смени

За итни промени во МВР денеска се изјасни Демократскиот сојуз. Побара Владата да направи кадровски промени, поради колапсот на виталната безбедносна институција и вмешаност на високи раководители во насилното сценарио.

„Се работи за сценарио за целосна дестабилизација на државата, суспендирање на највисоките државни институции и парализа на системот за безбедност. За ваквата состојба со тешки последици за граѓаните и државата, најголема вина сноси државно-политичкиот врв, како и функционерите од МВР. Наместо партиски, Владата да назначи врвни професионалци кои ќе раководат со Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање и други функционери кои ќе раководат со полицијата“, вели лидерот на оваа партија и поранешен министер за внтрешни работи, Павле Трајанов.

ДС побара политичка и кривично-правна одговорност за иницијаторите, организаторите и директните учесници во крвавото и насилничко сценарио кое ги поткопа темелите на државата, нанесе огромна штета на демократијата и ги вознемири граѓаните.

Точно одбрани мети

Партиското влијание врз полицијата беше видливо за сите што вчера сведочеа на насилството и нереагирањето на полицијата во првите два часа.

„Она што го видовме во Собранието, може да се опише како типичен пример за дејствување на трансформираните стари служби во современиот општествен систем, преку партии и институции“, оценува професорот Ненад Новковски.

„Показ за тоа е начинот за дејствување на групата граѓани која не дејствуваше како толпа водена од определени уверувања, туку како група управувана на структуриран начин, од организиран систем. Последново јасно се гледа од начинот на постапувањето кон специфично одбрани мети. Така, спротивно на очекуваното дејствување во толпа, кога главно настанува материјална штета на објекти и повреди на полицајци на должност, овде како мети биле утврдени точно оние лица од политичката елита кои дадоа најголем придонес во реализацијата на промената на власта и дејствата беа спроведени врз тие лица. Како што констатираше министерот за внатрешни работи, 'дел од структурите во МВР синоќа не си ја завршија работата, за што ќе мора да сносат одговорност'. Тоа укажува дека одредени структури во безбедносните органи се покоруваат на други командни линии, надвор од официјалната командна линија на МВР“, констатира Новковски.

Како посебно изразен пример за неизвршување на задачите кои се должност на полицијата, тој го посочува непреченото пропуштање на маскирани лица во Собранието. Лидерот на СДСМ, одговарајќи на новинарски прашање, изјави дека „зад маските се кријат дел полицајци, дел бандити“.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама