Марш за женските права во Скопје: „Сакаме права, а не цвеќе“
8 март 2022„Не ни треба цвеќе, сакаме права“ - ваква порака испратија денеска на маршот за женските права којшто по повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март се одржа во центарот на Скопје. Бројни активисти носејќи транспаренти „Стоп за економското насилство врз жените“, „На жените им треба работа“, порачаа дека и покрај тоа што сочинуваат половина од населението, жените во Северна Македонија не учествуваат подеднакво во носењето на одлуки.
Маршот се движеше од Влада до паркот Жена борец. Маршот за женски права традиционално се одржува веќе шеста година по ред. Годинава, Платформата за родова еднаквост го организираше под мотото „Сиромаштијата има женско лице“. Учесниците на маршот побараа итно усвојување на стратегијата за родова еднаквост, донесување на Закон за родова еднаквост, воведување функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките и постапување со должно внимание со жртвите на родово базирано насилство од страна на институциите.
Последиците од пандемијата
„Овој 8 Март протестираме против системски овозможената сиромаштија која има женско лице“, вели Бојана Јовановска од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според активистите, женската сиромаштија е овозможена од системот, а продлабочена како резултат на двегодишната пандемија со ковид-19 и нејзините последици.
Жените беа и се уште се во првите редови во давање одговор на кризата како здравствени работнички и негувателки во домот, наставнички, хигиеничарки, продавачки. Но, истовремено претставуваат и најголем дел од работниците кои беа и се најмногу изложени на вирусот Ковид -19, но и на негативните социјални и економски последици кои тој ги предизвика.
„Овој 8 Март го одбележува Маршираме бидејќи држава во која жените не се вклучени како еднакви, е држава во која нема напредок. Општество во кое жените се невработени и преработени, незаштитени, виктимизирани, објективизирани и лишени од своите права, е сиромашно општество“, рекоа од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Јана Коцевска од Мрежата за заштита од дискриминација, вели дека во Северна Македонија се вработени помалку од половина од жените на работоспособна возраст. При тоа, разликата во стапката на невработеност меѓу мажите и жените е речиси двојна поголема од европскиот просек и една од највисоките во Европа.
-повеќе на темата: Може канцеларка, не може менаџерка
„Токму затоа, денес сме тука да порачаме дека оваа борба и овој ден е за сите нас, и тоа за еднаков пристап до социјално здравствени услуги. За еднаков пристап до јавен превоз и информации. За еднаков пристап на пазарот на трудот, за подеднаква грижа за децата и повозрасните членови во семејството. За политичко учество на жените во општеството и за родова еднаквост која што ќе биде видлива во секој чекор и во секое домаќинство, и коешто ќе ги извади од сенката на невидливоста жените еднаш засекогаш“, истакна Коцевска.