1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски водвиљ или трагедија

20 јули 2019

Катица Јанева е веќе линчувана затоа што потклекна. Но овој случај отвора други поголеми прашања на кои обвинителството молчи – на пример, од каде ги собирал 1,5 милиони евра сведокот-жртва

https://p.dw.com/p/3MMTn
Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Џефри Епштајн е богат човек. Многу богат човек. Богатството на американскиот финансиер е проценето на 560 милиони долари. Неговата куќа на Мехетен во Њујорк вреди 56 милиони долари. Овој богат човек сега е во затвор поради трговија со малолетнички кои сексуално ги искористувал. Во 2008 година беше осуден за 13 месеци затвор за истите кривични дела и е официјално заведен како сексуален престапник. Во претресот во неговата куќа на Менхетен полицијата најде илјадници фотографии на малолетнички. Не е познато колку од нив биле злупотребени и искористени во синџирот на продавање и купување. Обвинителите во својата истрага наведоа дека Епштајн им понудил 350.000 долари на две жртви да не сведочат против него. Неговите адвокати поднесоа барање до судот да биде пуштен со кауција во куќен притвор и чуван од полиција, наведувајќи ја вредноста на наговата њујоршка куќа. Тие предложија Епштајн да биде префрлен во куќен притвор  во скапиот пансион кој е ставен во залог, тврдејќи дека нема опасност од бегство на нивниот клиент.
Во четвртокот, федерален судија од Њујорк ги отфрли нивните барања и нареди Епштајн да остане во притвор до почетокот на неговото судење. Судијата ја образложи одлуката со зборовите: „Се сомневам дека каква било кауција ќе може да ја надмине опасноста за заедницата“. Епштајн на судењето ќе се соочи со фактот дека некои од неговите жртви имале само 14 години.
Во октомври 2016 година, на еден месец пред изборите, претседателскиот кандидат Доналд Трамп, преку неговиот тогашен адвокат Мајл Коен (кој сега е во затвор) го купи молчењето на порно актерката Сторми Даниелс и поранешниот модел на „Плејбој“, Карен Мекдугал, за неговите афери со нив за 280.000 долари.  Белата куќа подоцна ги отфрли сите нивни тврдења дека сегашниот претседател имал афери со нив, а уште помалку дека биле исплатени, иако адвокатот Коен во процесот опиша како одело плаќањето.
Бојан Јовановски, алијас Боки 13, наводно искамчил од Јордан Камчев 1,5 милиони евра за да го употреби своето влијание во Специјалното јавно обвинителство за разводнување на случајот „Империја“. Обвинителите велат дека Боки 13 барал осум милиони евра за таа негова „услуга“, но дека работата се изјаловила по првите две исплати во кеш. Какви се овие приказни со толку големи пари во најсиромашната земја во Европа? Како некој се осмелува да побара толку многу пари, а друг да даде милиони за случај чија истрага привремено ја запре Врховниот суд со своето контроверзно начелно мислење. Некои велат дека е можно некое поточе од парите да се слеало и кај врховните судии за таквата одлука. Но кој би поверувал во тоа кога одлуката на судиите беше едногласна. Овие податоци се поспектакуларни од драматичното паѓање на Катица Јанева. 
Дали Македонија е во посед на неколку барони кои лесно даваат огромни пари за да не почнат ни процеси против нив за кои не се знае како ќе завршат. Милионерот Епштајн понудил 350.000 долари за да го купи  молчењето на двата клучни сведоци против него за да не оди во затвор, а овде 1,5 милиони евра не се никаков проблем. А дури отпосле работата станува сомнителна.
Македонски барони
Македонија има голем проблем, кој овој случај го претстави на дланка. Обвинителката Вилма Русковска на драматичната прес-конференција зборуваше за сведокот кој бил жртва, но за неа како да не претставуваше никаков проблем што треба да се истражува од каде му се тие 1,5 милиони евра на тој што сакал да го купи олеснувањето или откажувањето на обвинението. Обвинителите се вклучуваат во случајот откако биле направени тие две исплати. Ако не се поминати тие 1,5 милиони евра низ платниот промет, тогаш од каде се слеваат во кеш толку пари, а после треба да се дадат уште најмалку три пати по толку. Ако пак се извлечени од банките, тогаш дали имало известување дека некој подига толку пари од сметките. Зошто обвинителите не се интересираат за тоа? 
Кога Никола Груевски избега од Македонија едно од главните прашања беше зошто СЈО и другите органи не реагирале на известувањето од банките дека поранешниот премиер два месеци пред бегството подигнал 200 илјади евра. Банките ги завршија своите обврски, обвинителите и другите органи, намерно, случајно или од немарност, не обрнаа внимание на тоа. Дали во овој случај имало известување од банките за таква трансакција. Има две-три објаснувања за оваа дилема и на нив треба одговори да побара обвинителството: дали сведокот-жртва кој е осомничен за криминал од големи размери, извадил толку многу пари од банкарските сметки, а тоа никој не го пријавил (каде е тука одговорноста на банката за вакво прикривање); дали банката доставила такво известување, а во некоја институција на прогонот тоа било оставено во фиока; и ако немало ништо од тоа како некој поединец има толку пари во кеш и како стигнува до нив.
Катица Јанева е веќе линчувана, нејзината приказна е завршена со масивно посрамотување, дури и ако обвинителите не покренат случај против неа. Ако покренат, не е неможно да заврши в затвор. Ако е се онака како што се грми по социјалните мрежи и медиумите, тогаш овој случај е феноменална приказна за сценарио кој дури би заслужил и еден холивудски блокбастер – како изгледа кога ќе се качиш на Монт Еверест и потоа ќе пропаднеш во подводната пештера на Матка.
Симболот на источноевропската борба против корупцијата во високите политички и судски ешалони, Романката Лаура Ковеси, откако беше сменета од сегашнава власт во Букурешт, затоа што ги гонеше нејзините најистакнати првенци за криминал, сега е во најтесниот избор за новата функција европски јавен обвинител. Тоа е највисокото место што може да се добие во Европа. Владата на нејзината земја е целосно против неа и лобира низ сите престолнини да не биде избрана на финалното гласање во Европскиот парламент. Дури отвори и истрага дека наводно направила злоупотреба на нејзината функција. Пред конечното гласање останаа само двајца кандидати, еден француски обвинител и Ковеси. Пред некој ден, партијата на францускиот претседател Емануел Макрон објави дека заедно со групата либерали ќе го поддржи изборот на Ковеси во Европскиот парламент, а не на нивниот сонародник. Тешко дека ќе можете да најдете таков случај, дури и во ЕУ, кога една важна партија му дава предност на друг кандидат, а не на нивниот  сограѓанин. 
Лаура Ковеси беше во Скопје кога најмногу му требаше поддршката на Специјалното јавно обвинителство. Нејзината колешка, Катица Јанева, тогаш беше на врвот на славата. Потклекнувањето изгледа дошло подоцна, кога не знаела да се носи со својата моќ и кога судот стана поотворен со процесите што ги отвори СЈО. Секогаш е мистерија кога доаѓа оној момент кога важните луѓе потклекнуваат – веројатно тоа е поврзано со ситуацијата на чувството на семоќност и неможноста да се оценуваат сопствените постапки. Блиските дружби со личности како контроверзниот Боки 13, за кого не се знаеше од каде доаѓаат неговите приходи, ја донесоа на линијата на поразот – свесно или несвесно, сеедно. Тоа го трасираше нејзиниот пат кон поразот. Дали од тој пораз сакала да извлече и некоја корист, засега може само да се нагаѓа. Но нејзиното бегство од јавноста веќе е доволен знак дека драматично ја прокоцка шансата на својот живот, а притоа му врза неколку тешки камења на обвинителството кое беше синоним за надежта.
Воени профитери
Во овој водвиљ или трагедија, како сакате да го перцепирате, многумина, како воени профитери сакаат да извлечат што е можно поголема корист. Првенците на ВМРО-ДПМНЕ би сакале овој скандал да биде завршен удар за институцијата за да може партијата и многу нејзини членови да се вратат како воскреснати. Не е неможно тоа да се случи. Но она што го зборуваше Христијан Мицкоски по објавата на Вилма Рускоска е повеќе загрижувачки отколку што изгледа политички опортуно. По „Кацарска судството“, поради затворските казни за крвавиот упад на 27 април во Собранието, сега тој го употреби атрибутот „Русковска обвинителство“. Можеби за него единствено вистинско што може да одговори на партиските перцепции е „Зврлевски обвинителство“.  
Пострашното е што тој го кажа ова: „Првиот чекор веднаш треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови за оваа мерка...“ Така дознавме дека човекот кој самиот себеси се претставува како експерт за енергетика и математика наеднаш станал и правен стручњак. Но да ја оставиме настрана себеперцепцијата. Повикот на еден политички лидер веднаш да биде притворен некој кој не е ни осомничен е опасно, многу опасно размислување и желба. Ако тој како опозиционер го бара ова без одлагање, што би се случувало кога би бил на врвот на власта. Некому тоа може да му изгледа како обична политичка реторика, но овој повик на Мицкоски помина неколку граници и можеби не би било чудно доколку биде премиер тоа да го побара од обвинителите и судовите за некои други случаи. Во неговата огромна желба што е можно побрзо да дојде на власт не може да ги контролира зборовите. На еден професор заљубен во своето знаење, тешко е да му се каже дека некаде греши, а тој не може или не сака да го види тоа. Македонија навистина има голем проблем – овие што владеат ја загубија приказната што ги донесе на власт, а оние што се надеваат дека ќе се вратат покажуваат авторитарна нестрпливост, па дури и се потсмеваат на самите себеси дека кога ќе дошле на власт „ќе ја вратат правната држава“.
И најпосле – за коинциденциите во политиката, но во различни околности. Кога Високиот изборен совет на Турција под огромен притисок на претседателот Таип Ердоган ги поништи изборите во Истанбул од 31 март канидатот на опозицијата, Екрем Имамоглу, одеше низ целиот мегалополис да им пренесе една порака на неговите жители, која беше стокмена во куса реченица: „Не секирајте се, се ќе биде во ред“. И така и се случи. Не помогна ниту огромниот притисок на машинеријата на партијата на Ердоган и на повторното гласање разликата од 13.000 гласа се зголеми на 800 илјади. Победа без преседан, најмногу благодарејќи на една едноставна порака. Христијан Мицкоски сега тврди дека Зоран Заев и ги кажал истите зборови на Катица Јанева: „Не секирај се, се ќе биде во ред“. И тоа пред да бидат поништени изборите во Истанбул. Некој би можел да разбере дека Заев му го посочил слоганот на опозиционерот Имамоглу? А друг би рекол дека Мицкоски пак е многу невнимателен, па дури и прозаичен, кога цитира слогани како што беше оној дека било најтемно пред зората. Во политиката често не се потребни само силни зборови, туку некогаш може да биде посилно и она што не се кажува.    

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
„Дали на Мицкоски му одговара само ’Зврлевски обвинителство’“Фотографија: DW/P. Stojanovski
Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje
Секогаш е мистерија кога доаѓа оној момент кога важните луѓе потклекнуваат?Фотографија: DW/P. Stojanovski
Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski
Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема