Мала трансмисија на ковид меѓу учениците и уште помала стапка на вакцинирани | Северна Македонија | DW | 23.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мала трансмисија на ковид меѓу учениците и уште помала стапка на вакцинирани

Вакцинацијата на младите на возраст од 12 до 17 години досега бележи минорни резултати. Целосно вакцинирани се помалку од 3 отсто од учениците. Филипче најавува скрининг во училиштата.

Северна Македонија Училиште Ковид

Pрва доза вакцина против Ковид-19 досега примиле само 4.753 ученици

Ни три отсто од младите на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија досега не се вакцинирале целосно против коронавирусот, покажуваат податоците на Министерството за здравство. Вакцинацијата на децата над 12 години во земјата започна на 19 јули годинава со вакцината на Фајзер/Бајонтек. На почетокот веќе беа пријавени околу 1.800 деца, од кои најголемиот дел беа од Скопје. Оттогаш досега целосно се вакцинирале уште околу 2.000 малолетни жители. 

Министерот Венко Филипче во четвртокот најави дека ќе почне да се спроведува скрининг на учениците во основните и средните училишта во државата поради „мала трансмисија“ на вирусот. Идејата е преку брзи антигенски тестови да се направи скрининг поради тоа што децата многу често се и асимптоматски носители на Ковид-19. Методологијата се уште не е презентирана, но министерот најави дека во секој случај ќе се бара согласност и од родителите. 

Венко Филипче

Министерот Филипче во четвртокот најави дека ќе почне да се спроведува скрининг на учениците во основните и средните училишта

-повеќе на темата: Вакцинирање на децата против коронавирусот– секоја земја со свои препораки и правила

Во земјата досега целосно се вакцинирани 3.752 деца и млади на возраст од 12 до 17 години, а опфатот е 2,7%. Министерката за образование Мила Царовска информира дека на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици.

Нешто повеќе од половината од оваа бројка- над 135 илјади- се на возраст меѓу 12 и 17 години, но од нив прва доза вакцина против Ковид-19 досега примиле само 4.753 ученици или вкупен опфат од 3,5%. Добрата вест е што над 72% од наставниот кадар досега е вакциниран, како што рече Царовска. 
На ниво на државата, досега се вакцинирани околу 37 отсто од жителите.  
Филипче најави дека се планира и трета доза вакцини за сите граѓани постари од 60 години, здравствените работници и пациентите кои имаат трансплантации, на дијализа или имаат имунокомпромитирана здравствена состојба. Тие групи граѓани ќе добиваат ткн. бустер доза 6 месеци по извршена комплетна вакцинација. 

 

DW.COM