Македонски иредентизам и сепаратизам | Северна Македонија | DW | 29.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонски иредентизам и сепаратизам

За разлика од еднодимензионалниот иредентизам на Албанците вперен кон матицата Албанија, иредентизмот кај Македонците е двонасочен: eдниот политички-профитабилно контролиран, вториот егзистенцијално-идентитетски спонтан.

Повозрасните сами ќе разберат и ќе се потсетат. Додека пак на помладите треба да им се пренесе дека своевремено – пред четириесетина години – кованицата за албанскиот иредентизам и сепаратизам со години беше тема на насловните страници на печатот и воведни минутажи на електронските медиуми. Катадневно читавме дека тој и оној, таа и онаа се осомничени и осудени за делување од позиции на албанскиот иредентизам и сепаратизам; за борба против албанската иредента и сепаратисти; иредентистички и сепаратистички ставови на Албанците. Стотици лица беа осудени под наведениот сомнеж, илјадници идео-политички диференцирани и оставени без работа под најапсурдни изговори. Иредентизмот и сепаратизмот своевремено беше синоним за Албанците, онака како што денеска се користи тероризмот за муслиманите и професионалноста за Македонците.

Многумина од засегнатите дури на суд дознаваа што се подразбира под двата термина за кои беа осудувани. Првиот, иредентизмот, кој според македонскиот дигитален речник, подразбира Движење и тенденција на малцинствата да се присоединат кон земјата матица заедно со териториите каде што живеат во друга земја. Вториот, сепаратизмот, дефиниран како стремеж на национално малцинство кон одделување во самостојна држава или автономна област. Терминологијата подоцна ќе се надгради, прошири и заокружи со сеопфатниот акузатив на стремење кон Голема Албанија.

Четириесет години подоцна, поточно денес, феномените на иредентизам и сепаратизам се повторно актуелни како процеси, но со далеку помалку и никакво медиумско покривање и – скраја да е – судски и политички шиканирања на пропонентите на истите. Но овој пат, иредентизмот и сепаратизмот се составен дел на политичкиот курс и дискурс на македонската заедница. Но како и во случајот со Албанците претходно, и денес станува збор за претпоставени тенденции кои не се дел од отворениот политички вокабулар во политичката каста и во јавноста. Неискажани два термина со длабоко влијание врз внатрешните во и надворешните односи на земјата.

За разлика од еднодимензионалниот иредентизам на Албанците вперен кон матицата Албанија, иредентизмот кај Македонците е двонасочен: eдниот политички-профитабилно контролиран, вториот егзистенцијално-идентитетски спонтан. Првиот „вакционално” ориентиран кон блискоста со Србија или наклонетоста кон носталгијата за реставрација на Југославија, диктирана од интересот на привилегирани лица и кругови со богат историјат на политичко-безбедносна-економска поврзаност со националниот или федералниот Белград. Вториот ориентиран кон Бугарија поради пасошко-идентитетските врски и бивањето на вечно идео-политички диференцирани од елитните просрпски и пројугословенски кругови на тнр. скопска елита и авангарда. Што се однесува до сепаратизмот, тој претежно и засега фокусиран врз одделувањето од Албанците и како такво е една од ретките (ако не и единствена) консензуална спона на усогласеност помеѓу двете иредентистички струења.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Тавук и Авго

-Да беше само Јанша...

-Приказна за две села

Спротивно на доминантните размисли и кваликфикативи за една партија како про-Белградска и друга како про-Софиска, во реалноста линијата на двата иредентизми подеднакво минува низ срцевината на двете најголеми партии на Македонците, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Банализирањето и бришењето на идеолошките базаменти на двете партии како и доминацијата на клиентелизмот имаат создадено простор во кој токму иредентистичките дискрепанци создаваат нова линија на поделба. Која минува низ раководствата и ченствата на двете партии, создавајќи нови динамики на натпартиски фузии и физии, поделби и обединувањи, околу ориентацијата кон северните и источните гравитациони центри, навор од вообичаените партиски магнетни полиња.

Таа линија на поделба деновиве најлесно се забележува како аура на „случајот Стојко и Радмила” како обединувачка енергија на про-белградските струења подеднакво од СДСМ и ВМРО. Предводени од докажани ликови и политичари со благонаклонет став кон Србија или носталгија за Југославија, традиционални врски со разузнавањето, политиката, медиумите и економијата (службена и шверцерска). Нивната доминација врз медиумскиот простор обезбедува привид на масовна популарност и прифатливост на нивниот иредентистички курс. Кој, да не заборавиме, е легитимно-легалистички цементиран во самиот темел на опционалната независност преку двосмисленото референдумско прашање токму по заслуга и „визионерство” на оваа групација. Но во позадината на хистеричната медиумска кампања и тенко проектираната популарност кај граѓаните, всушност се крие стравот и паниката од губење на ионака се потенкото влијание и доминација врз и во државниот апарат. Животната зрелост на таа групација исто така е фактор на нервоза и неизвесност за подршката од ионака се помалубројната млада популација. 

Другата иредентистичка струја, наводно про-Софиска е навидум предводена од Зоран Заев и неговите конфиданти Љубчо Георгиевски, Владо Бучковски. Велам навидум бидејќи основицата на таа енергија е повеќе спонтана, раштркана, егзистенциално диктирана и интимно ориентирана, без некаков внатрешно координирано осмислување. Улогата на Зоран Заев пак, за разлика од Георгиевски, е повеќе определена од неговиот пазарно-политички профит на часот и источно-македонскиот презир кон скопската елита, отколку што е отворено про-бугарски или про-српски вдахновена. Таквата поставеност на Заев може да наличи како добра подлога за градење на факторот кој недостасува во оваа наратива, а тоа е про-македонскиот корпус на автентично, неантагонистичко и еволуционарно македонство. Но во дискурсот на Заев таквиот интра-македонизам е строго диктиран, резервиран и определен од фокусирање врз соработка помеѓу СДСМ и ВМРО како партии, несвесен дека тој самиот (заедно со Христијан Мицкоски) ја има обесмислено партиската поделба како стандард на политичката сцена. Како веќе укажавме, линијата на нова поделба е исцртана од некои ддруги фактори и на сметка на нивната расклатена доминација во сопствените партиски водства и етнички корпус. 

Фингираната партиска поделба и фактичкиот ориентирен расчекор е и поводот за смрзнатите процентуални салда на двете партии и тврдоглавото опстојување на високиот процент на неопределни. Можеби не како доминантен повод, но несогласувањето на добар дел од неопределените со политиките на двете партии е секако мотивирано и од непрепознавањето на искрена енергија, намера и желба за градење позитивна агенда лишена од омраза кон внатрешни или надворешни соседи. СДСМ некогаш и ВМРО денеска, се сеуште опчинето опседнати со носталгични ревитализации на сопствените славни мината (од ерата Црвенковски и ерата Груевски). Несвесни и премногу уплашени да си признаат дека таквите „славни денови” помалку се должеа на нивните  „маестрални политики и способности” а повеќе – всушност, целосно! – на надворешните фактори и надминати околности. Заев, пак, имаше златна шанса да ја надмина таа духовна умртвеност и понуди нова, одржлива, убедлива, мотивирачка формула за еволутивна надградба на етно-македонската политика и нео-унитарна инклузивна рамка. За жал, ефтините дневно-политички финти со моно-етнички дружби ниту ја убедија македонската, ниту пак ја растревожија албанската страна. На која и е сосема јасно дека во отсаство на досегашните тензии диктирани од "пишување ЕУ извештаи напролет” и "очекување ЕУ извештаи наесен”, новата календарска политика е диктирана од шест месеци бугарофобија и шест месеци албанофобија.

Во меѓувреме, упатно е да македонските политички водства не се претегнуваат во обвинување на Хрватска, Србија или Албанија за нивните „големи проекти”. За разлика од Босанците, политиките на СДСМ и ВМРО не се негација на таквите проекти, туку модифицирани верзии согласно можностите и внатрешните реалности. Всушност, токму поведенијата на СДСМ и ВМРО во нивните „златни години” се причина за повнимателно читање на нон-пејперите кои кружат низ регионот. Читање кое дава причина да се запрашаме дали вистинската апсирација во позадина на истите е создвањето на Големи Албании, Србии, Кроации или пак на репликации и мултипликации на на Мали Србии, Мали Кроации и Мали Албании во сите држави на постјугословенската лакрдија? Компромитираната граѓанштина на СДСМ како закрила за етно-националистичка системска доминација, како и концептот „Република Македонска” на ВМРО-ДПМНЕ се вариации на истата тема како и нон-пејперите, но со далеку поперфидна елаборација потпомогната од делумно наивните идеализми и делумно пакосните егоизми на надворешни фактори.

Номиналните водства на СДСМ и ВМРО, подеднакво како и клановските иреденти во двете партии, не успеваат да ја разберат погубноста на нивните поведенија во очите на меѓународната заедница. За што, при толку кафеански дружења, упатно би било да ги консултираат колегите Албанци, како паталци децениски држени на мраз и леб-и-вода. Се додека преку Тиранската Платформа не се усогласија и со потпис согласија дека иднината ќе ја бараат и ќе ја најдат во и единствено во Македонија и во договор со Македонците. Искуствата на македонските политичари со изолацијата и игнорирањето е сеуште во повои, свежо, ново. Треба да им се даде можност да ги разберат пораките. Со тек на време и уште пообилни грч-студени тушеви, сетики и тие ќе ја увидат скапата политичка цена и националната погубност на сопствените иреденти и сепаратизми. Така ли е Мендух, кажи им ...